Што се крие зад обидите на Русија да ја поврзе Украина со терористичкиот напад во Москва?
Минатата недела руската државна телевизија емитуваше снимка од сослушувањето на четворицата осомничени. Еден од обвинетите пред камера изјавил дека планот бил по нападот да се упатат кон Киев. Други обвинети зборуваа за наводната помош што им била ветена при преминувањето на украинската граница. Нивните зборови мора да се земат со голема претпазливост. За време на судското појавување по нивното апсење, на лицата и телата на мажите имаше видливи знаци на тортура
Минатата недела руската државна телевизија емитуваше снимка од сослушувањето на четворицата осомничени. Еден од обвинетите пред камера изјавил дека планот бил по нападот да се упатат кон Киев. Други обвинети зборуваа за наводната помош што им била ветена при преминувањето на украинската граница. Нивните зборови мора да се земат со голема претпазливост. За време на судското појавување по нивното апсење, на лицата и телата на мажите имаше видливи знаци на тортура
Пишува: Ана Анастасовска
Русија сè погласно и упорно се обидува за терористичкиот напад во салата „Крокус сити хол“ во Москва, кој се случи на 22 март, да ја обвини Украина. Во последните неколку недели руските власти ја туркаат позицијата дека Украина и Западот се виновни за масакрот во кој настрадаа речиси 150 лица, иако Исламска држава (ИСИС) ден по нападот ја презеде одговорноста.
Имено, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС објави видео од нападот во концертната сала. На видеото, кое Би-Би-Си го потврди како вистинито, се гледа како еден од вооружените напаѓачи отвора оган врз неколку луѓе.
По ова се огласија и САД, кои рекоа дека имаат информации кои потврдуваат дека нападот во Москва го извршила Исламската држава.
Руските власти не го коментираа тврдењето на Исламската држава, кое дојде две недели откако САД предупредија за потенцијален напад насочен кон „големи собири“ во Москва. Тие се пожалија дека американското разузнавање немало конкретни детали.
Претседателот на Русија, Владимир Путин го отфрли ова предупредување како „обид на Западот да ја дестабилизира Русија“.
За нападот во Москва, Русија веднаш го впери прстот кон Украина
Путин, информирајќи ја јавноста дека се пронајдени и приведени сите четворица директни извршители на терористичкиот напад, посочи дека тие се обиделе да се скријат и се упатиле кон Украина, каде според прелиминарните податоци од украинска страна им бил подготвено преминување на државната граница. Путин рече дека се приведени вкупно 11 лица. Безбедносните служби претходно соопштија дека другите седуммина уапсени се соучесници.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека е „исклучително тешко да се поверува“ дека Исламска држава имала капацитет да го изврши нападот врз концертната сала во Москва. На брифинг со новинарите, Захарова рече дека Украина стои зад нападот.
За да ги оттргнат сомнежите на колективниот Запад, итно мораа да смислат нешто, па прибегнаа кон ИСИС. Тие повлекоа кец во ракавот и буквално неколку часа по терористичкиот напад, англосаксонските медиуми почнаа да ги шират токму тие верзии, рече таа.
Киев експресно демантираше дека има каква било врска со терористичкиот напад во „Крокус“.
Да бидеме јасни, Украина нема апсолутно никаква врска со овие настани. Во врска со настаните во Крокус Сити во руското предградие, каде што денес се случија одредени настани, пукања, терористички акции од неидентификувани лица, да бидеме јасни, Украина апсолутно нема никаква врска со овие настани. Нема ни најмало сомневање дека настаните во московското предградие ќе придонесат за ненадејно зголемување на воената пропаганда, забрзана милитаризација, проширена мобилизација и, на крај, на обемот на војната. Тоа ќе послужи и како оправдување за очигледните геноцидни напади врз цивилното население на Украина, напиша на Телеграм Михајло Подољак, помошник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Официјални изјави и дезинформации
Руските власти набрзо почнаа без никакви докази да тврдат дека Украина стои зад нападот со поддршка на Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија. Овие три држави ги отфрлија таквите обвинувања (тука,тука и тука).
На социјалните мрежи почнаа да се споделуваат дезинформации кои упатуваа на украинска врска со нападот во Москва.
Таков беше случајот со дезинформацијата дека еден од уапсените осомничени за нападот има украинско државјанство и дека во 2022 година се борел во војната во Украина на страната на Киев.
Се правеа обиди и преку манипулација да се злоупотреби стар говор на Трамп за да се прикаже дека Барак Обама и САД ги формирале ИСИС и поради тоа они стоеле зад нападот во Москва.
Лиферувани снимки
Руските власти покренаа обвинение против четворица уапсени мажи за кои се тврди дека се директни извршители на терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“. Сите четворица се обвинети за тероризам, а двајца од нив, пред судските власти ја признале вината. Четворицата обвинети ќе бидат задржани во истражен затвор најмалку до 22 мај, соопшти судот. Според руските државни медиуми, обвинетите се именувани како Далерџон Мирзоев, Саидакрами Муродали Рачабализода, Шамсидин Фарудини и Мухамедсобир Фајзов и се државјани на Таџикистан.
Минатата недела руската државна телевизија емитуваше снимка од сослушувањето на четворицата осомничени. Еден од обвинетите пред камера изјавил дека планот бил по нападот да се упатат кон Киев.
Други обвинети зборуваа за наводната помош што им била ветена при преминувањето на украинската граница.
Сајфуло рече дека на украинската граница ќе нè чекаат момци кои ќе ни помогнат да ја поминеме границата и да стигнеме до Киев. Ни рече: ‘Јавете ми се, па ќе ви кажам што да правите’, сведочеше еден од обвинетите.
Нивните зборови мора да се земат со голема претпазливост. За време на судското појавување по нивното апсење, на лицата и телата на мажите имаше видливи знаци на тортура.
Паралелна реалност
И покрај тоа што Америка, па дури и Иран ја предупредија Москва за можни напади на руска територија, во својот 13-минутен извештај, руската државна телевизија не спомна дека „Исламската држава“ ја презеде одговорноста, пишува Би-би-си во својата анализа за тоа зошто Русија се обидува да ја намести Украина за нападот во Москва.
Потоа, во прилогот на руската телевизија, беше изнесено неоснованото обвинување „западните медиуми повеќе сочувствувале со оние што го извршија терористичкиот напад во кој беа убиени повеќе од 140 беспомошни луѓе отколку со жртвите…“ Тоа беше јасен обид да се демонизира Западот во очите на руската јавност, пишува Би-би-си.
Ова не го кажува само руската телевизија, туку и руското Министерство за надворешни работи. Во соопштението на својот канал Телеграм, Министерството тврди дека на Запад постои строга наредба во медиумите да не се известува за вистинските размери на трагедијата – да не се зборува за бројот на жртвите на терористичкиот напад, загинатите деца…
Не се дозволени изливи на хуманост и сочувство кон рускиот народ, се вели во соопштението на руското министерство, пишува Би-би-си.
Тоа е паралелна реалност, оценува медиумот во својата анализа. За разорните последици од масакрот и пожарот во салата „Крокус“ беше нашироко известувано од меѓународните медиумски организации. Во однос на сочувството, многу западни дипломати го посетија руското Министерство за надворешни работи за да се потпишат во книгата на жалост и подоцна да положат цвеќе за жртвите пред „Крокус“.
Мобилизација на домашната поддршка
Рускиот претседател Владимир Путин се обидува, без докази, да ја поврзе Украина со неодамнешниот напад на концертната сала во Москва за дополнително да ја мобилизира домашната јавна поддршка за руските воени дејствија во Украина, велат меѓународните безбедносни експерти за Гласот на Америка.
Тоа е цинична, но удобна тактика што Кремљ ја користи, обидувајќи се да го поврзе нападот со Украина. Да бидам јасен, Украина не беше вклучена во ова. Украина не врши терористички акти или воени злосторства во конфликтот против Русија, како што прави Русија, вели пензионираниот полковник Роберт Хамилтон, соработник на Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон и експерт за безбедносни прашања за Гласот на Америка.
Хамилтон смета дека не било во интерес на Киев, дури ни во воено-стратешка смисла, да ѝ наштети на Русија на овој начин.
Украина има други начини да ја нападне Русија и тоа го направи користејќи подводни и воздушни беспилотни летала, но нападна легитимни воени или економски цели, а не места за концерти, убивајќи и ранувајќи стотици цивили. Да го направеше тоа Украина, само ќе го мобилизираше руското население и ќе ја зголемеше поддршката за Путин и војната, вели Хамилтон за Гласот на Америка.
Тврдењето дека Киев и Западот биле поврзани со нападот ѝ дава на Москва изговор за каква било идна ескалација на војната во Украина – доколку одлучи дека треба. Но, некои коментатори ги предупредуваат руските власти дека идентификувањето на погрешниот непријател може да се покаже како фатална грешка.
Ваквите системи обично умираат на тој начин. Тие се концентрираат на некој што го гледаат како главен непријател, а вистинскиот го пуштаат на друго место. Засега руските власти ќе се концентрираат на Украина, на Западот, на либералите. И ќе ја отворат задната врата, низ која ќе влезе вистинската опасност, вели за Би-би-си политикологот Владимир Пастухов, почесен виш научен соработник на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар