Погрешно се тврди дека еден од осомничените за нападот во Москва е чеченскиот милитант Ажиев

Фото: Принтскрин ФБ пост

Човекот на фотографијата кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад во Москва, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан и тој нема никаква врска со Рустам Ажиев, прикажан на десната фотографија, чеченски милитант кој во 2022 година се приклучил на војната во Украина, на страната на Киев

 

Човекот на фотографијата, кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад во Москва, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан и тој нема никаква врска со Рустам Ажиев, прикажан на десната фотографија, чеченски милитант кој во 2022 година се приклучил на војната во Украина, на страната на Киев

 

 

Анализираме објава на Фејсбук во која се тврди дека еден од напаѓачите вклучени во терористичкиот напад од 22 март во Москва во кој загинаа повеќе од 140 луѓе, е со украинско државјанство и е еден од водачите на чеченските милитанти кои се бореле на страната на украинските вооружени сили во 2022 година. Објавата тврди дека тоа е Рустам Ажиев или попознат како Абдул-Хаким ал-Шишани.

Овој детал е многу интересен. Ако тврдењето е точно, тоа ќе биде исклучително лошо за едната страна … Рустам Ажиев е државјанин на Украина. Во средината на октомври 2022 година, еден од водачите на чеченските милитанти, кои се бореле на страната на украинските вооружени сили, Рустам Ажиев, попознат како Абдул-Хаким ал-Шишани, доби украинско државјанство, стои во објавата.

На левата страна од фотографијата која ја споделува објавата, се појавува фотографија од наводниот напаѓач, а од десната страна има фотографија на Рустам Ажиев. Објавата тврди дека се работи за иста личност.

Сепак, ова е погрешно тврдење, пишуваат проверувачите на факти на Обсервадор.пт.

Рустам Ажиев, подобро познат по неговото родено име Абдул Хаким ал-Шишани, е чеченски милитант кој се борел во Втората чеченска војна, се борел заедно со џихадистите во Сирија и во 2022 година се приклучил на војната во Украина, на страната на Киев, заедно со група чеченски борци.

Рустам Ажиев е поединецот на сликата од десната страна. Но, не и на фотографијата лево.

На 22 март, група од четворица терористи влегоа во познатата концертна сала „Крокус сити хол“ во предградието на руската престолнина Москва и неселективно пукаа во толпата, убивајќи речиси 150 луѓе. Напаѓачите употребиле и запалливи бомби, кои предизвикале силен пожар и доведоа до уривање на покривот на зградата.

Во раните утрински часови во саботата, на 23 март, рускиот претседател Владимир Путин, објави дека се уапсени 11 осомничени, вклучувајќи ги и четворицата директно вклучени во нападот.

Тој ден во руските медиуми почнаа да кружат некои информации за тоа кои се сторителите на нападот. Еден од првите извори на информации беше видеото објавено на Телеграм од Маргарита Симонјан, руска новинарка која го предводи каналот РТ, на кое се гледа наводното испрашување на осомничените, пишува Обсервадор (observador.pt).

Видеото го пренесоа и некои странски медиуми, како што е британски „Мирор“.

Фотографијата што се појавува лево во објавата што ја анализираме, е скриншот од тоа видео. Руските власти официјално ги објавија фотографиите и идентитетот на четворицата напаѓачи. Според руските државни медиуми, обвинетите се именувани како Далерџон Мирзоев, Саидакрами Муродали Рачабализода, Шамсидин Фарудини и Мухамедсобир Фајзов, сите државјани на Таџикистан

Човекот на фотографијата од лево, е идентификуван како Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан. Напаѓачите веќе беа изведени пред судот во Москва – и фотографирани во таа прилика.

Како што на Твитер забележа новинарот Арик Толер, кој прави визуелно истражување за „Њујорк Тајмс“, ниту вообичаените руски канали не ја споделуваат оваа информација, која се чини дека се појавила на Твитер, а потоа се проширила на други социјални мрежи.

Двајцата мажи, и покрај општите сличности во нивните лица, имаат некои забележителни разлики – почнувајќи со деформитет на нивните уши што јасно ги разликува еден од друг.

Според сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата споделува погрешно тврдење за еден од напаѓачите во концертната сала во Москва. Човекот на фотографијата кој од страна на руските власти беше идентификуван, приведен и изведен пред суд како осомничен за терористичкиот напад, е Далерџон Мирзоев, државјанин на Таџикистан и тој нема никаква врска со Рустам Ажиев, прикажан на десната фотографија, чеченски милитант кој во 2022 година се приклучил на војната во Украина, на страната на Киев.

 

 



 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција