Објавата се повикува на неосновани тврдења на американската авторка Наоми Волф која изнесува низа невистини во врска со вакцините против ковид-19. Таа е позната по ширење дезинформации во врска со вакцините и претходно била дебанкирана. Волф за своите тврдења се повикува наводни документи од Фајзер кои не ги покажува ниту еднаш. Вакцините не се депонираат во нашите органи, уште помалку во нашите јајници и мозокот, не влијаат на репродукцијата, не ја намалуваат плодноста, не го оштетуваат срцето и не предизвикуваат спонтани абортуси. Доказите и фактите покажуваат дека Фајзер вакцината не е штетна за бремените жени и дека ризиците од сериозни последици се многу поголеми доколку се заразите со вирусот отколку да се вакцинирате
Објавата се повикува на неосновани тврдења на американската авторка Наоми Волф која изнесува низа невистини во врска со вакцините против ковид-19. Таа е позната по ширење дезинформации во врска со вакцините и претходно била дебанкирана. Волф за своите тврдења се повикува наводни документи од Фајзер кои не ги покажува ниту еднаш. Вакцините не се депонираат во нашите органи, уште помалку во нашите јајници и мозокот, не влијаат на репродукцијата, не ја намалуваат плодноста, не го оштетуваат срцето и не предизвикуваат спонтани абортуси. Доказите и фактите покажуваат дека Фајзер вакцината не е штетна за бремените жени и дека ризиците од сериозни последици се многу поголеми доколку се заразите со вирусот отколку да се вакцинирате
Објава на Фејсбук, тврди дека вакцината на Фајзер против ковид-19 влијае на човечката репродукција и дека таа е биолошко оружје. За ваквите тврдења нема никакви докази.
Синтетизирајќи шокантни откритија од анализите на илјадници документи на „Фајзер“, д-р Наоми Волф (Јејл, Оксфорд) рече дека си имаме работа со монструми. „Нема шанса да се избегне заклучокот дека цел им е да ја пореметат човечката репродукција“, вели таа и додава „Тоа е биолошко оружје и ние сме нападнати“, стои во објавата што ја анализираме.
Објавата споделува напис кој се повикува на видео поставено на веб-страницата на колеџот Хилсдејл на 7 март, во кое американската авторка Наоми Волф тврди дека мРНК вакцините ковид-19 се складираат во различни органи во нашето тело и дека внатрешните документи на Фајзер откриваат оти вакцините против ковид-19 не функционираат.
Таа понатаму тврди дека материјалите од вакцината, „индустриски масти обложени со полиетилен гликол“, се таложат во органи како мозокот и јајниците. Волф наведува и разни други органи.
Значи, каде одат овие состојки? Тие одат во мозокот. Некои од вас забележале промени во личноста на саканите кои ја примиле оваа инјекција. Ако сте жена, тие влегуваат во вашите јајници. Вашата прва инјекција, дел оди во вашите јајници. Вашата втора инјекција, поголем дел оди во вашите јајници, вели таа во видеото.
Нема докази дека вакцината се депонира во човечки органи
Сепак, нема докази за кои ќе го поддржат тврдењето на Волф дека вакцината се депонира во човечки органи.
Волф, која е познат теоретичар на заговор и шири дезинформации за вакцините, неколкупати во минатото се повикувала на наводните внатрешни документи на Фајзер за да изнесува неосновани тврдења, пишува сајтот за проверка на фактите Лоџикали фактс.
И во конкретното видео во кое зборува за наводни документи на Фајзер, таа ниту еднаш не ги покажува документите.
Волф беше забранета од Твитер во 2021 година поради твитање дезинформации за вакцините против ковид-19.
Таа беше проверувана повеќепати во минатото кога изнесе вчудовидувачки тврдења дека тестирањата на вакцините се поврзани со спонтани абортуси кај речиси 44 проценти од жените.
Тврдењето дека ковид вакцините предизвикуваат абортус не се докажани и тие се дел од теориите на заговор кои ги шират антиваксерите. Како што „Вистиномер“ има веќе пишувано, во светот постои вообичаена стапка на спонтани абортуси. Тие се случуваат без или со вакцинација, односно независно од вакциналниот статус на жената. Вакви абортуси со дадената стапка во светот се случувале и пред да постои вакцина против ковид-19. Податоците на реномираната „Мајо клиника“ во САД укажуваат на тоа дека 10 до 20 проценти од познатите забременувања завршуваат со спонтан абортус.
Но, вистинските бројки се веројатно и повисоки, бидејќи многу спонтани абортуси се случуваат многу рано во бременоста, дури и пред да знаете дека сте бремена, пишува на веб-страницата на „Мајо“ клиниката.
Центарот за контрола и превенција на болести на САД, Американскиот колеџ за гинекологија и акушерство и Асоцијацијата за мајчинско фетална медицина, препорачуваат вакцинација на бремените жени против ковид-19.
И македонскиот Институт за јавно здравје препорачува вакцинација на бремени жени.
За да го провери тврдењето на Волф дека „вакцината се депонира во јајниците“, Лоџикали фактс го контактирале гинекологот од Делхи, д-р Минакши Ахуја, кој изјавил:
Нема докази за ова тврдење. Имавме жени, па дури и бремени жени кои ја земаа вакцината. Апсолутно не постои никаква документација дека вакцината се депонира во јајниците или во кој било орган.
Понатаму, Светската здравствена организација (СЗО) ја препорачува вакцината Фајзер и вели:
Вакцината е безбедна и ефикасна за сите лица на возраст од шест месеци и повеќе. Вакцината Фајзер-Бионтек против ковид-19 има многу висока ефикасност против тешка болест и умерена ефикасност против симптоматска инфекција САРС-Ков2.
СЗО, исто така, препорачува вакцинација за бремени и доилки, бидејќи има повеќе податоци за поддршка на вакцинацијата за време на бременоста. Пронајдени се антитела предизвикани од вакцина во мајчиното млеко на доилки, што сугерира дека и бебето може да ги искористи овие антитела.
Сепак, откриено е дека вакцините против ковид-19 имаат влијание врз менструалниот циклус. Истражувањето објавено во Фронтиерс забележува:
Вакцинирањето против ковид-19 може да го продолжи менструалниот циклус и овој ефект може да биде посредуван од хормоните на јајниците. Поважно, откриваме дека менструалниот циклус се враќа на неговата должина пред вакцинацијата …
Овие промени се мали и краткотрајни и не влијаат на плодноста, напиша Викторија Мале, една од авторките на истражувањето, во напис во „Гардијан“.
Д-р Соумја Сваминатан, која беше главен научник во СЗО до 2022 година, во 2021 година објасни дека бремените и доилките треба да се вакцинираат.
Жените кои дојат можат и треба да ја земаат вакцината. Вакцините не содржат жив вирус во нив и нема ризик. Бебињата, исто така, може да бидат заштитени, бидејќи трагите од вакцината може да одат преку мајчиното млеко до бебето, вели д-р Сваминатан.
Во интервју за Порталб.мк гинекологот Пајтим Асани објаснува зошто е важно трудниците да се вакцинираат против ковид-19.
Вакцинирањето против ковид-19 е исклучително важно за нашето здравје, бидејќи стапката на морбидитет и морталитет е голема посебно кај бремените жени, и за мајката и за фетусот, за разлика од другата популација. Компликациите кои им се закануваат на трудниците како последица од ковид-19 се: пневмонија, нарушување на работата на срцето, тромбоемболични компликации, акутна бубрежна инсуфициенција, невролошка болест, заболување на црниот дроб и дигестивниот систем. Затоа, вакцинацијата е единствениот и најдобар начин, посебно за трудниците, за минимизирање или превенција на горенаведените компликации, објаснува Пајтим Асани, гинеколог.
Вакцините не влијаат на репродукцијата
Волф во видеото тврди и дека вакцините ја нарушуваат човечката репродукција и дека постои опасност за плодноста. И ова не е точно.
Ковид-19 вакцините не ги ослободуваат нивните компоненти во или надвор од телото.
Всушност, вакцините дури и не влегуваат во јадрото, каде што е зачувана ДНК и не им се дава можност да ги модифицираат гените. Како што објави американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), ниту една од вакцините не содржи жив вирус.
Ова, исто така, значи дека нема докази кои покажуваат дека вакцините влијаат врз плодноста кај мажите (или жените).
Вакцините против ковид-19 не го менуваат нашиот генетски материјал (ДНК). Тие содржат безопасни протеини кои предизвикуваат одговор во нашиот имунолошки систем. Нашите системи ги разградуваат тие протеини и ги исфрлаат надвор.
Вистиномер уште пред 2 години има пишувано дека вакцините против ковид не предизвикуваат неплодност. Тоа го потврди лекарот Лиридон Диша.
Веста дека овие вакцини предизвикуваат неплодност кај луѓето не е точна! Како прво, на научниците им треба време да го докажат тоа. Овие вакцини се користат помалку од една година и е премногу рано за да се донесат такви заклучоци. Другата причина зошто се работи за една лажна вест е фактот дека досега не е направена една сериозна студија што го потврдува тоа, додека пак студии како овие има многу, изјави доктор Лиридон Диша.
Вакцината против ковид не предизвикува „оштетување на срцето“
Волф, исто така, тврди дека вакцината ковид-19 предизвикува оштетување на срцето кај децата и младите. Ова е неосновано тврдење.
Иако е точно дека ретки случаи на миокардитис и перикардитис се забележани кај младите возрасни по вакцинацијата против ковид-19, овој ризик е многу помал од ризикот од овие состојби поради самата инфекција со ковид-19.
Миокардитис е воспаление на срцевиот мускул. ЦДЦ на својата официјална веб-страница има објавено дека миокардитис и перикардитис (воспаление на надворешната обвивка на срцето), ретко се пријавени. Кога се пријавени, случаите биле особено кај адолесценти и млади возрасни мажи во рок од неколку дена по вакцинацијата со мРНК вакцината на Фајзер/Бионтек и Модерна.
ЦДЦ продолжува да препорачува сите на возраст од 6 месеци и постари да се вакцинираат за ковид-19. Познатите ризици од болеста ковид-19 и нејзините поврзани, можеби тешки компликации, како што се долгорочни здравствени проблеми, хоспитализација, па дури и смрт, многу ги надминуваат потенцијалните ризици од ретка несакана реакција на вакцинацијата, вклучително и можниот ризик од миокардитис или перикардитис, пишува ЦДЦ на својата веб-страница.
На сајтот на владата на Австралија е наведено дека не сите случаи на миокардитис и перикардитис после вакцината се поврзани со неа, но постои каузална врска во ретки случаи, односно миокардитис и перикардитис се ретки несакани ефекти на вакцината против ковид-19. Но, постојат и случаи кога миокардитисот и перикардитисот се појавуваат како резултат на самата болест – инфекција со ковид-19.
Пријавите за миокардитис и перикардитис се многу ретки, а пациентите вообичаено закрепнуваат за кратко време со одмор и стандарден третман.
Британската фондација за срце вели дека луѓето заразени со ковид-19 имаат 40 проценти поголема веројатност да развијат кардиоваскуларни болести отколку незаразените луѓе.
Ова е причината зошто Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) препорачува да се вакцинирате, бидејќи „вакцинирањето против ковид-19 е побезбеден, посигурен начин да се изгради заштита отколку да се разболите со ковид-19“.
Објавата што ја анализираме се повикува на неосновани тврдења на американската авторка Наоми Волф, која изнесува низа невистини во врска со вакцините против ковид-19. Таа е позната по ширење дезинформации во врска со вакцините и претходно била дебанкирана. Волф за своите тврдења се повикува наводни документи од Фајзер кои не ги покажува ниту еднаш. Вакцините не се депонираат во нашите органи, уште помалку во нашите јајници и мозокот, не влијаат на репродукцијата, не ја намалуваат плодноста, не го оштетуваат срцето и не предизвикуваат спонтани абортуси. Доказите и фактите покажуваат дека Фајзер вакцината не е штетна за бремените жени и дека ризиците од сериозни последици се многу поголеми доколку се заразите со вирусот отколку да се вакцинирате. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар