Кај нас не делуваат никакви „европски педофилски банди“ кои киднапираат деца

Фото: kalhhPixabay

Немало никакво киднапирање, ниту во Карбинци, ниту на 22-годишна девојка од Скопје. Стари вести, без да се објават фактите, се злоупотребени за да се шират познати теории на заговор за некакви си „европски педофилски банди“, кои наводно делуваат кај нас, а политичките елити им служат и им принесуваат некакви жртви. Не постојат никакви педофилски мрежи кои киднапираат деца за трговија со нив или за производство на адренохром

Немало никакво киднапирање, ниту во Карбинци, ниту на 22-годишна девојка од Скопје. Стари вести, без да се објават фактите, се злоупотребени за да се шират познати теории на заговор за некакви си „европски педофилски банди“ кои наводно делуваат кај нас, а политичките елити им служат и им принесуваат некакви жртви. Не постојат никакви педофилски мрежи кои киднапираат деца за трговија со нив или за производство на адренохром

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која споделува стари вести во време кога е актуелен случајот со грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања, притоа манипулира и шири теории на заговор.

Ете ви ја Европа народе тоа се европските вредности. На Европа и служите како приватно ловиште на европските педофилски банди трговците со човекови органи и бело робје за адренохром за потребите на Бакингам Ватикан и холивудските ѕвезди. Овозможено од ВМРО СДС ДУИ за потребите на нивните стратеешки партнери, стои во објавата што ја анализираме.

За да го поткрепи ваквото тврдење, објавата споделува фотографии од две вести, но тие се стари и не известува за завршницата на овие случаи.

Очигледно е дека објавата сака да создаде погрешна слика во јавноста, злоупотребувајќи ги овие вести за да ги шири познатите теории на заговор за некакви си педофилски мрежи во Европа и Ватикан кои киднапираат деца за трговија со органи и трговија со бело робје, како и за производство на адренохром од крвта на децата што наводно го консумираат холивудските ѕвезди.

Нема никакво киднапирање

Прво, во случајот со веста од Карбинци, каде беше пријавен наводен обид за киднапирање, МВР на 9 декември годинава информираше дека полицијата целосно го расчистила случајот и дека немало елементи на кривично дело.

СВР Штип во содејство со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал при Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје – Одделение за криминалистички работи Аеродром и Драчево, а во координација со Основното јавно обвинителство Штип комплетно го расчистија и документираа случајот пријавен од директорката на основно училиште Карбинци за наводен обид за грабнување на ученичка, при што е утврдено дека нема елементи на кривично дело. Имено, веднаш по добивањето на пријавата полициски службеници излегоа на терен, преземени се низа оперативно-тактички мерки и дејствија во координација со Јавен обвинител од штипското обвинителство, извршени се разговори со лица кои биле сведоци на случајот во присуство на родители, но и со претставници на училиштето, а по преземени активности беше пронајден и 20-годишникот со кој беше извршен службен разговор во врска со случајот. Притоа, од сите реализирани дејствија и прибавени докази не се утврдени основи за постоење на кривично правен настан. Целокупниот доказен материјал од преземените мерки и активности со соодветно известување ќе биде доставен до надлежното Основно јавно обвинителство и Центарот за социјална работа Штип за нивно понатамошно постапување, извести МВР.

Значи, немало никаков обид за киднапирање. Но, ова објавата не го спомнува.

Понатаму, поврзано со втората вест, и тука објавата ги крие фактите. На 9 декември, како што информираше полицијата, татко од Карпош ја пријавил 22-годишната ќерка за исчезната. Уште истиот ден, МВР преку соопштение извести дека девојката се вратила дома.

На 09.12.2023 во попладневните часови во Полициска станица Карпош, Д.М.(53) пријави дека неговата ќерка Т.М.(22) е вратена во домот. За неа во 04.30 часот тој пријави дека се оддалечила од домот, по што полициски службеници преземаа активности за нејзино пронаоѓање, соопшти полицијата.

И тука немало никаков обид за киднапирање, но и тоа објавата не го земала предвид.

Злоупотреби за ширење стари теории на заговор

Очигледно е дека објавата намерно ги крие фактите и прави злоупотреба со две доста чувствителни вести, особено кога е актуелен случајот со грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања, а со цел ширење на познати теории на заговор за наводни западни педофилски елити кои киднапираат деца, а за кои Вистиномер досега има пишувано во повеќе наврати.

Според оваа теорија, грабнувањето на деца е со цел нивно измачување и производство на адренохром, кој западните елити го пијат за подмладување и истата години наназад ја шират поддржувачите на Кју движењето во САД. Никогаш со докази не е потврдено дека постои таква пракса. Според оваа теорија на заговор, адренохромот е супстанца која е еликсир на младоста и мора да се извлече од жив организам, а потоа жртвата да почине. Така, се тврди дека богати луѓе и елитисти ширум светот, киднапираат и мачат деца за да го земат адренохромот од нивните тела додека се живи, а потоа го консумираат за да останат млади.

Но, фактите говорат дека  адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3, кое се добива со оксидација на адреналин (епинефрин). Се користи како лек во форма на негови дериват за лекување на загубата на крв како хемостатик. Тврдењата дека има својства против стареење немаат никаква основа во реалноста и фактите.

Теоријата на заговор за некакви западни педофилски елити кои киднапираат деца за да тргуваат со нив како бело робје или за трговија со органи се шират особено кога се актуелни некои трагедии, како на пример што е сега кај нас актуелна трагедијата со грабнувањето и убиството на Вања, или пак, во услови на војна и други големи светски случувања. Така, на пример оваа теорија на заговор почна да се шири кога изби војната меѓу Израел и Хамас за што Вистиномер веќе пишуваше.

Вакви теории на заговор се ширеа и за војната во Украина. Вистиномер и за ова има пишувано (тука , тука тука )

Дури и самиот случај со Вања беше злоупотребен за ширење на овие теории на заговор.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека немало никакво киднапирање во Карбинци, ниту пак, на 22-годишна девојка од Скопје. Стари вести, без да се објават фактите се злоупотребени за да се шират познатите теории на заговор за некакви си европски педофилски мрежи кои наводно делуваат кај нас, а политичките елити им служат и им принесуваат некакви жртви. Не постојат никакви педофилски мрежи кои киднапираат деца за трговија со нив или за производство на адренохром. Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како неточна.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција