Новинарите за борбата против дезинформации: И институциите и медиумите се одговорни

Фото: Мета.мк

„За разлика од повеќето медиуми кои внимаваат на проверката на факти во своите производи пред истите да се објават, „Вистиномер“ се занимава со проверка на веќе објавени информации, рече Владимир Петрески, главен уредник на „Вистиномер“

 

Дезинформациите се сериозен проблем прават голема штета. Тие придонесуваат за раздор во општеството. Потребно е институциите да се потранспарентни, а нивото на уредничка одговорност во медиумите да е повисоко.

Ова е заклучокот по денешниот вебинар на тема „Проверка на факти и разоткривање на дезинформации – новинарски искуства“, на кој говореа новинарите Гоце Трпковски од „Призма“, Антонија Поповска од новинската агенција „Мета“, како и уредниците Владимир Петрески од „Вистиномер“ и Елида Зулбеари од „Порталб“.

Новинарот Трпковски зборуваше за нискиот медиумски стандард при проверката на факти пред објавувањето на новинарските производи, односно за време на дебатните емисии. Според него, новинарските стандарди значително паднале во голема мера поради огромниот број портали.

Според Трпковски, многу од нив користат сензационалистички наслови и содржини за да добијат повеќе „кликови“, нешто што пазарот и маркетиншките агенции го бараат.

„Се забележува кај телевизиите, посебно кај петте телевизии со национална концесија, каде што убедливо најголема треба да биде уредувачката одговорност, дека кога се соочуваат со опскурни Јутјуб канали, тие стануваат речиси како нив. Пласираат теории на заговор и манипулативно ги толкуваат информациите. Сè што беше болест на интернет информирањето се префрли како некоја зараза и во другите сфери бидејќи кога едното е нерегулирано, а привлекува внимание, инстинктот на поголемите медиуми е да се адаптираат. Инаку ќе го загубат пазарот целосно“, рече Трпковски.

Тој посочи телевизиска дебатна емисија за родовите прашања, за која тој напишал рецензија. Двата соговорници на дебатата всушност јасно биле на иста страна и слободно пласирале дезинформации и теории на заговор, без никаква модерација од водителот. Трпковски потенцира дека кога во неговата редакција прават рецензии на вакви емисии, тие исто забележуваат какви „логички замки“ се користат во аргументите на говорниците. На пример, често се случува да се претстави некакво апсурдно однесување на специфичен поединец од ЛГБТ заедницата како нешто што масовно ќе почне да се случува доколку се препознаат одредени ЛГБТ права.

На вебинарот, новинарката Поповска од Мета.мк, зборуваше за тоа, како се шират дезинформациите во полињата здравството и образование, двата сектори кои таа редовно ги следи. Поповска ги посочи дезинформациите околу вакцините како пример за тоа како тие може да имаат сериозни општествени, па и здравствени, последици. Од сферата на образование, таа ги посочи лажните дојави за бомби, кои по дефиниција се дезинформации кои имаа сериозни последици за редовниот тек на наставата.

Поповска се осврна и на сериозните дезинформации кои се ширеа околу новата Концепција за основното образование. На пример, се рашири информација дека ќе се укине географија како предмет и оти наставниците по овој предмет ќе останат без работа. Но, Поповска не ја фрла сета вина на медиумите, туку укажа дека требаше повнимателно да се најави и воведе Концепцијата, за да биде помала скепсата за успешноста на истата.

„Имавме тим од најдобри педагози и експерти за образование, кои со години укажуваа дека мора да се промени системот за да имаме поголем квалитет. Ако повнимателно се одеше низ целиот тој процес, односно ако постоеше добра и точна информираност, верувам дека јавноста немаше да има толку дезинформации, а и паниката и скепсата што се создадоа во јавноста, ќе беа помали“, вели Поповска.

Тоа што досегашните влади, додаде таа, не покажаа вистинска сериозност и грижа за најважниот општествен столлб, само ја зголемува скепсата кон реформите, што пак ги прави граѓаните посклони да веруваат во невистини.

„Донекаде разбирам зошто луѓето со скепса ги гледаат реформите. Јавноста гледа дека со години партиите на власт не го сфаќаат образование сериозно – се воведуваа реформи кои најчесто следната политичка гарнитура ги укинуваше. Ако грешам, поправете ме, но не можам да се сетам на една добра реформа која опстанала и успешно функционира на здрава основа“, потенцира Поповска.

Главниот уредник на „Вистиномер“, Владимир Петрески, зборуваше за специфичната методологијата со која се служи овој медиум, чија редакција се занимава со проверка на факти од 2011 година.

За разлика од повеќето медиуми кои внимаваат на проверката на факти во своите производи пред истите да се објават, „Вистиномер“ се занимава со проверка на веќе објавени информации. Прво, новинарите ги согледуваат фактите во одредена објава, дали било на социјалните мрежи или на некој медиум. Од тие факти, тие одредуваат кои се вистинити, а кои не се. Потоа, истражуваат од кои извори потекнуваат тие информации и дали истите се поврзани со одредени организации или партии. Конечно, гледаат дали информациите претставени на фер начин, на пример, согледуваат дали се лаже преку прикривање на одредени информации.

Петрески зборуваше за информациското војување во земјата, а и пошироко, кое се засили по руската инвазија во Украина. Според него, откако одредени земји, вклучувајќи ја и Македонија, застанаа на страната на Украина, се засилија информациските напади, кои се дел од т.н. хибридна војна, која вклучува информациско војување. Тој зборуваше за повисокото ниво на дезинформации во периодот кога Северна Македонија стана земја-членка на НАТО – како тоа дека државата ќе станела легитимна мета во воени ситуации. Според него, информациското војување исто така се актуализира секој пат кога ќе се заостри македонско-бугарскиот спор. Таа пропаганда ја користи можноста да предизвика што е можно поголем раздор.

Последна говореше Елида Зулбеари од медиумот на албански јазик „Порталб“, која кажа дека медиумите на албански јазик, имаат навистина ниско ниво на проверување на фактите и дека оваа состојба е само влошена во изминатите години.

Зулбеари се присетуваше на проблемите со дезинформациите на почетоците на „Порталб“, во 2012 година. Како што и Петрески од Вистиномер потенцираше пред неа, во тој период имало особено високо ниво на дезинформации од страна на владините органи.

„Денес, не е само Владата таа која шири пропаганда, туку и другите партии шират пропаганди преку други портали, кои и се сомневам дека се вистински медиуми поради тоа што немаат јавен импресум. Целта на тие такви портали е само да се нападне политичкиот противник со невистини и полувистини. Во „Порталб“, пред пишувањето и објавувањето на секој текст, се прашуваат каква е општествената корист од тоа јавноста да знае за некоја нова вест. Тие се поткрепуваат на факти, кои ги добиваат со прашања кон надлежните институции, кои, пак, често се нетранспарентни и одбиваат да одговорат на прашања“, рече Зулбеари.

За транспарентноста на институциите коментираше и Поповска, која вели дека често институциите одговараат со неколку речници, кои се општо поврзани со темата за која прашува новинарот, но не одговараат на конкретно поставените прашања. Сепак таа го посочи Законот за слободен пристап до информации, како „добро оружје“ во рацете на новинарите.

Вебинарот е организиран од Здружението за унапредување на медиумските практики „Иновативни медиуми“, со поддршка на регионалниот проект СМАРТ БАЛКАН – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ) а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција