Средното „Ѓошо Викентиев“ во Кочани остана без интернат

Училиштето се уште далеку од добивање интернат. Фото: Википедија

 

Проект: Интернат во состав на СОУ „Ѓошо Викентиев“ – Кочани

Опис на проектот: Општината ќе се заложи за обезбедување содветни усло­ви за привлекување инвеститори кои би инвестирале во изградба на интер­нат. Максимално ќе вложиме напори во остварување на оваа иницијатива и во соработка со домашни и со меѓународни партнери ќе пристапиме кон разгледување на можноста за реализирање на овој проект.  (Средства: 61.500.000 денари, Извори на финансирање: Меѓународни финансиски институции, Рок: 2015 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Обезбедување услови и привлекување домашен или меѓународен партнер за изградба на интернат во СОУ „Ѓошо Викентиев“ – Кочани, вети пред локалните избори во 2013 година Ратко Димитровски, тогаш градоначалник на општина Кочани и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за нов мандат. Како рок за реализација на ветувањето дадено на 20. страница од неговата изборна програма, тој ја наведе 2015 година.

Пребарувањето на интернет за да видиме до каде е реализацијата на ветувањето, не го донесе очекуваниот резултат. Единствено прецизно што утврдивме е дека во новиот Генерален урбанистички план на Кочани, донесен пред десетина дена, е исцртана локација за интернат кај средното училиште „Ѓошо Викентиев“. Не најдовме ниту огласи за барање партнер за изградба на интернатот. Според тоа, ова ветување на Ратко Димитровски досега не е исполнето.

Прелистувањето на на веб-сајтот на СОУ „Ѓошо Викентиев“ не доведе до информации дека е нешто преземено за изградба на интернат. Прелистувањето на веб-сајтот на општина Кочани за преземени чекори за реализација на ветувањето, односно наоѓање партнер за изградба на интернат, исто така не даде резултати. Во делот Огласи и соопштенија нема споменување на училиштето или планираниот интернат. Дека е нешто преземено на тој план не прочитавме ниту во најновиот отчет, за 2015 година, на Општина Кочани и градоначалникот, ниту пак во претходниот отчет, за 2014 година. Ниту интернат ниту училиштето „Ѓошо Викентиев“ се споменуваат во Планот на програми за развој 2015-2017 на Општина Кочани.

Првата конкретна информација до која што дојдовме е во извештајот од 15 јули годинава на телевизијата Канал 8 за седницата на Советот на општина Кочани на која е донесен новиот Генерален урбанистички план. На седницата, Љупчо Стојилков, член на Советот, констатира дека Кочани нема интернат.

Ме интересира дали овој ГУП нуди решенија на образовните институции, односно дали нуди можност за градење на еден средношколски училишен центар, затоа што ние се соочуваме со проблеми дека учениците бегаат во други градови каде има интернати, Кочани е град каде нема интернат и бројот на ученици драстично се намалува од година во година, рече Љупчо Стојилков, член на Советот на Општина Кочани.

Во одговор, Марија Салтирова од Секторот за урбанизам на Општина Кочани, нагласила дека е предвиден интернат, во склоп на парцелата на училиштето.

Кај сегашниот простор на средното училиште “Гошо Викентиев“, односно градска четврт 1, ние имаме предвидено, значи во склоп на парцелата на училиштето, имаме предвидено интернат, рече Марија Салтирова од Секторот за урбанизам на Општина Кочани.

Се обративме до соодветните служби во Општина Кочани да провериме дали и кога се преземени активности за барање домашен или меѓународен партнер за изградба на интернатот, но не ја добивме бараната информација, односно немаше потврден одговор.

Во најновиот отчет на ВМРО-ДПМНЕ, чиј градоначалнички кандидат беше Ратко Димитровски, не е споменато ништо за изградба на интернат во СОУ „Ѓошо Викентиев“.

Со оглед на утврденото, од сите неопходни мерки што треба да се преземат за Кочани да добие интернат за средношколци, единствено е вцртана маркичка за интернат во склоп на СОУ „Ѓошо Викентиев“, и тоа во најновиот ДУП. Со оглед на фактот што и тоа е сторено после истекот на рокот (односно крајот на 2015 година), а нема други информации за активности, ветувањето на Ратко Димитровски за интернат во склоп на училиштето е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Оценето од: Сашо Спасоски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција