Несаканите ефекти кај децата вакцинирани против ковид се благи и минливи

Фото: pixabay.com

Во овој пост се пропушта контекстот, бидејќи иако е точно дека 86 проценти од децата имале пријавени несакани реакции, сепак, тие се благи, односно се однесуваат на локални реакции и на болка во местото на инјектирање. Но, ова во постот се прикрива за да се создаде погрешен впечаток во јавноста дека ковид-вакцините се небезбедни

Во овој пост се пропушта контекстот, бидејќи иако е точно дека 86 проценти од децата имале пријавени несакани реакции, сепак, тие се благи, односно се однесуваат на локални реакции и на болка во местото на инјектирање. Но, ова во постот се прикрива за да се создаде погрешен впечаток во јавноста дека ковид-вакцините се небезбедни

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува наслов од текст кој гласи: „86 проценти од децата имале несакани реакции на вакцината против ковид-19 во клиничкото тестирање” . А во описот на постот пишува:

Документите на Агенцијата за храна и лекови која ја одобри Фајзер за деца од 12-15 години покажуваат дека 86% од оние кои примиле прва доза при клиничкото тестирање имале негативни ефекти како последица од вакцината.
И покрај тоа им била дадена втора доза и не само тоа, добива итно одобрение за употреба. 
Како ли само измерија дека користа е поголема од штетата?

Но, во овој пост се пропушта контекстот, бидејќи наведените 86 проценти се однесуваат на благи и привремени несакани ефекти, како болка во раката на местото на убодот, или главоболка која поминува за неколку часа, или замор кој е, исто така, привремен. Ова во постот воопшто не се споменува, односно, ваков податок намерно се премолчува и на тој начин се креира лажна слика дека несаканите ефекти од вакцината се сериозни.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Квинт, тврдењата за несакани ефекти кај децата што примиле вакцина против ковид-19 се заведувачки – манипулативни,  затоа што станува збор за болка во раката и локални реакции.

Според Центарот за контрола и превенција на болести, 86,2 проценти од децата во Америка, кои примиле вакцина против ковид-19, а биле на возраст меѓу 5 и 11 години, имале локални реакции како чешање, болка, црвенило и оток после вакцинацијата. Националниот центар за биотехнолошки информации покажува дека 79 до 86 проценти од децата меѓу 12 и 18 години пријавиле болка на местото на инјектирање во Саудиска Арабија. Во самиот текст чиј линк е споделен во постот што го рецензираме, пишува дека 86,2 проценти од децата на возраст од 12 до 15 години пријавиле болка на местото на вакцинација после првата доза. Но, овој процент се намалил на 78.9 проценти после втората доза. Слични бројки се достапни и на сајтот на „Фајзер“. И во Саудиска Арабија има такви слични бројки. 

И проверувачите на факти на Ројтерс, пишуваат дека учесниците на возраст меѓу 12 и 15 години најчесто имале болка во местото на инјектирање, која била опишана како блага до средна. Други локални реакции биле оток на местото на инјектирање кај 6,9 проценти и црвенило кај 5,8 проценти.

Дервила Киен, портпаролка на „Фајзер Европа“ за глобални медиуми за Ројтерс изјавила дека вакцината имала поволна оценка за безбедност и профил на толеранција, слична на другите вакцини за адолесценти со многу блага реактивност, без сериозни странични ефекти и без невообичаени или сериозни несакани ефекти. Терминот реактивност значи несакани настани предизвикани од инфламаторен одговорот на телото кон вакцинацијата. На 4 јуни 2021 регулаторната агенција за лекови и медицински производи на Велика Британија објави дека вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 може да се употребува и кај деца на возраст од 12 до 15 години.

Портпаролот на агенцијата за Ројтерс вели:

Во клиничкото испитување, безбедноста на вакцината кај деца на возраст од 12 до 15 години беше компарирана со таа кај млади од 16 до 25 години и немаше забележано никакви нови несакани ефекти. Најголемиот дел од нив беа благи до средни, најчесто болка во раката и замор. Како што е наведено во информациите за производот, најчестиот несакан ефект кај деца од 12 до 15 години во повеќе од 90 проценти е болка во местото на инјектирање, замор и главоболка над 70 проценти.

Следствено, оценуваме дека  во постот што го рецензираме се пропушта контекстот, бидејќи иако е точно дека 86 проценти од децата имале пријавени несакани реакции, тие се благи, односно се однесуваат на локални реакции и на болка во местото на инјектирање. Но, ова во постот се прикрива за да се создаде погрешен впечаток во јавноста дека ковид-вакцините се небезбедни.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција