Нема релевантен доказ дека се уништени словенечките и македонските тенкови донирани на Украина

Пребарувањето на интернет на веста за наводното уништување на тенковите кои беа донирани на Украина од страна на Северна Македонија и Словенија, покажува дека нема релевантен доказ дека такво нешто навистина се случило. Постои само такво тврдење од руската армија, пренесено преку агенцијата РИА

Пребарувањето на интернет на веста за наводното уништување на тенковите кои беа донирани на Украина од страна на Северна Македонија и Словенија, покажува дека нема релевантен доказ дека такво нешто навистина се случило. Постои само такво тврдење од руската армија, пренесено преку агенцијата РИА

 

Вирален пост на Фејсбук без докази ја уверува јавноста дека тенковите од типот Т-72 што Северна Македонија и Словенија ги донирале на Украина, на нејзината армија, биле уништени на бојното поле од страна на руска специјална падобранска единица.

Во постот во кој има пошироко толкување на состојбите од фронтовите во Украина, авторот на почетокот наведува:

Славјанке, ај сега кажи што се случи со тенковите што ги даде на Украина?

Кажи на јавноста жити диетата.

Е па ако ти е непријатно, јас да кажам а?

Ги дадоа на Спутник сите изгорени, заедно со словенечките, со коментар на репортерот.

Тоа е, десантна падобранска единица го нападнала украинскиот батаљон со тие тенкови во состав и партали. Спремај нови, ако имаш.

Но, како поткрепа на оваа „информација“ не е наведен никаков аргумент.

По кратко пребарување на интернет може да се констатира дека нема ниту еден релевантен доказ дека станува збор за уништени тенкови кои биле донирани од Северна Македонија или Словенија.

Станува збор за вест што беше објавена од руската агенција РИА на 22.10.2022, па оттука уште една непозната, зошто авторот на постот ја објавува како нова вест дури на 1-ви ноември.

Веста на руската агенција нема многу детали. Се наведува дека десантни единици на руската армија дејствувале на фронтот кај Криви Рог во Украина и го уништеле баталјонот составен од тенковите Т-72 донирани на Украина од Словенија и Македонија во рамки на помошта од НАТО за Украина. Баталјонот припаѓал на 28-та самостојна механизирана бригада на Украина.

Скриншот од видеото на РИА

Како поткрепа, РИА во веста дава видео од бојното поле, непосредно по уништувањето на тенковите каде можат да се видат два тенка и неколку други оклопни возила. При крај на видеото има коментар од две реченици на руски од страна на тој што снимал, но коментарот нема врска со потеклото на тенковите, ниту пак, во целото видео од 45 секунди може да се утврди преку некој детал од каде дошле тенковите.

Веста навистина ја објавија и повеќе портали во земјава што може да се види и од линкот на агрегаторот Тајм.мк, со назнака дека речиси сите што објавиле се оградиле дека тоа е тврдење од руски извори.

Според сè што е погоре појаснето, не може да се утврди дали веста е точна, а во постот на Фејсбук се тврди како непобитен факт. Може да се оцени дека во најмала рака станува збор за пост со тврдење во кое не е даден контекстот.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција