Нема линк меѓу ХААРП програмата, коронавирусот, вакцините и климатските промени

Фото: pixabay.com - принтскрин колаж

Постот произволно тврди дека пандемијата на ковид била лажна, дека вакцините биле смртоносни и дека климатските промени се лажни, односно се прават со помош на системот ХААРП. Пандемијата и коронавирусот беа реални и однесоа многу човечки животи, менувајќи го начинот на живот на луѓето. Нема докази дека вакцините предизвикуваат смрт. Тврдењето дека климатските промени не постојат, дека се вештачки и дека за тоа е виновен ХААРП се дезинформација

Постот произволно тврди дека пандемијата на ковид била лажна, дека вакцините биле смртоносни и дека климатските промени се лажни, односно се прават со помош на системот ХААРП. Пандемијата и коронавирусот беа реални и однесоа многу човечки животи, менувајќи го начинот на живот на луѓето. Нема докази дека вакцините предизвикуваат смрт. Тврдењето дека климатските промени не постојат, дека се вештачки и дека за тоа е виновен ХААРП се дезинформација

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук кој содржи низа непоткрепени и лажни тврдења во врска со пандемијата на ковид-19, вакцините и климатските промени.

Како што бевте прочитани со лажната пЛандемија и смртоносните вакцини, така сте прочитани и за лажните климатски промени и Хаарпот.

Климата не е променета бре проклети сатанисти

Вие ја менувате каде и како сакате со вашето оружје, стои во објавата што ја анализираме.

Постот најпрво тврди дека пандемијата на ковид-19 била лажна, нарекувајќи ја „пландемија“. Ова е познат и широко распространет термин кој особено го користеа антивакциналните движења за време на пандемијата, ширејќи го наративот за некаков крајно непрецизен „план” за да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, но и да се измамат за да веруваат во „непостоечка пандемија“.

Вистиномер досега во многу наврати има пишувано дека пандемијата и коронавирусот не беа измислени, туку реални. Рецензиравме голем број на објави на социјалните мрежи кои пишуваа дека коронавирусот и пандемијата се измислени. За оваа теорија на заговор, за којашто нема никакви докази, не постојат ниту едни научни студии коишто го потврдуваат тоа. Напротив, овој вирус во светски размери и во нашата земја, одзема многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.

Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Со оглед на брзиот раст на бројот на заразени и на починати во многу држави, СЗО прогласи пандемија. Во нашата земја од почетокот на ковид пандемијата, заклучно со 18.10.2022 година, дијагностицирани биле  343.722 лица, а починале 9.554 (објавено на платформата arcgis.com (GDI), а врз основа на податоци од Министерство за здравство и Институт за јавно здравје).

Според Светската здравствена организација (СЗО) во С. Македонија, од 3 јануари 2020 година до 2 август 2023 година, има 348.374 потврдени случаи на ковид-19, а 9.941 смртни случаи.

Принтскрин СЗО

На глобално ниво, до 2 август 2023 година во СЗО се пријавени 768.983.095 потврдени случаи на ковид-19, а регистрирани се и 6.953.743 смртни случаи.

Принтскрин СЗО

Сите овие бројки не се само статистика, туку вистински луѓе. Неможно е да се манипулира со толкав број на заразени доколку ковид-19 не постоеше. Ширењето на вакви теории базирани на немедицински пристап, претставуваат опасност и се штетни за јавното здравје.

Понатаму, постот тврди дека вакцините против ковид биле смртоносни, без притоа да наведе конкретни докази и факти. Не е посочен ниту еден конкретен случај на смрт, кај кого е потврдено дека смртта се случила поради примена вакцина. Вистиномер и оваа лага ја има веќе дебанкирано.

Вакцините не ги убиваат, туку ги спасуваат животите на луѓето. Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцините против ковид-19  беа предмет на бројни тестирања и постојано се проверуваат. Овие тестирања опфаќаат лица од различни возрасни групи, од двата пола, од различни етнички групи, како и лица  со здравствени проблеми.

 

ХААРП е виновен за сè!

Постот, исто така, тврди и дека климатските промени биле лажни, односно климата не била променета туку „сатанистите“ ја менуваат со нивното оружје ХААРП. Ова е не точно. Климатските промени се научна докажана појава, а „озлогласениот“ ХААРП е една од најраспространетите теории на заговор во изминатите неколку години, кои често можат да се најдат на социјалните мрежи.

Дури 97 проценти од климатските научници ширум светот се согласуваат дека климатските промени се реални и водени од човековата активност. Во научниот свет тоа е консензус.

Научни докази покажуваат дека човечките активности (првенствено човечкото согорување на фосилни горива) ја загреале површината на Земјата и нејзините океански басени, што пак, продолжува да влијае врз клима та на Земјата. Оттаму, според повеќекратните студии објавени во рецензирани научни списанија,трендовите на затоплување на климата во изминатиот век се исклучително веројатни поради човечките активности. Покрај тоа, повеќето од водечките научни организации ширум светот објавија јавни изјави со кои ја поддржуваат оваа позиција. Тука може да најдете листа на овие организации, заедно со линкови до нивните објавени изјави и избор на поврзани ресурси.

Глобалното затоплување предизвикува зголемување на просечната температура на површината на Земјата. Ова не само што ги зголемува веројатните топлотни бранови и суши, туку, исто така, предизвикува промени во нашите природни климатски системи. Овие промени ги прават екстремните временски настани поверојатни и посериозни. На пример, ураганите и бурите стануваат поинтензивни, се движат побавно и им треба подолго време за да стивнат.

Овој тренд е дел од климатските промени, кои многу луѓе го сметаат за синоним за глобалното затоплување. Научниците претпочитаат да го користат терминот „климатски промени“, кога ги опишуваат сложените промени кои сега влијаат врз временските и климатските системи на нашата планета. Климатските промени опфаќаат не само зголемување на просечните температури, туку и екстремни временски настани, поместување на популациите и живеалиштата на дивиот свет, пораст на морињата и низа други влијанија.

ХААРП, од друга страна, ниту е, ниту може да биде виновен за климатските промени.

ХААРП, е високо фреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците направија лабораторија во Гакони, Аљаска, и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радио бранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас.

Работата на истражувачкиот објект беше префрлена од Воздухопловните сили на САД на Универзитетот во Алјаска, Фербенкс, на 11 август 2015 г., дозволувајќи му на ХААРП да продолжи со истражување на јоносферската феноменологија преку договор за соработка за истражување и развој за користење на земјиштето.

Поради вградени нови технологии, САД овие антени ги употребуваат и во комуникациите и во особено длабоките делови од морињата или земјата. Но, не е точно тврдењето дека овие антени можат да влијаат врз промените на климата, дека предизвикуваат земјотреси или промени во расположението кај луѓето.

На официјалната веб-страница на проектот се вели дека „ги проучува својствата и однесувањето на јоносферата“:

Јоносферата се протега на околу 50 до 400 милји над површината на Земјата, точно на работ на вселената. Заедно со неутралната горна атмосфера, јоносферата ја формира границата помеѓу долната атмосфера на Земјата – каде што живееме и дишеме – и вакуумот во вселената.

Радио преносите од ХААРП предизвикуваат само мали ефекти во јоносферата кои траат краткотрајно, неколку секунди. Нема докази дека ХААРП може да предизвика природни катастрофи или да влијае врз човековите движења и мисли.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот произволно тврди дека пандемијата на ковид била лажна, дека вакцините биле смртоносни и дека климатските промени се лажни, односно се прават со помош на системот ХААРП. Пандемијата и коронавирусот беа реални и однесоа многу човечки животи, менувајќи го начинот на живот на луѓето. Нема докази дека вакцините предизвикуваат смрт. Тврдењето дека климатските промени не постојат, дека се вештачки и дека за тоа е виновен ХААРП се дезинформација. Поради сето ова, постот го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција