Проруската политичка партија „Родина Македонија“ – дезинформации, теории на заговор и поттикнување омраза
Проруската партија „Родина Македонија“ беше извор на дезинформации за Украина уште пред започнувањето на воената инвазија од страна на Русија. Претходно, партијата ширеше дезинформации кои поттикнуваат омраза за НАТО, ЕУ, Договорот од Преспа, ковид-19 и вакцинирањето, пописот и локалните избори
Проруската партија „Родина Македонија“ беше извор на дезинформации за Украина уште пред започнувањето на воената инвазија од страна на Русија. Претходно, партијата ширеше дезинформации кои поттикнуваат омраза за НАТО, ЕУ, Договорот од Преспа, ковид-19 и вакцинирањето, пописот и локалните избори
Пишува: Жарко Трајаноски, медиумски аналитичар
Проруската партија „Родина Македонија“ беше извор на дезинформации за Украина уште пред започнувањето на воената инвазија од страна на Русија. На 20 јануари 2022 „Родина Македонија“ организира протест пред украинската амбасада против „глорификацијата на нацизмот во Украина”, теза што беше демантирана од украинската амбасадорка Наталија Задорожњук, која посочи дека „Во Украина не се глорифицира нацизмот, земјата изгуби над 8 милиони луѓе во Втората светска војна“. Еден ден по инвазијата на Русија врз Украина, проруската партија ѝ овозможи на познатата новинарка Мирка Велиновска, која има добиено медал од Путин за пропагандни заслуги, да ја оправдува „воено-техничката интервенција“ во Украина како зауздување на вознапреднатиот процес на „планетарна фашизација“ преку т.н. „постмодерен либерално-демократски нацифашизам“.
Партијата „Родина Македонија“ е една од неколкуте антизападни партии што му даваат отворена поддршка на Путин за „дефашизација“ на Украина и кои повикаа на протест „НЕ ЗА РУСОФОБИЈАТА!“. На 12 март 2022, со скандирање „Путин, Путин…“ пред руската амбасада во Македонија, претседателот на партијата „Родина Македонија“ даде „јасна поддршка за Русија и рускиот народ“, кои биле „исправени пред налетот на нацифашизмот во Европа“. Десет дена подоцна „Родина Македонија“ се пофали дека одржала средба со рускиот амбасадор на која била искажана „голема благодарност од руската страна за јавната поддршка на македонскиот народ кон Русија и рускиот народ за специјалната операција за денацификација и демилитаризација на Украина“.
Проруската „Родина Македонија“ се појави на македонската политичка сцена во текот на 2019, прво на социјалните мрежи, а во 2020 и како регистрирана партија, со три основни ориентации: „НЕ за Преспанскиот договор; НЕ за Европската Унија и НЕ за НАТО!“. Оваа партија која се претставуваше како „Единствената суверенистичка опција на Македонскот Народ“ и борец против „глобалофашизмот“, се јавува како извор и проширувач на бројни дезинформации и теории на заговор, кои поттикнуваат недоверба кон демократските институции и процеси. „Родина Македонија“ заговараше бојкот на претседателските избори во 2019, делегитимирање и спречување на парламентарните избори во 2020, ја искористи пандемијата за ширење дезинформации и пропагирање „антиваксерски“ пораки, го саботира и бојкотира пописот на населението и водеше ултранационалистичка, потпалувачка и хомофобична кампања на локалните избори во 2021. Иако на локалните избори „Родина Македонија“ постигна скромни резултати, нејзините пропагандни пораки заслужуваат анализа, во контекст на широкиот дијапазон на стратегии за руско влијание во Македонија.
Проруската „Родина Македонија“ против НАТО и ЕУ, референдумот и „Договорот од Преспа“
Како главни иницијатори и идеолози на партијата „Родина“ (претставувана како „отпаднат дел од Единствена Македонија“) се појавија имињата на Зоран Јованчев и Горан Шумкоски. Зоран Јованчев е застапник на здружението „Македонија и Русија (МиР)“, соработник на сесловенското движење „Русов“, и гласноговорник против Западот, ЕУ, НАТО, а за рушење на „Преспанскиот договор“. „Суверенистот“ Горан Шумкоски е познат геополитички пропагандист и идеолог на „Вистински Македонски Пат, застапник на контрахегемонија на Балканот, следбеник на геополитичките конспирации на Дугин. Јованчев тврди дека Дугин бил донесен во Скопје „преку нашите пријатели во Белград“, неговите пропагандно-милитантни текстови се преведени на партиското гласило, а цитиран е и на партиската страница кога го сатанизира Западот како „самиот ѓавол“.
„Идеологот“ Шумкоски беше активно вклучен во движењето Бојкотирам и во ширење руски дезинформации и антички митови не само преку неговиот портал „Коложег“, туку и преку глобалните проруски пропагандни канали, каде што објавува антиглобалистички и антизападни написи. Во почетокот на 2018, на протест пред Собранието, Шумкоски зборува против „фашистичката глобализација на Сорос“ и повикува на скандирање против „Нато-фашисти“. Иако Јованчев и Шумкоски заедно излегуваа во јавност како иницијатори и основачи на „Родина Македонија“, Шумкоски подоцна е сменет како претседавач, а дел од неговата група „пучисти“ е исклучена од партијата.
Проруската ориентација на „Родина Македонија“ се огледа и во статутот, каде што како цел на членовите меѓу другото, е да се градат блиски односи со словенските земји и Русија, врз основа на припадноста на заедничката словенска култура и цивилизација. Меѓутоа, се чини дека главните активности на „Родина“ се поскоро пропагандни, насочени против Западот и против Преспанскиот договор, отколку за промоција на нивните позитивни програмски цели.
На првите јавни собири, иницијаторите на „Родина” ширеа дезинформации и страв за исчезнување на Македонците и прогласија дека „не сакаме да влеземе во вашите сојузи ЕУ и НАТО и било кој друг, каде Македонците и македонската држава веќе не постојат“. Наместо „угнетувачот“ ЕУ, и „фашистичкото” НАТО (кое било на „смртна постела“ и „нефункционален сојуз со поминат рок на употреба“), во првите јавни настапи иницијаторите на „Родина“ се залагаа за „мултиполарен свет“ и ја промовираа идејата за Евроазија од Владивосток до Лисабон.
Негативната пропаганда против НАТО ја продолжија со осуда на „одроденото Собрание“, кое гласало за НАТО, со прогласување на НАТО за фашистички окупатор и сите 114 пратеници кои гласале за ратификација за влез во НАТО како „предавници”. „Родина“ мобилизираше основачи на партијата со говор на омраза кон западните „терористички орди кои убиваат и живо и мртво под закрила на сатанизираната држава на Американците“, оцрнувајќи ги пратениците кои гласаа за ратификација на протоколот за НАТО како „измеќари во служба на демонот“. „Родина“ го осуди прелетот на авиони на НАТО како „чин на агресија“, а ширеше и теории на заговор за НАТО, 5Г-интернет, и „Голема Албанија“.
„Родина“ се обиде да го искористи македонско-бугарскиот спор за да ја оцрнува ЕУ како фашистичка творба, ширејќи дезинформации дека се бара „капитулација на македонскиот народ“ и агитирајќи дека затоа треба да се откажеме од барањето за влез во ЕУ.
Со антизападниот и квазиантифашистичкиот дискурс против дволичните и антинародни политики на НАТО и ЕУ, „повампирената Европа“ и „повампирениот фашизам”, „Родина“ се обидуваше да поттикне нетрпеливост и омраза не само кон Западот, туку и кон прозападните политички противници. Не само кон најголемите две „предавнички партии”, туку и кон „изродите предавнички“, кон „домашните предавници на власт” (‘‘ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ДА БЕШЕ ЖИВ, СО КАМА ЌЕ ИМ ПРЕСУДЕШЕ НА ПРЕДАВНИЦИТЕ‘‘!), кон „северџанија“, „Северџански марионети”, „окупациската северџанска хунта” итн.
Веднаш по формалното основање, „Родина” ширеше теории на завера против Вашингтон како наследник на Рим, тврдејќи дека „Нашиот македонски народ веќе 2000 години е на удар на Рим и неговите наследници и слуги”. Наместо НАТО, кое „ги разделува Словените”, Родина пропагира Економски и воен сојуз со „братска Русија” и „Евроазиската економска унија“, а нејзиниот основач во интервју за руски медиум тврдеше дека „првиот Евроазиец од овој регион е Александар Македонски“.
„Родина“ против вакцинацијата – дезинформации за пандемијата, омраза кон власта и Бил Гејтс
И пред прогласувањето на пандемијата, „Родина” ги поддржуваше „родителите што започнаа да одбираат своите деца да не ги вакцинираат”, ширејќи дезинформации за вакцините.
По прогласување на пандемијата со ковид-19, „Родина” во своите објави дезинформираше за „вештачки креиран вирус – еквивалентен на варијација на грип”, и „вештачки креирана пандемија и фабрикувана паника” како дел од „грозен тоталитарен план” на „глобалофашистите” и „сатанизирани белосветски, а оцрнети организации и институции“.
„Родина“ ја негира пандемијата („не се работи за пандемија, туку за малку поопасна варијација на корона-вирус“) и високата смртност, дезинформирајќи дека се воведува Вонредна состојба за сезонски вирус (сезонскиот фабрикуван вирус, вирус што по сите светски здравствени статистики е во рангот на сезонски грип).
„Родина“ ширеше и Застрашувачка теорија на заговор и дезинформации за поврзаноста со вирусот, 5Г-технологијата и чипот на Бил Гејтс:
COVID 19 го прати и 5Г антени и технологија, како битен елемент на идната вакцина која ја спомнува ФИЛИПЧЕ и во која треба да им РФ чип за идентификација, чип за кој БИЛ ГЕЈТС има патент кој ги носи бројот WO2020 060606 A1.
Иако вакцинацијата против корона-вирусот е планетарен процес, „Родина Македонија“ ја прогласи за „ненаучно базирана вакцинација на македонскиот народ, која е побудена исклучиво од ниските страсти за финансиски лични интереси и краткорочните политички потреби на предавничката Хунта!“
Игнорирајќи ги сопствените тврдења дека пандемијата е креирана, дека „нема вирус“ и дека ќе покрене процес за кривична одговорност за „вештачки фабрикуваната криза околу вирусот”, „Родина“ го сподели на „Твитер“ текстот „Русија во Август со одобрена вакцина против ковид-19! Пропаѓа планот на Гејтс за зомбирање на човештвото?“.
По „антиваксерските“ дезинформации, „Родина“ практично ја промовира руската вакцина, оцрнувајќи ги западните вакцини на „глобалофашистите“, кои имале цел „зомбирање на луѓето“:
Ќе добие ли човештвото шанса за спас од РНК-менувачките вакцини на глобалофашистите со цел зомбирање на луѓето во безволно стадо крави кое не може да се спротивстави на вечното ропство и насилство?
Активисти на „Родина“ не беа само организатори на протести против ковид-мерките, туку и главни говорници и главни извори на дезинформации, како за поврзаноста на корона-вирусот и 5Г-технологијата, така и за пандемијата и вакцинацијата. Официјално најголем донатор на Родина во 2021, и дел од претседателството на партијата, е „антиваксерката“ Гордана Гоџо, која ширеше заплашувачки дезинформации за вакцините и против тогашниот министер за здравство, како и QАnon теории на заговор (Профилната слика на Гоџо на нејзиниот твитер-профил е голема црвена буква Q со мали сонциња на вергина). Нејзината партија „Родина“ ѝ овозможи видеоплатформа за дополнително ширење дезинформации и теории на завера за пандемијата и вакцинацијата. Во едно видеоинтервју, Гоџо и нејзината гостинка од „суверенистичката дијаспора” на Србија, ширеа дезинформации дека „вирусот е измислен” од организирани злосторници – „банкарски лопови, фармакомафија, сатанистите на светот”. Преку истото видео, партијата „Родина“ практично ширеше теорија на завера против Бил Гејтс како „најголем монструм” на денешниот фашизам, оцрнувајќи го како „болен човек со некрофилски карактер, кој ужива во редуцирањето на популацијата и во убивање луѓе”.
„Родина“ ја напаѓаше и „криминално-пучистичка власт креирана од надвор“, обвинувајќи ја дека „идеално одговара на агендите за депопулација со големи бројки на смртност, одродување со трансродово сексуално образование и со демакедонизирање со дивата Северџганија“.
„Родина“ во кампања со дезинформации против пописот на населението
„Родина“ го користеше и претходниот попис, а и пописот во 2021, како повод за ширење дезинформации за бројноста на етничките Албанци во Македонија, објавувајќи во јавноста различни податоци. На пример, дезинформацијата дека во Македонија „Албанците моментално се 14%, со фалсификуваниот попис под диктаторство на американската амбасада…“, очигледно беше во контекст на намерата да се креира паника за бришење на Македонците, за идна федерализација, па дури и поделба на земјата како во времето на германско-италијанската фашистичка окупација. Во друга објава, „Родина“ тврдеше дека се крие реалната бројка која ние отприлика ја знаеме, околу 10 а максимум 15%, а во трета дека „Родина Македонија има проверени и многу прецизни информации кои велат дека во Република Македонија живеат од 16,3-17,7% граѓани со албанско етничко потекло“, повикувајќи ја „целокупната Македонска нација да не ги признае резултатите од пописот доколку на него фигурираат повеќе од 18% граѓани со албанско етничко потекло“.
Пописот во 2021 беше претставуван како „повторен обид за бришење на македонскиот народ“, а партија агитираше со слоганите „Кажете му НЕ на #етноцидот“, и за неучество во наместен, режиран и нелегитимен попис. Проруската „Родина“ пропагираше дека народот може да прифати „Само попис организиран од ОН, а мониториран од Русија и Кина“, дека „нема да дозволиме нов геноцид врз нас“, и дека мкедонскиот народ нема да ги признае „резултатите од пописот организиран од окупаторот“. „Геополитичкиот проект Попис 2021“ беше делегитимиран како „воден од западните стратешки гробари на Република Македонија и нивните регионални измеќари“, како попис за зачувување на власта, како попис за иредентистички цели – голема Албанија, како класична местенка за ЕТНОЦИД на македонскиот народ („ВАМПИРИЗАМ кон Македонија и Македонскиот народ“), како „последниот чин на уништување на Македонија и тоа преку фингиран попис“. „Родина“ агитираше дека „Македонците мора масовно и здружено да го бојкотираат овој попис, како што здружено и братски го бојкотиравме референдумот“, повикуваше да не се учествува во фалсификатот, етноцидот и релативизирањето на цела една нација-Македонската и тврдеше дека ПОПИС ЌЕ НЕМА!
„Родина Македонија“ заедно со други организации и партии се приклучи на кампањата преполна со дезинформации „НЕ ОТВОРАМ ВРАТА“, што резултира со намалена бројка на етнички Македонци во резултатите од пописот. Потоа, „Родина Македонија“ не ги призна резултатите од ФАЛСИФИКУВАНИОТ ПОПИС и ширеше теорија на заговор дека пописот во 2021 е „геополитички криминален Попис од страна на западните сили и албанската иредента во Владата, како и македонската петта колона, каде Македонецот е избришан во својата матична земја во една криминално мафијашка геополитичка операција“. Исто така, „Родина Македонија“ дезинформира и заплашуваше дека целта на пописот била „качување на бројката на Албанците на сметка на Македонците“, што во суштина било „продолжување на долговековната западна политика“.
Ваквите дезинформации и теории на заговори за „Голема Албанија“ и за „бришење на Македонецот од неговата етничка територија“ не се ништо ново, туку продолжување на мрачни геостратешки теории на заговор со привикување на „Голема Албанија“ од време на политичката криза во 2015-2017, како и за време на „Преспанскиот договор“ и зачленувањето во НАТО, се обидуваа да предизвикаат меѓуетничка нетрпеливост и омраза.
„Родина“ на локални избори: кампања со дезинформации и поттикнување омраза
„Родина Македонија“ настапи за прв пат на локалните избори 2021 година со свои кандидати за градоначалник во Берово, Центар и Град Скопје, и со свои советнички листи во 9 општини и Град Скопје.
Во прв план на кампањата во Скопје не беа локални теми, туку обиди за мобилизација на граѓаните што не сакаат да се вакцинираат или се против ковид-мерките. „Родина“ упати повик до „слободарска Македонија“ „да го сопреме дивеењето на вакцина лобито и бизнис интересите на фармацевтската мафија, како и фашизоидната агенда на неолибералната глобална елита“.
„Родина“ бараше укинување на ковид-фашистичките мерки, а во своето видеообраќање, кандидатот за градоначалник зборуваше за „повампирен фашизам“, „ковид фашизам“, Скопје како голем концентрационен логор, каде што на граѓаните што ја одбиваат вакцината им се ограничува слободата на движењето како во „еврејско варшавско гето“. Носителот на советничката листа за „Скопје“ се залагаше за „Скопје со Македонци, без Авгани, без косовизација“.
На локалните избори 2021 „Родина“ беше една од партиите што отворено ширеше хомофобија и трансфобија. Претходно, „Родина“ се залагаше за Подршка на традиционалното Македонско Семејство и заштита од манипулативните програми на западот за негово растурање, пропагираше против ЛГБТ и педофилска идеологија, и се спротивставуваше на „воведувањето на овие извитоперени, изопачени ‘вредности’‚ наметнати од европската блудница“. Во текот на кампањата за локални избори, кандидатите на „Родина“ ветуваа заштита на децата од „психопатските невладини здруженија“, забрана на „монструозното сензитивно сексуално образование на Мила Царовска“:
Децата ќе бидат заштитени од трансродови накази и инородното сексуално образование кое промовира родител1 и родител2, наместо татко и мајка.
Актуелната градоначалничка на Скопје, како кандидатка беше оцрнувана како „личност што директно работи за глобалистичките проекти, Climate change, спонзориран од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс и проектите на СЗО за ресет на економијата од ковид-пландемијата“. И покрај тоа, „Родина“ ги повика своите гласачи во втор круг да гласаат за неа, а против власта, која била помалото и поголемото зло.
Иако „Родина Македонија“ оствари скромни резултати (кандидатот за градоначалник на Скопје имаше само 0,76% од гласовите, а другите кандидати уште помалку), оттаму не може да се извлече заклучок за тотален неуспех на „руското влијание“ на локалните избори 2021, кое видливо се остваруваше и преку други политички актери, што е тема за дополнителна анализа.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар