Урсула фон дер Лајен во Давос зборуваше за дезинформациите околу Украина, а не за „болеста Х“
Во видеото од целосното излагање на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, ниту еднаш не се споменува идна пандемија, туку таа зборува за дезинформациите кои се шират во врска со воената инвазија на Русија врз Украина, како и за дезинформациите кои го загрозуваат офлајн светот и покрај тоа што се пласирани онлајн. Нејзиниот говор во смисла на дезинформациите е дека стандардите што важат во општеството, исто така треба да важат и на интернет. Таа кажува дека најголем број на дезинформации имаше за Украина, а дека вистината е оти Русија губи и воено и политички и дипломатски, а ЕУ станува посилна и учи од лекциите особено во полето на енергетиката и вештачката интелигенција
Во видеото од целосното излагање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ниту еднаш не се споменува идна пандемија, туку таа зборува за дезинформациите кои се шират во врска со воената инвазија на Русија врз Украина, како и за дезинформациите кои го загрозуваат офлајн светот и покрај тоа што се пласирани онлајн. Нејзиниот говор во смисла на дезинформациите е дека стандардите што важат во општеството, исто така треба да важат и на интернет. Таа кажува дека најголем број на дезинформации имаше за Украина, а дека вистината е оти Русија губи и воено и политички и дипломатски, а ЕУ станува посилна и учи од лекциите особено во полето на енергетиката и вештачката интелигенција
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ДВЕ ГОДИНИ СТРАВ ЗА УРСУЛА Еве што најмногу (ќе) ги измачувало: “Најголемата грижа за следните две години не е конфликтот или климата. Тоа се дезинформациите и погрешните информации”.Имајте предвид дека во нивниот кодиран, “политички коректен” говор, овие два термини, dissinformation & missinformation (исто понекогаш и hate speech и fake news) често се злоупотребуваат на штета на слободата на говор, онаа надвор од дозволените наративи, онаа која не можат да ја контролираат. Или забранат. Онаа што им ги урна плановите со пландемијата, на пример.Зошто токму наредните две години?Ве уверувам дека слободата на говор ги измачува многу повеќе од што изразуваат (во случајов, преку докажаната ковид-профитерка Урсула). Ги измачува до ниво на уплав, и тој уплав може да ги натера на драматичен, очајнички чекор. И да ги докусури. Човештвото е разбудено без преседан досега, па овој “форум” полека се претвора во бал на уплашени вампири.Во таа смисла, приказната за наводната идна Болест Х, која ете им била непозната, но т.н. Светска здравствена организација ете веќе прави симулации дека од неа можеле да умрат 150 милиони луѓе и да доведе до колапс на влади, сфатете ја пред се како притисок со ширење страв тие влади до мај да се согласат да ги предадат своите уставни ингеренции на СЗО, па само таа да решава за “пандемии”, локдауни и, секако, задолжителни вакцини. Всушност, за конечен крај на слободата на говор. И на сите други човечки слободи.Фаќаат логика двете години на Урсула?(Видео во коментар)
Нашата слобода доаѓа со ризици. Секогаш ќе постојат оние што ќе сакаат да не извадат од колосек, на пример со дезинформации. И никаде на друго место немало повеќе дезинформации отколку за Украина. Така што дозволете да ви дадам некои вистински точни информации. Русија пропаѓа со стратешките цели, рече вон дер Лајен во својот говор во Давос.
Со актот за дигитални услуги ги дефинираме одговорностите на големи интернет платформи за содржините што ги промовираат и ги пропагираат. Одговорност кон децата и ранливите групи кои се таргетирани со говор на омраза, но и одговорност кон нашите општества целосно. Зашто границите меѓу онлајн и офлајн се потенки и потенки. И вредностите што ги цениме офлајн треба, исто така, да се заштитени онлајн. Ова е уште поважно во новата ера на вештачка интелигенција, рече вон дер Лајен.
Како што може да се види од целиот говор, ниту еднаш во него не се споменува „болест Х“, ниту пак, со справувањето со дезинформациите се ограничува слободата на говор. Според она што го истакнува претседателката на ЕК во својот говор, дезинформациите влијаат негативно општествата да се справат со глобалните проблеми, а од нив жртви се и децата и маргинализираните заедници. Таа додава дека она што е норма во однос на дезинформациите офлајн, треба да е и онлајн.
Во контекст на ковид пандемијата, евидентно беше ширење на бројни дезинформации, креирани за да се спречи населението да се вакцинира, да носи маски, да верува во здравствените политики, со што се доведува во опасност здравјето и индивидуално и колективно. Во објавата што ја рецензираме пишува дека „слободата на говор им ги урнала плановите со пландемијата“, што, исто така, е невистина, бидејќи пандемијата не беше ни планирана, ни организирана, ниту таков глобален заговор е можен. Дезинформациите во пандемијата беа поларизирачки во смисла на тоа дека најнапред се лажеше дека пандемијата не постои, па кога последиците од неа беа очигледни за сите, тогаш дезинформаторите се префрлија на наративот дека тоа е план за депопулација, што, исто така претставува дебанкирана дезинформација.
Она што го зборува Урсула вон дер Лајен на Форумот во Давос не е она што е презентирано во рецензираната објава. Таа зборува за обединување на Европа, за дезинформациите околу воената инвазија на Русија врз Украина (кажува дека Русија губи и воено и политички и дипломатски), за употребата на вештачка интелигенција, за енергетиката во ЕУ, за обновливата зелена енергија, како и за глобалната геополитика, односно дека во исто време има повеќе конфликти во светот. Тврдењето дека зборувала за „болест Х“, не е точно. Исто како што не е вистина дека подготовката за идни пандемии е обид владите да ги предадат своите уставни ингеренции на СЗО. Секоја влада добива препораки од СЗО, но начинот на имплементација се во рацете на владите, односно нејзиниот суверенитет не е одземен со следење на препораки, особено кога се работи за пандемии, односно катастрофи со глобални размери и последици кои го засегаат целиот свет. Во врска со изнесеното во објавата дека СЗО ќе одлучува за вакцини, вакциналниот календар во цела Европа е речиси идентичен, бидејќи се работи на усогласување на менаџирање на ризиците од болести. Слободата на говор, наспроти изнесеното, не се загрозува со грижата за јавното здравје, со дебанкирање на дезинформациите кои имаат токсични цели да дестабилизираат, да дезинформираат, да влијаат на носењето на одлуките на граѓаните базирано на лаги, да создаваат кризи и катастрофи на штета на јавното здравје како општествен приоритет.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Кога ќе се погледне видеото на кое зборува претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, се доаѓа до заклучокот дека таа воопшто не ни спомнува „болест Х“, туку зборува за теми неповрзани со пандемии, а кои ја засегаат ЕУ.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар