Пропуштен контекст: Тенденциозно и наменски се тврди дека Зеленски забранува цркви

Фото: Принтскрин видео

Во постот што го рецензираме во којшто се тврди дека украинскиот претседател забранува цркви и опозициски партии се пропушта контекстот. Зеленски кажа дека Украина ќе ги ограничи активностите на верските организации поврзани со Русија на нејзината територија и ќе го испита статусот на Православната црква, кој зависи од Московската патријаршија. Но, во постот не се споменува  дека Украина има оправдана загриженост во однос на дел од парохиите на Украинската православна црква кои се под влијание на Москва и претставуваат закана за безбедноста на земјата. Исто  така, не се кажува дека пред еден месец при рација во манастирскиот комплекс во Киев, Печерска лавра под контрола на црквата поврзана со Москва, биле пронајдени сомнителни руски граѓани и големи суми пари. Во однос на забраната на политички партии, тоа се случи во март годинава, ама во постот  не се наведува причината за таквиот потег – единаесет украински политички партии се суспендирани поради нивните врски со Русија

Во постот што го рецензираме, во којшто се тврди дека украинскиот претседател забранува цркви и опозициски партии, се пропушта контекстот. Зеленски кажа дека Украина ќе ги ограничи активностите на верските организации поврзани со Русија на нејзината територија и ќе го испита статусот на Православната црква, кој зависи од Московската патријаршија. Но, во постот не се споменува  дека Украина има оправдана загриженост во однос на дел од парохиите на Украинската православна црква, кои се под влијание на Москва и претставуваат закана за безбедноста на земјата. Исто така, не се кажува дека пред еден месец при рација во манастирскиот комплекс во Киев, Печерска лавра, под контрола на црквата поврзана со Москва, биле пронајдени сомнителни руски граѓани и големи суми пари. Во однос на забраната на политички партии, тоа се случи во март годинава, ама во постот не се наведува причината за таквиот потег – единаесет украински политички партии се суспендирани поради нивните врски со Русија

 

 

Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека украинскиот претседател Вoлoдимир Зеленски е опасен деспот кој забранува цркви и опозициските партии. Во истиот пост е споделено видео од Фокс њуз од новинарот Такер Карлсон во кое се тврди дека Зеленски на очаен начин се обидува да ги казни христијаните.

Ова не е вистина. Зеленски не ја забрани црквата, ниту ги казнува христијаните. Во постот тенденциозно се пропушта контекстот. Не се наведува ниту еден збор за вековниот религиски раздор во Украина.

За што всушност станува збор.

Зеленски кажа дека Украина ќе ги ограничи активностите на верските организации поврзани со Русија на нејзината територија и ќе го испита статусот на Православната црква, кој зависи од Московската патријаршија. Во своето обраќање Зеленски рече дека потребен е закон што ќе ги оневозможи верските организации поврзани со центрите на влијание во Руската Федерација да работат во Украина, мислејќи на Украинската православна црква која е под дирекна контрола на Москва. Овие мерки уследија по претресите извршени од украинските безбедносни служби во ноември во главниот манастир во Киев, резиденцијата на поглаварот на Украинската православна црква и неколку други верски места, поради сомневања за врски со Москва.

Во постот што го рецензираме не се кажува дека Украина има оправдана загриженост во однос на дел од парохиите на Украинската православна црква кои се под влијание на Москва и претставуваат закана за безбедноста на земјата. Ова го појаснува Emerging Europe во својот  објаснувачки текст. со наслов: Не, претседателот на Украина не ја забрани Православната црква“. Како што пишува во написот:

Украина долго време има оправдана  загриженост дека Украинската православна црква, поврзана со Москва, претставува закана за безбедноста, токму затоа ја промовираше Православната црква на Украина, која во 2019 година доби „автокефалност“ или независност од Цариградскиот патријарх. Процесот беше ратификуван на церемонија во Истанбул (Константинопол) на православниот Бадник, 2019 година, кога митрополитот Киевски, Епифан I, го прими Томосот од Вартолемеј, вселенскиот патријарх на Константинопол.

Тоа за Константинопол, кој се придржува до строгиот принцип „една земја, една црква“, значи дека Православната црква на Украина – лојална на Киев – стана единствена канонска украинска православна црква. За Украина, тоа беше клучен момент, бидејќи претставуваше уште еден чекор подалеку од политичко, економско и верско потчинување на Русија.

Како резултат на расколот, Русија ги загуби имотите, свештениците, верниците и најважно, нејзиниот духовен и симболичен авторитет над Украина. И рускиот претседател Владимир Путин и поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, го осудија потегот и ги прекинаа односите со цариградскиот патријарх.

Во мај, по силните изјави на Кирил за поддршка на бруталната инвазија на Русија, многу парохии во Украина кои ѝ беа  лојални на Москва ги прекинаа врските со Руската православна црква. Нема официјални податоци за тоа колку украински парохии останаа во орбитата на Москва, но проценките од 2020 година покажуваат дека бројката е 14 отсто, бројот сега веројатно е значително помал.

Меѓутоа, во центарот на Киев, манастирот Печерска лавра, познат како Пештерски манастир, останува под контрола на црквата поврзана со Москва.

Манастирскиот комплекс Печерска лавра во Киев Фото: en.wikipedia.org
Во постот намерно се пропушта да се каже дека пред еден месец при рација во манастирскиот комплекс во Киев, Печерска лавра биле пронајдени сомнителни руски граѓани и големи суми пари.

Во центарот на Киев, манастирот Печерска Лавра, познат како Пештерски манастир, кој е под контрола на црквата поврзана со Москва, минатиот месец беше извршена рација од украинската служба за безбедност, при што беа откриени „сомнителни“ руски граѓани, големи суми пари во различни валути и проруска литература.

Украинската служба за безбедност соопшти дека операцијата имала за цел да го спречи користењето на манастирот како „центар на рускиот свет“ и била спроведена за да се испитаат сомневањата „за користење на просториите како засолниште на диверзантски и разузнавачки групи, странски државјани и складирање оружје. Пребарувани се и други верски објекти во Украина, пренесе Гардијан.

Токму поради тоа украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика пратениците да го спречат огранокот на православното христијанство што е под влијание на Москва да дејствува во Украина. Нема никакви санкции, ниту казни за верниците, како што се тврди во постот.

Уставот на Украина го гарантира правото на слобода на лична филозофија и религија, вклучително и правото само или колективно и без ограничување да се извршуваат верски обреди и церемонијални ритуали и да се спроведува религиозна активност. Но, исто така дозволува ограничување на тоа право во интерес на заштита на јавниот ред, изјави Зеленски.

Во однос на тврдењето дека веќе е јасно дека Зеленски не го интересират слобода и демократија, исто така и тоа не е точно. Фактите говорат дека Украина е демократска држава рангирана повисоко од Русија.

Во суштина, Украина е во средината по индекс на демократија споредбено со  поранешни советските републики. Таа е рангирана многу повисоко според  индексот на демократијата и од Русија, Белорусија, Казахстан или Туркменистан – сите се сметаат за авторитарни режими. Но, тоа е многу пониско од Естонија, Летонија и Литванија – сега членки на Европската унија кои се сметаат за полни демократии,стои во Индексот на демократија за 2021 година.

 

Во врска со демократските слободи во Украина во Извештајот на Фридом Хаус за светските слободи од 2021 година, за којшто пишува Вашингтон пост, се вели:

Украина донесе голем број позитивни реформи по соборувањето на претседателот Виктор Јанукович предизвикано од протести во 2014 година.

Во однос на забраната на политички партии, тоа се случи во март годинава, но и во ова тврдење недостига контекст, односно не се наведува причината.

Единаесет украински политички партии се суспендирани поради нивните врски со Русија. Советот за национална безбедност и одбрана на земјата донесе одлука да им забрани на партиите  политичка активност, поради нивните конекции со Русија и тоа важи додека трае воената состојба.

Повеќето од суспендираните партии се мали, но една од нив, опозициската платформа за живот, има 44 од вкупно 450 мандати во  украински парламент.

Активностите на тие политичари насочени кон поделба или дослух нема да успеат, но ќе добијат остар одговор. Затоа, Советот за национална безбедност и одбрана одлучи, имајќи ја предвид  војната што ја започна Русија и политичките врски што голем број политички структури ги имаат со оваа држава, да ја прекине секоја активност на голем број политички партии за периодот воена состојба , рече Зеленски.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во постот што го рецензираме  во којшто меѓу другото се тврди дека Зеленски забранува цркви и опозициски партии се пропушта контекстот.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција