Погрешно се толкува новиот закон во Калифорнија за старателство врз децата

Фото: Принтскрин видео - ФБ пост

Новиот закон во Калифорнија не значи дека родителите ќе го изгубат старателството ако не прифатат транзиција на полот на нивното дете. Калифорнија е заговорник за споделено родителство и споделено старателство, а во одлучувањето за секое дете поединечно од страна на судовите ќе се земаат предвид бројни фактори

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

10.09.2023
Државното собрание на Калифорнија штотуку усвои нацрт-закон со кој им се дозволува на родителите да го изгубат старателството над своите деца ако одбијат да ја прифатат транзицијата на полот на нивното дете. Тие ги сакаат вашите деца.
Државниот сенатор Скот Винер, кој нема деца, е коавтор на законот.

Во склоп на објавата се споделува видео во кое се изнесува дека должност на родителите е да ги поддржуваат и поттикнуваат своите деца да го изразат својот идентитет, но во видеото никаде не се споменува дека родителите, кои ќе одбијат да го прифатат родовиот идентитет на своите деца, ќе го изгубат старателството над нив.

Асошиејтед прес пишува дека критичарите ја извртуваат содржината на законот со којшто ќе се цени (меѓу другите фактори) и дали родителот поддржува транзиција на полот во случаите каде се доделува старателство врз детето.

Демократските пратеници од Калифорнија одобрија нацрт-закон со кој им се наложува на судовите да го ценат, меѓу многуте други фактори и тоа дали родителот одобрува промена на родовиот идентитет, кога досудува кому ќе му припадне старателството. Но, критичарите онлајн тврдат дека мерките одат многу подалеку од тоа и дека значат оти кој било родител што нема да ја поддржи желбата на детето за операција за промена на полот, ќе го загуби старателството врз него. Правните експерти и предлагачот на законот велат дека тоа не е така. Фактите се дека во законот не се споменува директно никаква операција. Тој се однесува за случаи за старателство и им наложува на судиите да ја ценат и поддршката на родителот кон идентитетот на детето, заедно со други фактори, кои, исто така, треба да се ценат, пишува Асошиејтед Прес.

Професорот по семејно право на Универзитетот во Јужна Калифорнија, Скот Алтман, за Асошиејтед прес вели дека:
Со законот не се ставаат никакви црвени линии со кои му се забранува на судијата да го додели старателството на родител што не се согласува со тоа неговото дете да го промени родовиот идентитет. Со законот не се доделува детето на родителот кој се согласува со промена на полот. 

Медиумот наведува дека на социјалните мрежи се шират дезинформации според кои доколку родителот не е поддржувач на промената на полот на неговото дете тоа по автоматизам значи дека ќе го изгуби старателството врз него, што е невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција