Објавата дезинформира и заплашува со некакви сатанистички агенди за контрола на човештвото

Фото: pixabay.com/de/photos/physik-quantenmechanik-quantenphysik-3864564/

Не постојат никакви агенди и сатанистички сили чијашто цел е контрола на луѓето и депопулација на човештвото. Пандемијата на ковид-19 воопшто не беше план за некаква депопулација и ропство и таа често беше злоупотребена од страна на теоретичарите на заговор за ширење на лаги за некаква длабока држава, лаги кои се карактеристични за Кју анон теоријата на заговор

Не постојат никакви агенди и сатанистички сили чијашто цел е контрола на луѓето и депопулација на човештвото. Пандемијата на ковид-19 воопшто не беше план за некаква депопулација и ропство и таа често беше злоупотребена од страна на теоретичарите на заговор за ширење на лаги за некаква длабока држава, лаги кои се карактеристични за Кју анон теоријата на заговор

 

Анализираме објава на Фејсбук која шири теорија на заговор за некаква агенда и сатанизам чија цел е претворање на луѓето во робови и нивна контрола, спомнувајќи ја во тој контекст пандемијата на ковид-19.

АГЕНДА И САТАНИЗАМ
Се’ е планирано до детал, за глобално тоталитарно ропство на човештвото, а homo sapiens да замине во историјата како музејски експонат.

Специјална и најгнасна војна во историјата на човештвото, од темните сатанистички сили, против ЧОВЕКОТ.
ОД КОРОНА…ЦРНИ ЛИСТИ/РОПСТВО/ЕГЗЕКУЦИЈА

🇨🇳 📸 Според најновите податоци, 8,54 милиони луѓе се на црната листа на системот за социјална кредитна оценка во Кина.

Сите тие треба да живеат под строги ограничувања, пишува во објавата.

Ваквата објава е дел од познатата реторика на поддржувачите на теоријата на заговор Кју анон која особено се засили во време на пандемијата на ковид-19, обвинувајќи дека таа била намерно смислена со цел да се контролираат луѓето и да се претворат во робови. Таа особено доби на интензитет со појавата на вакцините против коронавирус, па антиваксерите почнаа да зборуваат за некакво чипирање и контролирање на луѓето. Според оваа теорија на заговор, некакви си сатанисти од „длабоката држава“ сакале да воспостават нов ред преку „лажната пандемија“, да го затворат населението, да го контролираат и да го намалат бројот на популацијата преку вакцинацијата. Ваквите наративи Вистиномер досега многупати ги има дебанкирано.

Терминологијата „сатанисти од длабоката држава“ кореспондира со терминологијата што се шири кога се споделува теоријата на заговор Кју Анон, според која една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мнозинството од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија и ќе бидат срушени само кога Доналд Трамп ќе се врати на претседателското место.

Според описот на Белингкет (bellingcat.com) Кју анон е теорија на заговор којашто лажно тврди дека ексамериканскиот претседател Трамп долго работи на тоа да ги победи „сатанистите, педофилите, длабоката држава и кабалата“ (често употребувани зборови во наративите на промоторите). Освен во САД, проширена е во многу држави и од неа се создадени други опасни наративи, како на пример, оние што ги шират антиваксерите. Следбениците на Кју остануваат активни и во теориите на заговор кои се однесуваат на Украина, пишува Белингкет.

Вистиномер досега во многу наврати има пишувано дека пандемијата и коронавирусот не беа измислени, туку реални. Рецензиравме голем број објави на социјалните мрежи кои пишуваа дека коронавирусот и пандемијата се измислени.

Во објавата што ја анализираме, покрај теоријата на заговор за сатанизмот, се промовира и теоријата на заговор за постоење на некаква агенда на истите тие наводни политичари од „длабоката држава“ кои сакаат да го контролираат човештвото и да ја намалат популацијата. Во овој контекст теоретичарите на заговор често ги ставаа Агенда 21 и Агенда 2030 на Обединетите нации. Вистиномер и на оваа тема има пишувано во повеќе наврати.

Агенда 21, патем, беше една од неколкуте точки на дневниот ред на Конференцијата на Обединетите Нации за животна средина и развој во 1992 година во Рио де Женеиро. Агендата вклучуваше 31 точка. Сите точки се однесуват на глобалните социјални и економски димензии, зачувување и управување со ресурсите, зајакнување на улогата на жените, децата и работниците, како и предложените методи за имплементација. Агенда 21 има за цел нациите да преземат холистички пристап на социјалните, економските и промените во животната средина и во неа се предложени можни решенија за светските проблеми со фокус на точно определени групи. Но, не е првпат за овој документ да се шпекулира и да се кројат теории на заговор.

Како што пишуваа во 2020 година и проверувачите на факти на Асошиејтед прес., од почетокот целите на Агенда 21 се мета на теории на заговор, како онаа за депопулација. Иако, во Агенда 21 воопшто не се спомнува дека целта е населението да се намали на конкретна бројка.

Слично пишуваа и проверувачите на факти на Фулфакт, Агенда 21 не е глобален план за депопулација на човештвото. Агенда 21 е документ на 351 страница под капата на ООН во кој се прецизирани цели за одржлив развој.

Документот споменува дека има растечка популација во некои места на земјата, но Фулфакт не можеше во него да најде референца за намалувањето на светската популација. Агенда 21 беше злоупотребувана и за дезинформациите што се објавуваа за време на ковид пандемијата, односно за лажно тврдење, дека со овој документ се промовирала задолжителна вакцинација, што, исто така, не е точно.

Што се однесува, пак, за документот Агенда 30, тој претставува план за одржлив развој на кој се имаат согласено земјите членки на Обединетите нации во 2015 година, и вклучува во себе 17 глобални цели кои покриваат работи, како намалување на нееднаквоста и спречување на глад во светот.

Целите на Агенда 2030 се да заврши сиромаштијата во сите форми секаде, заедно со искоренување на гладта, да се обезбеди сигурност дека ќе има храна и подобра исхрана и да се промовира одржлива агрикултура, да се овозможи здрав живот и добросостојба кај сите возрасни групи, да се осигури инклузивно и квалитетно образование и можности за доживотно учење за сите, да се постигне еднаквост меѓу половите, да се охрабрат и зајакнат жените и девојчињата, да се обезбеди добар менаџмент на водата, да се осигури достапност на евтин, сигурен и модерен систем за енергија, да се промовира економски раст, достоинствена работа за сите, да се изгради отпорна инфраструктура, да се намали нееднаквоста меѓу земјите, да се направат градовите инклузивни, безбедни и одржливи, да се преземат итни дејства за борба против климатските промени и нивните ефекти, да се зачуваат океаните, морињата и марински ресурси за одржлив развој, да се заштитат терестријалните екосистеми, да се менаџираат шумите, да се промовираат мирни и инклузивни општества, да се овозможи правда за сите, да се изградат инклузивни институции на сите нивоа.

И за Агенда 30 многу се манипулираше од теоретичарите на заговор, а проверувачите на факти на Ројтерс пишуваа дека невистинито е презентирана и дека ја поврзуваат со ковид-19.

Агенда 2030 е амбициозна иницијатива на ОН од 2015 година за да се решат најголемите човечки кризи до 2030 година и целиот документ може да се прочита на овој линк. Но и во Агендата 2030 не се споменуваат никакви планови или акции за намалување на популацијата.

Впрочем, теоријата на заговор дека мала група на луѓе имаат план да ја намалат популацијата на планетата повеќепати била предмет на нашите рецензии.

 

Што претставува системот за социјална кредитна оценка во Кина

Објавата што ја анаизираме, покрај за непостоечки агенди и сатанистички сили, зборува и за системот за социјална кредитна оценка во Кина, претставувајќи го како некаква основа за воспоставување на ропство врз човештвото.

Овој систем во Кина се појави многу пред пандемијата на ковид-19. Владата на Кина објави план во 2014 година за воведување национален социјален кредитен систем, но не е јасно колку широко е имплементиран. Социјалниот кредитен систем, е контроверзна национална политика која беше објавена пред една деценија, но не е целосно имплементирана на национално ниво, иако некои локални самоуправи го користеа за бодување поединци врз основа на нивните секојдневни активности, не ограничувајќи се на финансиските зделки, пишува Аниелаб.орг.

Првично формирани за рангирање на доверливи бизниси и заемодавци во Кина, се воведуваат слични системи за оценување на граѓаните во некои региони. Заедничката нишка на овие системи е употребата на податоци и јавни записи за следење и влијание врз активностите на луѓето преку награди или санкции, врз основа на нивниот социјален кредитен резултат, пишува Рмит.еду.ау.

На пример, социјалниот кредитен систем на локалната самоуправа во источен Шандонг им доделува на жителите основи од 1.000 поени, кои може да се зголемат со дарување крв или привлекување инвестиции во нивниот град, додека сообраќајните прекршоци и даночното затајување резултираат со губење на поени.

Граѓаните мора да одржуваат високи оценки доколку се надеваат дека ќе бидат вработени во јавни институции или дека ќе добијат јавно финансирање, меѓу другите активности.

Имаше вести за луѓе со „незаконско или нечесно однесување“ казнети според системот. Се вели дека на оние со ниски оценки им било забрането да бидат ангажирани како државни службеници, да основаат бизнис или да купуваат недвижен имот., пишува Аниелаб.орг.

Критичарите на кинескиот социјален кредитен систем велат дека тоа е орвелова алатка за општествено следење и политичка репресија; но кинеската влада вели дека тоа е начин за зајакнување на административната ефикасност и охрабрување на довербата и моралното однесување на нејзините граѓани, пишува Гардијан.

Луѓето можат да бидат ставени на црна листа за прекршоци, како што се пушење во возови, користење истечен билети или неплаќање казни, како и ширење лажни информации или предизвикување проблеми на летовите, според изјавите објавени од кинеската Национална комисија за развој и реформи.

Граѓаните со високи кредитни оценки можат да пристапат до подобри хотели, домови за изнајмување, па дури и училишта; додека на оние со ниски кредитни оценки може привремено или трајно да им биде забрането да користат авиони или возови, како што се случи со 6,15 милиони луѓе во 2017 година, според податоците на самата влада, наведува Гардијан.

Овој систем во Кина кој е во зародиш од 2014 година не е целосно имплементиран. Тој е сосема спротивен на принципите врз кои се засновани најголем дел од државите во светот, а особено демократските држави во кои постоењето на ваков систем се судира со голем број закони и устави во земји ширум светот. И тој никако не може да се земе како основа за некаква си агенди за ропство врз целото човештво, затоа што за ваков систем нема никакви назнаки надвор од Кина, а камоли, пак, да се преземаат било какви чекори за негова примена во други држави, особено не во демократските и развиени држави.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека не постојат никакви агенди и сатанистички сили чијашто цел е контрола на луѓето и депопулација на човештвото. Пандемијата на ковид-19 воопшто не беше план за некаква депопулација и ропство и таа често беше злоупотребена од страна на теоретичарите на заговор за ширење на лаги за некаква длабока држава, лаги кои се карактеристични за Кју анон теоријата на заговор. Поради тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како делумно неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција