Нова антиваскерска лага: Лекарите и сестрите ќе биле судени за воени злосторства!

Фото: Image by Freepik

Она кое што е наведено на самиот документ „Согласност за вакцинација“, е дека вакцинацијата против ковид 19 ќе ја намали можноста да се разболете од ковид 19. Исто така, пишува дека ,,како и сите лекови, ниту една вакцина не е целосно ефикасна”. Сите граѓани во земјава се вакцинираат доброволно и за тоа потпишуваат изјава, наспроти дезинформацијата и манипулацијата во постот

Она кое што е наведено на самиот документ „Согласност за вакцинација“, е дека вакцинацијата против ковид-19 ќе ја намали можноста да се разболите од ковид-19. Исто така, пишува дека ,,како и сите лекови, ниту една вакцина не е целосно ефикасна”. Сите граѓани во земјава се вакцинираат доброволно и за тоа потпишуваат изјава. Затоа, тврдењето е манипулација преку дезинформација, т.е. невистина

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Предупредување за вакцините за ковид 19. До сите медицински работници, доктори и сестри: ,,Само ги извршував наредбите” НЕ Е одбрана пред суд! ЌЕ БИДЕТЕ СУДЕНИ ЗА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА И ЌЕ СЕ БАРА ОДГОВОРНОСТ ОД ВАС! Ваша обврска е да го информирате пациентот: 1. Вакцината е експериментална 2. Нема гаранција за имунитетот 3. Се уште можете да ја ширите болеста 4. За можните оштетувања и смрт од вакцините.

Но, предупредувањето е, всушност, манипулација преку дезинформација. Лекарите никогаш нема да бидат судени за воени злосторства зашто препорачувале вакцини. Во С. Македонија вакцинацијата против ковид-19 се спроведува на доброволна основа и не претставува обврска. Секој граѓанин кој сака да се вакцинира, потпишува изјава за согласност за вакцинација. Дополнително, лицето што ја прима вакцината, од медицинско лице на вакциналниот пункт уште еднаш се распрашува за моменталната здравствена состојба и се информира за можните последици од вакцинацијата.

 

Согласноста е задолжителна, а лекарите совесно прашуваат и предупредуваат

Документот односно согласноста за вакцинација е задолжителен документ за секое лице кое сака да биде вакцинирано. Документот се пополнува лично или од страна на законски старател или носителн на одлуки за лицето кое ја прима вакцината. Пополнетата согласност се приложува на вакциналниот пункт. Согласноста може да биде пополнета претходно, но истата се наоѓа и на пунктовите за вакцинација каде може директно да се пополни и приложи.

Она кое што е наведено на самиот документ изјава за согласност за вакцинација, е дека вакцинацијата против ковид 19 ќе ја намали можноста да се разболите од ковид 19. Исто така, пишува и дека ,,како и сите лекови, ниту една вакцина не е целосно ефикасна”.

Фото: скриншот од задолжителната документација при вакцинација во РСМ

Целосното известување за оние кои што се согласуваат да примат вакцина против ковид-19 испишано на самата согласност за вакцинација гласи:

Потребни се неколку недели по примање на вакцината за вашето тело да создаде заштита кон вирусот Сарс Ков 2. Некои луѓе се уште можат да добијат ковид-19 и покрај вакцинирањето, но со примање на вакцината се намалува сериозноста на болеста. Потребно е да примите две дози од вакцината за да бидете заштитени. Вакцината не може да ве зарази со ковид-19. Сè уште треба да ги следите упатствата за почитување на превентивните мерки за заштита од ковид-19 како носење заштитна маска, одржување физичка дистанца, хигиена на рацете итн. Како и сите лекови, вакцините можат да предизвикаат несакани ефекти. Повеќето од нив се благи и краткотрајни а не сите ги добиваат. Повеќе детали за вакцината и можните несакани ефекти може да прочитате на овој линк. Можете да пријавите сомнителни несакани ефекти на https://malmed.gov.mk/

На согласноста има поле каде што пишува ,,се согласувам да примам вакцина”, а претходно пациентот одговара на краток прашалник со следните прашања:

Дали имате симптоми на ковид 19 како покачена телесна температура, појава на кашлица, отежнато дишење, болки во грлото, намалување или губење на осетот за мирис или вкус, треска, малаксаност, болки во мускулите, дијареа, течење или затнат нос без друга причина? Дали претходно сте имале алергиска реакција на било која вакцина или друга терапија која се дава со инјекција? Дали сте примиле друга вакцина што не е против ковид 19 во изминатите 14 дена? Дали имате нарушување на крвта или земате лекови кои може да влијаат на згрутчување на крвта, лекови по шема, антикоагулантна терапија? Дали сте бремени или можно е да сте бремени и дали доите.

Потоа следува потпис, датум и место и тоа е севкупната содржина на согласноста за вакцинација. Секој пациент евидентно е информиран дека може да има ретки несакани ефекти, дека може да се зарази со ковид и покрај тоа што е вакциниран.

Од август 2021 година, вакцината на „Фајзер“ повеќе нема дозвола за употреба во итна состојба, како што имаше дотогаш, туку стана првата вакцина во светот, која доби целосна дозвола за употреба од Американската агенција за храна и лекови.

ЕМА (Европска агенција за лекови) ги има одобрено вакцините на „Модерна“, „Астра Зенека“ и „Џенсен“, како што може да се види од официјалната страница на ЕМА.

Важно е да се напомене дека С. Македонија, каде, исто така, се спроведува имунизација против ковид-19, ги следи препораките на СЗО, на ФДА и на ЕМА, односно, во земјава се прифаќаат вакцините коишто се одобрени од светските релевантни медицински организации.

Одобрена вакцина“ во С. Македонија значи вакцина против ковид-19 во однос на која ГАВИ има стапено во Обврска за напредна набавка и која има претквалификација од Светската здравствена организација (СЗО), стандардно/условно одобрение за пуштање во промет или одобрение за употреба во итни случаи воспоставено од Строго регулаторно тело (СРТ) или Список за употреба во итни случаи на СЗО.

 

Сè е појаснето во официјалните документи и во институциите

На официјалната страница за вакцинација објавени се препораки за вакцинација за различни видови на пациенти со специфични заболувања заедно со причините поради кои што таа се препорачува. Главно е дека несаканите ефекти на вакцините, кои што евентуално би можеле да се појават, се далеку помали од несаканите ефекти на самата инфекција со ковид 19. Во нашата држава секоја вакцина е одобрена само доколку успешно ги поминала сите три фази на клиничките студии. Овие национални и меѓународни стандарди за квалитет важат и за одобрување на вакцина за коронавирус. По одобрување на пазарот, вакцината продолжува внимателно да се следи и проценува со цел да се забележат многу ретки несакани ефекти. Сите вакцини може да имаат несакани ефекти. Но најчесто тие се лесни, самоограничувачки и спонтано поминуваат. Важно е да се знаат, и да му се објаснат на лицето кое се вакцинира за да знае што да очекува после примање на вакцината. Централна задача на процесот на тестирање и одобрување е да може јасно да се опишат несаканите ефекти. Ова исто така вклучува и можност за именување за кои групи на луѓе и во колкава мера може да појават несаканите ефекти.

Но, дури и по одобрување, новокористената вакцина дополнително се надгледува и истражува. Понекогаш многу ретки несакани ефекти може да се забележат само по одобрување. Вакцините ковид 19 беа развиени брзо во споредба со претходните вакцини затоа што научници, лекари и владини агенции низ целиот свет вложија огромни ресурси за да ја намалат бирократијата и да ги објават резултатите штом беа достапни. Сите упатства за вакцините се објавени овде.

 

Антиваксерите во нова офанзива

Поради сите горенаведени факти постот го оценуваме како невистинит. Сите граѓани кои се вакцинираат потпишуваат изјава за согласност и се многу јасно информирани дека може да се појават несакани ефекти, но тие се најчесто благи и минливи и неспоредливи со последиците од ковид 19. Лекарите кои препорачуваат вакцинација нема да бидат судени за воени злосторства. За жал, поддржувачите на Кју Анон и други подржувачи на теории на заговор и класични антиваксери, продолжуваат да шират дезинформации дека вакцинацијата предизвикува ненадејна смрт, иако смртниот исход честопати е предизвикан од повеќе различни фактори, коморбидитети, болести и иако безбедносниот профил на ковид вакцината од сите релевантни медицински и фармацевтски организации и тела е оценет како поволен.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција