Пробиен и новиот рок за катната гаража кај Центарот на холокаустот
ПРОЕКТ: ДОИЗГРАДБА НА КАТНИ ГАРАЖИ
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминативе години докажа дека посветува особено внимание на решавање на долгогодишните проблеми со сообраќајниот метеж и паркирањето.
Во таа насока, во периодот од 2006 година па досега преку оттуѓување на градежно земјиште со намена за изградба на катни гаражи, од страна на приватни инвеститори беа изградени три катни гаражи во Скопје со вкупно 604 паркинг-места и една катна гаража во Прилеп со вкупно 360 паркинг-места. Исто така, во соработка со град Скопје и општина Центар ја завршивме и изградбата на катните гаражи кај поранешната локација на Цветен пазар со вкупно 445 паркинг-места и кај Судска палата со вкупно 500 паркинг-места. И тука не запираме со решавање на проблемот за недостиг на паркинг-места. Во фаза на изградба се и следниве катни гаражи во Скопје кои ги реализираме во соработка со АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор и градот Скопје:
Локација | Број на паркинг-места | Рок на изградба |
Кај зградата на Холокауст | 169 | септември 2015 |
Кај Работнички дом | 516 | Октомври 2014 |
Кај административната зграда на АД Пошта | 280 | Мај 2014 |
Пред новата зграда на Министерството за финансии | 650 | Септември 2014 |
Вкупно | 1615 |
(Буџет: Не е наведен, Рок: септември 2015)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Во изборната програма „Проверено“ за парламентарните избори во 2014 година, на страницата 74, партијата ВМРО-ДПМНЕ ветува дека до септември 2015 година ќе биде пуштена во употреба катната гаража кај Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје. Но, од она што сега може да се види на градилиштето, оваа, за разлика од трите други наведени катни гаражи – таа кај Работнички дом, кај дирекцијата на Македонска пошта и кај Министерството за финансии, сè уште не е во употреба, иако се поминати повеќе од седум месеци од рокот ветен во 2014 година.
Оваа катна гаража владејачката партија за првпат ја вети во изборната програма „Манифест за реформи и развој“ за предвремените избори во 2011 година (стр. 98). Тогаш ВМРО-ДПМНЕ, покрај други катни гаражи, најави и изградба на катна гаража кај зградата на Холокауст до септември 2012.
Со цел олеснување на сообраќајот во Скопје и обезбедување на над 2.500 паркинг-места, Владата на ВМРО-ДПМНЕ во соработка со ЈПССДП, градот Скопје и општина Центар ќе се преземат активности за градба на следните катни гаражи во центарот на Скопје.
Катна гаража кај зградата на Холокауст – предвидено е да има паркинг-простор за околу 240 возила. Вредноста на овој проект е околу 3,4 милиони евра, а средствата ќе се обезбедат од ЈПССДП на РМ и домашните комерцијални банки.
Рок: октомври 2012.
Значи, имајќи го предвид првичното ветување дадено во 2011 година, а со рок на реализација 2012 година, изградбата на гаражата, фактички, доцни повеќе од четири години и шест месеци.
Стартот на работите за оваа гаража почнува на 19 февруари 2013. Притоа, инвеститорот – Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор – потенцира дека за гаражата се наменети 4, 4, милиони евра.
Во новата катна гаража ќе бидат вложени 273.191.013 денари или околу 4,4 милиони евра. Изведувач на градежните работи е италијанската „Ламоне Мореда“ која е вклучена во повеќе проекти од „Скопје 2014“ и која зделката ја доби во битка со пет домашни и странски градежни компании кои се јавија на тендерот. Проектот го изработи „ГМС Проект“, а надзорот ќе го врши самиот инвеститор – АДСДП. Рокот за реализација е 24 месеци.
Рокот за оваа катна гаража е пробиен, но бидејќи изградбата е при крај, оценката е дека реализацијата на ова ветување на ВМРО-ДПМНЕ е во тек.
ИЗВОРИ
- ВМРО-ДПМНЕ – Изборна програма „Проверено“ [Пристапено на: 4.4.206]
- ВМРО-ДПМНЕ – Изборна програма „Манифест за реформи и развој“ [Пристапено на: 4.4.206]
- Дневник – За две години катна гаража и зад Музејот на холокаустот (19.2.2013) [Пристапено на: 4.4.206]
- Билд – Започна изградбата на катна гаража спроти Стариот театар (19.2.2013) [Пристапено на: 4.4.206]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар