Невистинита е „сликовитата претстава“ на Илија Димовски за законскиот предлог на СДСМ за медиумите

Фото: Скриншот

 

ВМРО-ДПМНЕ го отфрли предлог-законот за медиуми што СДСМ им го достави на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино. Според Илија Димовски, член на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, овој закон е противуставен, неевропски и го нема во ниту една држава во светот.

Во сликовита претстава тоа би значело дека доколку одреден медиум, односно новинар во Македонија излезе со став дека Кире Лазаров е добар ракометар, но ако во прилогот не обезбеди некој кој што ќе каже дека Кире Лазаров е лош ракометар тоа ќе значи дека е неизбалансирано и дека ги нема двете страни, или пак ако некој новинар осуди педофилско однесување и не обезбеди втора страна која што ќе го правда тој педофил тоа исто така ќе значи дека прилогот е пристрасен и дека ги нема двете страни. ( Димовски)

[Извор: Република, Датум: 04.02.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Со ваквата изјава претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во преговорите, Илија Димовски ги поедноставува нештата до банализација и ја извртува вистината. СДСМ во предлог законот бара балансирано известување, во кое што се подразбира, пренесеување на ставовите на сите засегнати страни во еден настан. И тоа никако не значи вакво толкување, како што сака да наметне Димовски: дека Кире Лазаров е добар ракометар, но ако во прилогот не обезбеди некој кој што ќе каже дека Кире Лазаров е лош ракометар тоа ќе значи дека е неизбалансирано…

 Во крајна линија, ако некој пишува на пример, за профилот на Лазаров како ракметар, или дека некој има педофилски склоности, секако тоа треба да го поткрепи со што повеќе извори, а според новинарските стандарди, најмалку два.

Роберт Попоски, претставник од СДСМ во преговорите (за медиумите),  вели дека нивниот законски предлог

Се базира врз предлогот на меѓународната заедница, кој е во согласност со размислувањата на опозицијата и на огромен процент од медиумската заедница, новинарскиот еснаф и сите луѓе што работат во оваа професија и во интерес на граѓаните на Република Македонија. Опозицијата нема да отстапи од регулација на медиумите што значи можност за граѓаните да добијат објективна слика за состојбата во државата. Тоа е црвената линија, која е во интерес на регуларни и фер избори и во интерес на демократскиот амбиент и која мора да се испочитува (Поповски).

Еве, пак, што е предвидено во предлог законот за медиуми на СДСМ:

Член 62-а

Политички плурализам во вестите и дневно-информативните програми

  1.  Радиодифузерите кои емитуваат вести и дневно-информативни програми се должни во нив да обезбедат непристрасно, правично и избалансирано претставување на различните политички и идеолошки гледишта.

  2. При известувањето за прашањата кои се предмет на дебата меѓу политичките субјекти или пошироко во општеството во вестите и дневно-информативните програми мора да им се даде адекватна тежина на што повеќе различни и/или спротивставени гледишта, како во секое поединечно издание така и во низа последователни изданија на вестите.

  3. Во вестите и дневно-информативните програми не смее прекумерно да се нагласуваат гледиштата и мислењата на една конкретна личност, институција или организација.

  4. Прекумерно нагласување на едно конкретно гледиште значи дека тоа гледиште е временски значително повеќе застапено во вестите отколку другите гледишта за тоа исто прашање и дека новинарскиот пристап во презентирањето на тоа гледиште е фаворизирачки.

  5. Презентерите на вести и новинарите, во вестите и дневно-информативните програми не смеат да изразуваат нивни лични гледишта.

  6. Гледиштата и фактите не смеат да бидат погрешно претставени.

Член 62-б

Политички плурализам во дебатните, актуелно-информативните и контактните програми

  1. Во дебатните, актуелно-информативните и контактните програми мора адекватно да бидат претставени сите различни гледишта за темата која е предмет на програмата.

  2. Презентерите и водителите на дебатните, актуелно-информативните и контактните програми можат да искажат сопствено мислење за прашањата за кои дебатираат, но не смеат да фаворизираат едно одредено гледиште, односно да ги исклучуваат другите алтернативни гледишта за темата која е предмет на дискусија во програмата.

  3.  Гледиштата и фактите во дебатните емисии не смеат да бидат погрешно претставени.

 

Според ова може да се заклучи дека изјавата на Илија Димовски е невистинита, затоа што во овие законски предлози никаде не стои дека мислењата и ставовите мора да бидат пропорционално застапени.

 

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Владо Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар