Во вакцините против ковид нема графен оксид

Фото: x3 Pixabay

Неправилно протолкуван документ и неколку видеоматеријали, од кои некои не ни прикажуваат графен оксид, се искористени за да се заплашат граѓаните дека со вакцинацијата против ковид-19, во телото ќе примат графен оксид и дека истиот реагира на 5Г мрежата. Но, ова не е вистина. Вакцината против ковид на Фајзер не содржи графен оксид, ниту пак, има корелација меѓу неа и 5Г мрежата. Вакцините против ковид се безбедни и ефикасни и самата компанија Фајзер потврдува дека графен оксидот не го користат во производството на истата

Неправилно протолкуван документ и неколку видеоматеријали, од кои некои не ни прикажуваат графен оксид, се искористени за да се заплашат граѓаните дека со вакцинацијата против ковид-19, во телото ќе примат графен оксид и дека истиот реагира на 5Г мрежата. Но, ова не е вистина. Вакцината против ковид на Фајзер не содржи графен оксид, ниту пак, има корелација меѓу неа и 5Г мрежата. Вакцините против ковид се безбедни и ефикасни и самата компанија Фајзер потврдува дека графен оксидот не го користат во производството на истата

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува документ со логото на фармацевтската компанија „Фајзер“ и под фотографијата пишува „во меѓувреме, ако уште има луѓе кои велат дека графен оксидот во вакцините е теорија на заговор“. На самата објава пишува:

Се однесува особено за нашите наводни „медицински стручњаци“, политичари, новинари и „опчинетите“ вакцинирани граѓани кои што агитирале, а и сега агитираат за безбедноста на вакцините.

Во објавата, всушност, се сугерира дека вакцините на „Фајзер“ против ковид „содржат графен оксид“, а тие што го негираат тоа – медицински стручни лица, политичари и новинари, како и самите вакцинирани, не се во право. Авторот на објавата ова го поткрепува со документ. Но, овој документ не покажува дека вакцините против ковид на „Фајзер“ содржат графен оксид, туку нешто сосема друго. Објавувањето на документи како поткрепа на антивакцинални ставови, претставува етаблирана пракса за манипулација, бидејќи документите како пишани извори, сугерираат висок степен на веродостојност.

Како што пишуваат проверувачите на факти на „Ју Ес Еј Тудеј“, документот што е објавен во објавата што ја рецензираме, погрешно е протолкуван.

Станува збор за еден од повеќе од 600 документи кои може да се пронајдат во дата-базата на Мрежата за информирана согласност, а добиени се од американската Агенција за храна и лекови преку Законот за слободен пристап до информации за јавен карактер.

Но, документот не покажува дека во вакцината има изненадувачка состојка во неа. Документот опишува процес на валидација во лабораторија, според доктор Томас Русо, шеф на одделот за инфективни заболувања на Универзитетот Бафало, оддел за медицина.

Документот покажува процес на евалуација, а не како вакцината е направена. Во опишаниот процес се користат златни мрежички обложени со графен оксид, за да се помогне да се визуелизира протеинот под микроскоп. И тој валидациски процес е комплетно одделен од производството на вакцината, вели доктор Русо за Ју-Ес-Еј Тудеј, додавајќи дека во документот се опишува процес за тестирање на мРНК вакцината, за тоа дали таа води до создавање на спајк протеинот.

Шерон Кастиљо, портпаролка на „Фајзер“ за Ју Ес Еј Тудеј вели дека во производството на вакцината против ковид на „Фајзер“, воопшто не се користи графен оксид.

Таа го посочува упатството со факти објавено на страницата на Агенцијата за храна и лекови на САД, каде се наведени сите состојки во вакцината. Меѓу тие состојки се мРНК, масти, соли и сахароза, но нема графен оксид.

Графенот, слој од графит со дебелина од еден атом, со карактеристични својства, е во центарот на дезинформациите за состојките во вакцината против ковид-19.

Во објавата што ја рецензираме се споделува видеоматеријал од облак во форма на црн круг над антена, и се кажува дека тоа е „графен оксид под дејство на соодветни фреквенции на 5Г мрежата“.

Но, како што пишуваат проверувачите на факти на „Стоп Фејк“ појавата нема никаква поврзаност ниту со 5Г мрежата, ниту со графен оксидот.

Всушност, такви прстени се чад како резултат на експлозија или изложеност на природни фактори. Нема врска со графен, ниту со 5Г мрежа. Слични црни прстени на небото се забележани и порано во многу делови од светот. На пример, во Пакистан и во Англија, пишуваат проверувачите на факти на „Стоп Фејк“.

Овде има пример како истите може да настанат од експлозија.

Во објавата се споделува видео кое беше објавено првично на Јутјуб од страна на „Стенфорд Комплексити Груп“ со наслов „самосложувачки жици“. Портпаролот на Стенфорд за „Франс Прес“ изјави дека во експериментот е користен челик, а не честички од графен.

Видеоматеријалот од внатрешни органи, кој е споделен во објавата што ја рецензираме, не би можел да претставува графен оксид од вакцина против ковид-19. Вакцините не содржат графен оксид и не би можеле да создаваат таква видеоснимка, бидејќи графен оксидот не влегува во телото. Споделени се уште два видеоматеријала од црни честички кои е спојуваат и креираат големи структури.

Целта на овие видеоматеријали се да се заплаши јавноста дека како што се движат честичките во природата, така се движат и во нивниот организам после вакцинацијата, што, се разбира, не е точно. Знаеме со сигурност дека графен оксидот не постои во вакцината на „Фајзер“ против ковид и покрај тоа што оваа дезинформација е масовно злоупотребувана по принципот „стопати повторена лага“.

Графен оксид е материјал кој настанува со оксидација на графен. Графен е единечен слој на графит (меката супстанца која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата,  е објаснето во напис  објавен во журналот „Фронтиерс оф Физикс“ во јануари 2019 година.

Повеќе рецензии на оваа тема, може да прочитате овде, овде и овде.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 не содржи графен оксид и е сосема безбедна, штити од ковид-19 и нема корелација со 5Г мрежата.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција