Нема ковид вакцини и графен оксид во телешкото месо

Фото: Принтскрин видео ФБ пост

Во објавата се злоупотребени стари видеоматеријали за да се плашат граѓаните со непостоечкиот графен оксид во вакцините и дека наводно „има графен оксид во месото од заклано вакцинирано теле“ . Вистинските состојки на вакцините се јавно достапни на веб-страницата на Центарот за контрола и превенција на болести. Вакцините не содржат графен оксид, а животните не се вакцинираат масовно против ковид. Ковид не е „наводен“, ниту пак, вакцините се „наводни“, туку имаше ковид пандемија од светски рамки која одзеде 7 милиони животи

Во објавата се злоупотребени стари видеоматеријали за да се плашат граѓаните со непостоечкиот графен оксид во вакцините и дека наводно „има графен оксид во месото од заклано вакцинирано теле“ . Вистинските состојки на вакцините се јавно достапни на веб-страницата на Центарот за контрола и превенција на болести. Вакцините не содржат графен оксид, а животните не се вакцинираат масовно против ковид. Ковид не е „наводен“, ниту, пак, вакцините се „наводни“, туку имаше ковид пандемија од светски рамки која одзеде 7 милиони животи

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во којa се споделуваат повеќе видеоматеријали со иста цел – да се покаже дека „има графен оксид во месото од заклано вакцинирано теле“ и истовремено се додава дека „вакцините против ковид се наводни исто како и самиот ковид“.

Наспроти изнесеното во објавата, како и во неколкуте видематеријали кои се споделуваат во неа, во телешкото месо нема ковид вакцини. Во објавата што ја рецензираме се прикажува свежо неприготвено телешко месо за кое се вели дека било инјектирано со ковид вакцина, но како што пишуваат проверувачите на факти на Асошиејтед прес, тоа е само уште една нова теорија на заговор која се шири од страна на антивакциналното движење.

Овие тврдења почнаа најнапред како теорија дека „преку системот за исхрана, односно месото или зелената салата кои се инјектирани со ковид вакцини истите се пренесуваат во човечкиот организам“.

Но, портпаролка на одделот за земјоделство на САД за „Асошиејтед прес“. Мариса Пери, вели

Во реалноста, нема ковид мРНК вакцини лиценцирани за животни.

Таа забележува дека овој оддел не одобрил ниедна вакцина за со неа да се вакцинираат животните, како кравите и телињата, наспроти она што се тврди во објавата.

Некои животни, особено оние кои се во зоолошките градини и се смета дека може да добијат ковид-19, примиле вакцини против ковид. Но, тие имунизации не се темелат на мРНК технологија, вели Суреш Кучипуди, ветеринарен научник и претседател на одделот за инфективни болести на Пен Стејт Универзитетот.

Постојат некои вакцини базирани на мРНК кои се лиценцирани за животни. На пример, фармацевтската компанија Мерк нуди вакцина против грип и други вируси кај свињите за да заштити специфична група (стадо).

Тој пристап постои пред да се појават ковид мРНК вакцините и технологијата не е иста, пишува „Асошиејтед прес“.

Нема мРНК вакцини за која било болест на животни во стадо во САД, вели националната асоцијација во САД, адресирајќи ја онлајн дезинформацијата. Фармерите, ако сакаат, избираат која вакцина да ја дадат на нивните животни.

Но, дури и кога би се вакцинирале стадата (што не е случај), во вакцините против ковид-19 нема графен оксид. Оваа пропагандна манипулација дека во вакцините против ковид наводно имало графен оксид, беше исклучително вирална, споделувана и честа за време на пандемијата со ковид-19.

„Асошиејтед прес“ извести дека и покрај тоа што имало истражувања за тоа дали се користел графен оксид во некои вакцини (во количества кои за човекот не би биле токсични), материјалот не е на листата на состојки на Фајзеровата вакцина или која било друга вакцина.

Кит Лонгли, менаџер за наука во „Фајзер,“ за „Асошиејтед прес“ изјавил дека оваа состојка во нивната вакцина не постои. Истото го потврдиле и хемиски и медицински експерти, кои не се поврзани со компанијата „Фајзер“.

Не е во листата на состојки и нема никаква можност да биде присутна во вакцината, изјавил Ален Мајерсон, професор по хемиски инженеринг во Институтот за технологија од Масачусетс.

Доктор Амеш Адаџа, специјалист за инфективни болести од „Џонс Хопкинс“, тврди дека имало истражувања за потенцијалното користење на графен оксидот во други вакцини, но количините не биле во доволно големи дози за да предизвикаат токсичен ефект.

Во објавата што ја рецензираме поставени се неколку видеоматеријали кои беа злоупотребувани во текот на ковид пандемијата за да се дезинформира јавноста дека вакцините се штетни или дека содржат состојки кои не ги содржат. Такво е и ова споделено видео, а за кое веќе пишувавме дека е научно видео од 2015 година, кога воопшто немаше ковид вакцини. Во објавата што ја рецензираме е рециклирана старата дезинформација со видеото од белите дробови за кое веќе пишувавме, а за кое не е јасно од каде потекнува, но сигурно е дека на него не е прикажана реакција после „вакцинација против ковид со графен оксид“.

Графен оксид е материјал кој настанува со оксидација на графен. Графен е единечен слој на графит (меката супстанца која ја има во врвот од моливите за пишување). Графен оксидот има потенцијална употреба во електрониката, оптиката, хемијата, складирањето енергија и биологијата,  е објаснето во напис  објавен во журналот „Фронтиерс оф Физикс“ во јануари 2019 година.

Вистинските состојки на вакцините се јавно достапни на веб-страницата на Центарот за контрола и превенција на болести. Вакцините не содржат графен оксид, а животните не се вакцинираат масовно против ковид. Ковид не е „наводен“, ниту пак, вакцините се „наводни“, туку имаше ковид пандемија од светски рамки која одзеде 7 милиони животи.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција