Непосакуван увоз: Анти-ЕУ дезинформациите на Кремљ потпалуваат и во С. Македонија

Photo: Combination of two images by Crest Research, 2021 and Kremlin wallpaper by 1ZOOM.Me-Download free desktop wallpapers2013-2024

Најголем дел од анти-ЕУ дезинформациите на Кремљ во С. Македонија потекнуваат од странство – и од Русија и од Западот, потоа пристигнуваат во земјата преку социјалните платформи, а помал дел и преку медиумите. Некои до нив потоа се прилагодени на локалниот контекст, а мал дел од дезинформациите кои ги туркаат наративите на Кремљ се домашни. Србија е централна точка за ширење на овие дезинформации на Балканот, но како што тече времето тие започнуваат да доаѓаат отсекаде. Најважно е што тие се тука и што треба да се справиме со нив

Најголем дел од анти-ЕУ дезинформациите на Кремљ во С. Македонија потекнуваат од странство – и од Русија и од Западот, потоа пристигнуваат во земјата преку социјалните платформи, а помал дел и преку медиумите. Некои од нив потоа се прилагодени на локалниот контекст, а мал дел од дезинформациите кои ги туркаат наративите на Кремљ се домашни. Србија е централна точка за ширење на овие дезинформации на Балканот, но како што тече времето тие започнуваат да доаѓаат отсекаде. Најважно е што тие се тука и што треба да се справиме со нив

 

Пишува: Владимир Петрески

 

Каква е состојбата со пропагандата на Кремљ во една мала земја во средиштето на Балканот, земја со кревка демократија и разуздана корупција, земја која има многу проблеми со соседите, земја кандидат за членство во ЕУ од 2005 година и земја која живее во мир во најголем дел во периодот од распадот на поранешна Југославија во 1990 година, освен 6 месеци во 2001 година кога се појавија судири меѓу македонските безбедносни сили и албанските герилци на УЧК, но во кои бројот на жртви никогаш не надмина трицифрена бројка? Прилично добро се држи, со оглед на сѐ! Многу подобро од некои други земји во балканското соседство – како Србија, на пример, која стана регионален центар за ширење пропаганда на Кремљ и во која авторитарниот дискурс сè уште царува, или Босна, каде што се судираат интересите на трите етникуми (Србите, муслиманите и Хрватите) што предизвикува постојана нестабилност која се користи од пропагандата на Кремљ, или Црна Гора, каде што Кремљ се обиде да изврши неуспешен државен удар во 2017 година (за среќа) или Бугарија, каде што старата комунистичка гарда и националистичките партии се познати како сојузници со Кремљ за многу прашања.

Но, битката со оваа појава не е лесна ни во С. Македонија. Сè уште се присутни дезинформациите на Кремљ кои ја користат секоја прилика за сеење страв и поделби, а најмногу за капитализирање врз фактот што С. Македонија е сè уште далеку од членството во ЕУ, што би гарантирало подобра заштита од институциите на Унијата, откако земјата стана членка на НАТО во 2020 година. Но, сега Кремљ игра на економските слабости на земјата, како и на кревката демократија и незадоволството на населението од недостатокот на напредок на патот кон членство во ЕУ, дури и по промената на името и 19 години кандидатски статус.

Демократијата на земјата имаше подеми и падови, но, сепак, се одржуваше во првите две децении од независноста до политичката криза во 2011 година. Тогашната авторитарна влада, предводена од десничарската национална партија ВМРО-ДПМНЕ, ја затвори најголемата ТВ станица во земјата. Кризата траеше сѐ до 2016 година, кога ги загубија изборите, продолжувајќи и во првата половина од 2017 година при што најопасен ден беше 27 април 2017 година, кога толпата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ упадна во зградата на Собранието во обид да предизвика меѓупартиско и меѓуетничко насилство, надевајќи се дека последователниот хаос ќе доведе до поништување на изборите и ќе им овозможи некако да останат на власт „за да го задржат мирот и во име на националната безбедност“. Тоа не успеа. Власта, сепак, се смени според изборните резултати, авторитарниот премиер Никола Груевски беше осуден од судовите поради корупција, но, потоа успеа да побегне во Унгарија, каде што сè уште престојува под заштита на тамошниот авторитарен премиер, Виктор Орбан.

Уште тогаш долгата рака на пропагандата на Кремљ и нивниот бренд на хибридно војување можеше да се почувствува во С. Македонија. Кремљ даде сѐ од себе да посее хаос преку локалните поддржувачи и медиуми, како и преку српските медиуми кои ја извезуваа пропагандата на Кремљ на југ во С. Македонија. Белградските таблоиди објавуваа смешни тврдења дека „3 илјади вооружени Албанци на македонско-албанската граница“ или „4 илјади вооружени лица од УЧК на македонско-косовската граница“ се подготвени за напад, ангажирајќи ги локалните проруски сили во поддршката на автократската влада се организираа 34 руско-македонски здруженија за пријателство, што е смешно и никогаш ништо не стана од овие „здруженија“, додека рускиот олигарх Иван Савидис, кој живее во Солун, беше посочен дека поделил 300 илјади евра на локалните националистички и проруски организации и поединци во С. Македонија со цел да креираат немири. Тоа е оној кој упадна на фудбалскиот терен неколку години претходно, носејќи пиштол на појасот, незадоволен од судиската одлука за време на еден од натпреварите на солунскиот фудбалски тим ПАОК што го поседуваше.

Сето тоа тогаш беше со цел да се направи сѐ што е можно Кремљ да ја запре промената на власта во земјата, да не се дозволи таа да стане членка на НАТО. Но, кога ништо од ова не успеа, Русија мораше да се задоволи со ширење лажни вести за американски воени авиони избркани од страна на руските воздухопловни сили над Црното Море, откако за првпат прелетаа над воздушниот простор на С. Македонија како дел од нивната нова мисија за заштита на небото над најновиот НАТО сојузник.

 

АВТОРИТАРНИОТ РЕЖИМ ЗАМИНА – ПРОПАГАНДАТА НА КРЕМЉ ОСТАНА

Настаните околу падот на авторитарниот режим во земјата, се разбира, не беа првиот налет на дезинформации и хибридна војна од страна на Кремљ во Северна Македонија. Нивното влијание можеше лесно да се забележи многу порано, со посериозни напори направени околу 2014 година, за време на првата окупација на делови од Донбас во Украина и окупацијата, а потоа и анексијата на Крим. Тогаш медиумите кои го поддржуваа авторитарниот премиер Груевски, инстинктивно почнаа да се вртат кон Русија, јасно гледајќи ги знаците дека Западот не застанува на страната на автократските сили, туку стои цврсто на страната на демократијата. И така, од ден на ден почнавме да бидеме бомбардирани со содржини кои го зајакнуваа култот на личноста на Путин (бескрајни републикации на фотографијата во која Путин без кошула јава на коњ), како и тони приказни за моќта на руската армија и тврдењата дека САД нема шанси против неа. Имаше дури и докторска теза за „интелигенцијата“ на Путин и таа оди вака: американските воени бродови ќе страдаат поради претстојното глобално затоплување. Океанските бранови ќе бидат толку големи што ќе ги превртат американските бродови. Нивните воени и цивилни авиони, исто така, ќе станат бескорисни. Воздухот ќе биде валкан и полн со големи честички (повторно глобално затоплување), моторите на авионите ќе бидат затнати од нив, така што нема да можат да летаат. Но, Путин е паметен, овој производ на идеологизиран докторски ангажман продолжува. Тој не се потпира на авиони и бродови, туку на возови. И на возовите не им е грижа за брановите или нечистиот воздух. Така, возовите на Путин ќе можат слободно да се движат низ Евроазија и Африка, додека САД ќе бидат заглавени на сопствениот континент разделен со два океана, по што Русија ќе стане суперсила на планетата.

По падот на авторитарната власт работите се примирија и тоа особено откако С. Македонија стана членка на НАТО во 2020 година. Нивните пропагандисти се преселија на задно седиште, реториката на нивните медиуми стана помека, губејќи ја владината поддршка што ја уживаа, или, пак, се свртеа кон теориите на заговор помогнати од движењето Q’anon во САД и подемот на antivaxx движењето за време на ковид пандемијата. Но, тоа не траеше долго.

Потоа дојде 24 февруари 2022 година и дезинформациите почнаа да течат во многу поголеми количества од порано. Да појасниме, дезинформациите никогаш не исчезнаа, никогаш не ги снема. Познатите про-Трамп веб-страници од Велес во 2016 година се замешаа во претседателските избори во САД таа година (дури и Хилари Клинтон ги спомна во интервју) и беа активни сè до крајот на 2017 година (кога беше откриен уште еден кластер на лажни веб-страници во Куманово). Добро е документирано дека кога станува збор за Q’anon и анти-вакс дезинформациите, раката на Кремљ никогаш не е далеку, а беше и прилично присутна за време на Брегзит референдумот во Велика Британија. Сето ова, сепак, се претвори во голем наплив на дезинформации непосредно пред почетокот на втората агресија на Украина.

Има неколку разлики кога станува збор за дезинформациите на Кремљ за време на владеењето на авторитарната влада во С. Македонија пред 7-10 години и денес. С. Македонија никогаш немаше Парламент или Влада во која владин министер или пратеник во Парламентот од големите партии би застанал на говорница и отворено би почнал да ја величи Русија, руските вооружени сили или Путин. Тоа беше префрлено на партиските пропагандисти, медиумите и социјалните платформи. Понекогаш можеше да се почувствува неусогласеност на она што авторитарните политичари го зборуваат и она што нивните медиуми и нивните сопствености на социјалните мрежи ќе го објават или споделат. Политичарите настапуваа умерено, но нивните полномошници и подржувачи по медиумите се натпреваруваа кој да ги промовира аргументите на Кремљ и да ги нападне демократските сили. Деновиве, дури и медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да се воздржат, прилично успешно (со повремени про-Кремљ екскурзии), па главниот начин за ширење на пропагандата на Кремљ станаа социјалните платформи (покрај неколкуте многу мали партии, од кои само една е во Собранието со двајца пратеници).

Друга разлика е фактот што пропагандата на Кремљ имаше доволно време да инвестира ресурси и да изгради мрежи способни да ги шират своите дезинформации насекаде. Кога станува збор за С. Македонија, тоа значи внесување на голем број дезинформации од Русија, Србија, но и од секаде на друго место. До 2016 година, главниот канал за дезинформации беа порталите за вести, чии содржини потоа беа споделувани на социјалните платформи од страна на локалните поддржувачи на Кремљ, главно на Фејсбук каде што повеќе од половина од населението во земјата има профили. Но, потоа, српските таблоиди добија конкуренција во ширењето дезинформации од Кремљ во С. Македонија со подемот на авторитарната десница на европскиот континент, или со помош на помладите корисници на социјалните мрежи кои го сакаат Трамп и се подготвени и сакаат да ги шират дезинформациите потекнати од Q’ anon, анти-vaxx движењето или климатските негатори, чии ставови се поклопуваат со интересите на Кремљ за ширење раздор, поделби, страв, итн., преку дезинформации. Тие ќе го видат Трамп како другарува со Путин и не им треба долго да се убедат дека тој и земјата со која владее – Русија, можеби и не се толку лоши. На Трамп му се допаѓа Путин, нели?

И третата разлика во начинот на кој функционираше пропагандата на Кремљ за време на политичката криза во Македонија и по неа, е односот кон Европската Унија, нејзините земји-членки и европските лидери. И покрај тоа што Кремљ не ги сметаше за отворено пријателски настроени и порано, имаше граници до каде ќе оди и каде нема да оди руската дезинформациска машинерија кога станува збор за напад на ЕУ во јавниот дискурс. Кога станува збор за САД, Хилари Клинтон, Бајден, Велика Британија (по Брегзит) и НАТО, беше фер игра. Но, тоа не беше случај со ЕУ. Путин имаше некои надежи дека ЕУ нема да оди толку далеку како САД, така што неговата пропагандна машинерија не отиде докрај колку што тоа беше случај со американските високи претставници (директно вмешување на страната на Трамп против Хилари Клинтон). Но, тие граници станаа целосно порозни со почетокот на втората инвазија на Украина. Одеднаш, она што не би го користеле во неговите дезинформациски кампањи против ЕУ, нејзините лидери и земјите-членки станаа отворена мета за пропагандата на Кремљ. Втората неиспровоцирана агресија против Украина и силниот одговор на Западот, вклучително и силните санкции за руската економија и испораката на најразлични оружја од европските арсенали за Украина ги урна сите граници во врска со дезинформациите, но и хибридната војна.

И тоа се чувствува во С. Македонија. Одеднаш секоја мала пукнатина во ЕУ и нејзините членови, секое мало несогласување, каков било протест во која било европска престолнина, каква било историска неправда (реална или замислена), секое економско прашање што произлегува од прекинот на рускиот гас и нафта, секоја чудна сексуална навика на само една единствена индивидуа во некоја европска земја, секој спор меѓу земјите-членки на ЕУ или внатрешно прашање во која било земја-членка, секоја нова слобода која е освоена по многу размислување, сето тоа и многу повеќе стана фер за пропагандистите на Кремљ да го искористат. Ако можете да го проширите и зајакнете секое несогласување, ако можете да создадете повеќе омраза меѓу две или повеќе европски земји, ако можете да го поттикнете стравот во европските престолнини (од нуклеарна војна, на пример, или што и да е), ако можете да збеснете некои луѓе (колку повеќе, толку подобро), ако можете да ги понижите европските земји, ако можете да им се заканите (со тоа што ќе ѝ кажете на одредена земја дека ќе стане легитимна цел ако се случи поширока војна, бидејќи таа сега е членка на НАТО), ако може да се навреди кој било европски или национален лидер со ширење лаги за неговото семејство или лични животи, ако само мал процент од граѓаните ја изгубат довербата во нивната демократски избрана влада или дури и ако станат само малку посомничави кон својата влада, тогаш пропагандистите на Кремљ тоа би го искористиле без размислување во ширењето на лагите. Тогаш, за нив вреди.

 

ДЕЗИНФОРМАЦИИ ЗА ХРАНАТА – ЛЕСНИ ИЗМИСЛИЦИ

И опсегот на теми што се користат за дезинформирање постојано расте. Најдете информации за некого од неговите студентски денови, тргнете им го оригиналниот контекст и додајте поинаков, многу позлобен контекст и продолжете со атентат на неговиот карактер. Кремљ користи сè во својата пропаганда овие денови – од правата на ЛГБТ заедницата, преку сексуалните односи на луѓето, го оцрнува сексуалното образование на училиштата, ја напаѓа европската политичка класа и нејзините одлуки, па дури оди и по навиките за храна и самата храна која се или не се консумира во ЕУ, како и против стремежот на Унијата да им дозволи на имигрантите да ја консумираат храната на која се навикнати во својата матична земја. Но, бидејќи овие невообичаени и туѓи прехранбени производи, какви што се одредени видови преработени инсекти, можеби не се прифатливи за најголем дел од населението на ЕУ, Кремљ го користи тој факт за да шири дезинформации дека ЕУ ќе ги „присили“ своите граѓани да јадат таква храна. Потоа, за да ги разбесни граѓаните на ЕУ кои му веруваат и оние кои имаат сомнежи во сопствените влади, Кремљ оди уште подалеку и се обидува да ве убеди дека ЕУ сака да го уништи вашето традиционално земјоделство и да ве натера да ја произведувате вашата храна на чуден и необичен начин што не ви се чини привлечен или дури и вкусен, додека, истовремено се обидува и да ве убеди дека целата храна во вашите супермаркети е генетски модифицирана. Сето ова со „емотивна изјава“ на „украински бегалец“ зад камерата (чие лице никогаш не го гледаме и чиј идентитет е скриен) кој шета низ западен супермаркет, сѐ повеќе лутејќи се, па дури и фрлајќи храна од тезгите наоколу, истовремено тврдејќи дека таа е или без вкус или има вкус на пластика. Сликата не би била целосна и ако поединечните земји-членки не се направат да изглегаат лошо. Барем некои од нив. Па така, на пример, се тврди дека  холандските фармери не можат да престанат да протестираат и тоа го правеа во 2022 и 2023 година (погрешно, немаше протести во 2023 година), а дека фармерите на свињи во Хрватска ги колат своите свињи поради „американската агенда“ (не е точно – тоа го направија поради болест).

Овој тематски тип на дезинформации увезени во С. Македонија за европската храна е само пример за еден дезинформативен наратив. Како да сакаат да направат сопствената храна да ја сметаш за одвратна, надевајќи се дека тоа ќе помогне малку повеќе да ја мразиш својата демократски избрана влада и ако успееш да убедиш неколку пријатели со твоите аргументи, или, уште подобро, ако ги споделиш твоите размислувања за социјалните платформи.

 

И ВОЈНАТА ВО УКРАИНА (ЗЛО)УПОТРЕБЕНА ЗА НАПАДИ НА ЕУ

Украина, очекувано, е во најтешка ситуација кога станува збор за дезинформациите на Кремљ. Таму можете да најдете тон невистини со цел да се прошири секој анти ЕУ наратив, со цел да се деморализира јавноста во земјата и можеби да се убедат поединци дека во ЕУ не е сè онака како што мислеле дека е.

Руски пушки, тенкови и оружје со долг дострел пукаат низ целата линија на фронтот долга 1.200 километри и низ селата, гратчињата и градовите на земјата, убивајќи цивили, а оние што не се убиени или осакатени страдаат преку пропагандата што треба да го убие духот на населението и да ја намали неговата волја за отпор. И ако тоа не успее, тогаш пропагандата се обидува да забие клин меѓу Украина и ЕУ, ширејќи дезинформации чии наративи имплицираат дека ЕУ ја контролира Украина, ЕУ сака Украина да ја изгуби војната, санкциите на ЕУ против Украина не се ефикасни, има русофобија во ЕУ, нема членство во ЕУ и НАТО за Украина, се случува пад на поддршката на ЕУ и САД за Украина, а оној што ја прикажува ЕУ како агресор е најраспространет дезинформациски наратив, покажува најновата студија за рангирање на проверките на факти на истакнатата украинска веб-страница против дезинформации StopFake.org. Една третина од сите проверки на факти на StopFake, создадени по почетокот на инвазијата, сразмерно директно се однесуваат на ЕУ, а од нив, проверките на факти за разоткривање на дезинформациите што го туркаат наративот за ЕУ како агресор во оваа војна се рангирани на видно место со 12,4 проценти. Има само две други теми кои Кремљ ги турка посилно – онаа за украинските бегалци и онаа за воената помош. Но, бидејќи ЕУ е силно вклучена и во двете со тоа што им дава засолниште на бегалците од Украина, како и воена помош за земјата, овие теми се користат и за да се направи ЕУ да изгледа лошо. Значи, целата оваа анти-ЕУ пропаганда околу Украина се шири низ целиот континент и голем дел од неа завршува и во С. Македонија, увезувајќи се и ширејќи се на македонски јазик.

Ако го проверите брифот од февруари 2023 година објавен од Европската опсерваторија за мониторинг на демократијата (ЕДМО – мрежа за проверка на факти на ЕУ), делот за 10-те најраширени дезинформации, проверени од членките на мрежата во сите 28 земји на ЕУ во текот на 2022 година, 5 се за Украина и тие се убедливо најраспространети низ цела ЕУ. Најраспространетата е пронајдена во 22 земји на ЕУ (за непостоечките американски лаборатории за биолошки оружје во Украина), додека секоја од следните 4 најраспротранети дезинформации е пронајдена во 20 земји. Сите тие се објавени и споделени и во С. Македонија. И иако листата се однесува на најраширени дезинформации во 2022 година, две од овие топ 5 беа повторувани и во 2023 година.

Но, кога станува збор за 2023 година и за новите дезинформации за Украина во С. Македонија, се сретнуваме со тврдења дека западните елити долго време ја подготвувале оваа војна, но сега „се подготвуваат да уживаат во конечната ескалација“ на војната „ брат против брат“ меѓу „поделените (…) словенски племиња“. Но, се чини дека тоа не е единствената војна што Западот ја сака. Според оваа објава „Западот очајно сака војна меѓу Израел и Газа, исто како што очајно ја сака војната меѓу Русија и Украина“. Зошто? Па, поради гласањето во Советот за безбедност на ОН за предложената резолуција од Русија, која се обидува да глуми лажен миротворец во конфликтот Израел-Газа, а во исто време да негува пријателски односи со терористичка организација како Хамас. Покренувањето на различни прашања и нивно спојување е омилена техника на манипулација на Кремљ и ова е одличен пример. Гласањето против резолуцијата поднесена од држава агресор не значи дека ЕУ „сака војна“. Таа е обвинета и за „планирање“ на војната, откако некој штотуку дознал дека земјите на ЕУ и Канада ги обучувале украинските војници по првата ограничена инвазија во 2014 година. Не ни помислил дека информациите за оваа обука беа јавни уште од првиот ден. И сега се користат 9 години подоцна како аргумент дека ЕУ стои зад руската агресија на Украина.

Однесувањето на европските колонијалисти денес не се разликува од начинот на кој тие дејствувале во минатото“, се тврди во оваа објава, а причината за тоа е пренесувањето на украинската уметност и другите културни артефакти во европските земји за време на војната за да се заштитат од руските бомби. Објавата признава дека тоа е направено според украинскиот закон, но тоа за Кремљ не е битно зашто тој и онака не ја признава украинската влада.

Изместувањето на контекстот е еден од омилените начини на манипулација на пропагандата на Кремљ. И тоа се случува постојано во текот на војната во Украина. Во овој случај, Михаило Подољак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, намерно е погрешно цитиран за да се протурка обвинувањето дека „Владата на Украина се заканува дека ќе започне терористички напади низ Европа“. Што не е точно, се разбира. Соодветниот контекст на неговата изјава е дека ако Украина ја загуби војната, руските терористички напади ќе започнат низ цела Европа како претходник на руската агресија врз европските земји. Мора да се искористи секоја мала можност за манипулација, па дури и во мала земја како С. Македонија.

Поединечни земји-членки на ЕУ, исто така, редовно се мета како виновници за руската агресија на Украина, заради продолжување на војната или заради наводни скриени намери. На пример, Полска е обвинета дека сака „да побара дел од територијата на Украина“ и покрај фактот што никој од полската влада никогаш не кажал или дури и навестил нешто такво. Но, порталот за вести близок до ултра-левичарската партија Левица, една од неколкуте проруски партии во земјата и единствена со пратеници во македонскиот парламент (2 од вкупно 120), баш и не се грижи за вистината, сѐ додека постои можност да се протуркаат поентите на Кремљ за да се наштети на полскиот и кредибилитетот на ЕУ.

Дистрибуција на потврдени/проверени дезинформации за ЕУ, ЕУ/НАТО и земјите-членки на ЕУ, во Северна Македонија во 2023 година (%)
ЕУ (директно именувана)
10,4%
НАТО/ЕУ
6,3%
Украина/Русија (именувани земји-членки на ЕУ/ЕУ)
33,3%
Франција
22,9%
Други земји на ЕУ (именувани по еднаш)
12,5%
Германија
8,3%
Бугарија/С. Македонија
6,3%
ВКУПНО
100
Извор на податоци: Visitnomer.mk
 
Дистрибуција на про-Кремљ наративи за ЕУ, ЕУ/НАТО и земјите-членки на ЕУ, кои произлегуваат од утврени дезинформацииво С. Македонија во 2023 година (%)
ЕУ (и НАТО) е агресор и ја злоупотребува Украина
27,9%
Франција е колонијална држава и е многу нестабилна
16,2%
ЕУ ги уништува традиционалните вредности/семејства и се грижи само за ЛГБТ/трансродовите прашања
16,2%
ЕУ го уништува традиционалното земјоделство и ги тера граѓаните да јадат ГМО и чудна храна
13,2%
Другите земји членки на ЕУ се во демократска/економска криза и се полни со лицемерие
8,8%
Теории на заговор против ЕУ и земјите членки
7,4%
Германската економија се распаѓа, земјата се откажува/излегува од ЕУ/евро
5,9%
Македонците и Бугарите не се пријатели, туку непријатели
4,4%
ВКУПНО
100%
Извор на податоци: Вистиномер.мк

 

ГЕРМАНИЈА И ФРАНЦИЈА – СТОЛБОВИ НА ЕУ, НАЈЖЕСТОКО НАПАДНАТИ

Германија често се користи како игралиште на Кремљ за пропаганда и манипулација. Така, земјата е обвинета дека „војувала трета војна против Русија во рок од еден век“, но за чудење, неколку месеци подоцна е обвинета и за „кревање бело знаме“ со додаток дека „Киев започнува преговори со Путин“. Оваа криптична, но вирална објава со нејзиното експлозивно тврдење беше споделена пред неколку месеци и ништо слично на ова воопшто не се случи. Германија, исто така, е обвинета дека им забранила на своите граѓани да користат дрва за огрев, а потоа неколку месеци подоцна беше обвинета и за враќање на германската марка и излегување од Европската Унија. Шест месеци подоцна, не се случи ништо ни од ова, се разбира.

Германија и Франција се сметаат за основа на европското единство. Значи, секогаш кога има напади врз Германија, Франција не е далеку. Оваа објава погрешно ги прикажува протестите во Париз во 2018 година во врска со прашањето за пензиската политика, како да се протести од јули 2023 година. Друга фотографија, всушност, слика од ТВ серија на Нетфликс, е, исто така, споделена како фотографија од протестот од јули 2023 година. Земјата е лажно обвинета дека „присилува 14 африкански земји да плаќаат колонијален данок во вредност од 500 милијарди долари секоја година“ (не постои таков данок, додека сумата од 500 милијарди долари е толку претерана, што е смешна) и потоа се додава дека „Путин, од друга страна, им ги прости долговите на неколку африкански земји во вредност од над 20 милијарди долари“. Се разбира, објавата не кажува дека многу од тие долгови се стари со децении и речиси невозможно да се наплатат. Додадете го фактот дека на Русија ѝ се потребни пријатели во ова време на санкции, како и нови африкански пазари за платениците на Вагнер да можат да ограбуваат природни богатства низ континентот додека ги поддржуваат диктаторите и сликата ќе стане целосна. Франција, исто така, беше лажно обвинета за затворање на социјалните медиуми, но никој не извести за овој „масовен скандал“, бидејќи, се разбира, тоа не се случи.

Се чини дека ниту една земја од ЕУ не се пропушта кога станува збор за пропагандата на Кремљ. Одамна исчезнати и непостоечки шатори од 150 мигранти во Брисел се погрешно претставени како начин на живот во Унијата, користејќи го фактот дека Брисел е дом на повеќето институции на ЕУ. Ирска е обвинета дека им забранува на своите граѓани да читаат и да следат медиуми кои не се мејнстрим (се разбира, не е точно). Шпанската министерка за животна средина Тереза Рибера е обвинета дека користела приватен авион за учество на климатска конференција (не е точно), додека Шведска е обвинета дека е „земја број 1 во однос на криминалот во Европа“ (не е точно – Белорусија е број 1). И така натаму.

 

СЕКС, РОД И ЗАГОВОРИ – РЕДОВНА ПОЈАВА НА ПРОПАГАНДАТА

Една од калкулантските фасцинации на пропагандата на Кремљ, кога станува збор за Европската Унија, која, исто така, гласно одекнува и во С. Македонија преку увезени (а понекогаш и приспособени на локалниот контекст) дезинформации се однесува на прашањата поврзани со секс, голотија, сексуално образование, трансродови прашања, родови прашања и ЛГБТ заедницата. Поројот од овој тип на дезинформации е намерен и на претстојната изборна кампања за претседателските и парламентарните избори во мај 2024 година игра со еден тон одвратни паушални лажни обвинувања против ЕУ, земјите членки на ЕУ, изјавите на лидерите на ЕУ, изопачувањето на демократските слободи на ЕУ во нешто што не се и намерно создава лажна фатаморгана како ЕУ да не се грижи за семејствата и семејните вредности, повеќе се грижи за ЛГБТ заедницата наместо за „обичните“ граѓани, сака да ги изложи децата на секс преку сексуално образование, се претставува родовата еднаквост како нешто лошо и недостојно за постоење, итн. Оваа техника се применува главно врз конзервативното население во земјата која, пак, е во регион во кој повеќето земји не признаваат истополови бракови или дури истополови партнерства. Значи, секоја индикација за барање рамноправност за ЛГБТ заедницата се користи како вектор на напад против ЕУ како иницијатор на таквите политики. Да не зборуваме за фактот што и покрај постоењето на напади врз геј браковите, никој (ниту институција, ниту физичко лице) не побарал ваква измени во законот за брак во С. Македонија.

И тука доаѓаме до теориите на заговор. Ги има и во изобилство. ЕУ е обвинета за вандализирање на христијанските православни гробишта во Хрватска и покрај тоа што тој чин нема никаква врска со ЕУ, и покрај тоа што во секоја земја на ЕУ има закони против вакви чинови, а ни од православната заедница во Хрватска никој не ја обвини ЕУ за такво нешто. Европската Унија е обвинета и за обидот да им ги „одземе родителските права на мајките и татковците во Унгарија“, поради противењето против унгарскиот анти-ЛГБТ закон, кој користи не толку различен јазик како сличниот таков закон во Русија. (Чудно, никогаш нема дезинформации од Кремљ против Унгарија, унгарската влада или премиерот Виктор Орбан). Дури и банкнотата од 50 евра е (лажно, се разбира) нападната дека содржи „сатански рогови“. И така натаму.

 

СПОРОТ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА-БУГАРИЈА

Дезинформациите против Бугарија, исто така, играат своја улога. Повеќето од нив се од домашно потекло деновиве, но пропагандата на Кремљ ја одигра својата улога во разгорувањето на македонско-бугарскиот спор околу толкувањето на заедничките делови од историјата и културата, како и за правата на малото бугарско малцинство во С. Македонија. Секогаш кога спорот ќе се вжешти, дури и од дипломатските профили на социјалните мрежи на Кремљ се бара да ја поттикнат поделеноста и да го прошират спорот со туркање на двете страни една против друга, така што ќе застанат на страната на едната од нив (главно С. Македонија) и ќе ја разбеснат бугарската страна со акцентирање на улогата на С. Македонија за време на Втората светска војна, притоа потсетувајќи дека Бугарија била сојузник на нацистите, или ќе пофалат некој револуционер од 19 век во борбата против Османлиите, кој двете страни го почитуваат и го сметаат за свој, но споменувајќи го само во контекстот на ослободувањето на тогашна Македонија.

Пропагандата на Кремљ го користи и поранешниот 30-годишен спор меѓу С. Македонија и Грција, кој беше решен во 2018 година преку Договорот од Преспа, што доведе до промена на името на државата од Република Македонија во Република Северна Македонија. Противниците на овој договор и нивното незадоволство од промената на името се лесна цел на дезинформациите на Кремљ, ставајќи ја вината за проблемите на земјата околу пристапувањето кон ЕУ пред вратите на Унијата. Ваквиот наратив турка непостоечка теорија на заговор на ЕУ и европските сили дека воопшто не сакаат да ја примат С. Македонија во ЕУ, и покрај промената на името, како и покрај усвојувањето на многу правила и закони како што бара европското законодавство во текот на долгиот период во кој земјата е кандидат за членство во ЕУ. Срцето на овој заговор е дека ЕУ и САД мора да се тие кои не сакаат да ја примат земјата во ЕУ и поради тоа таа никогаш нема да стане членка што и да направи, бидејќи ако сакале, лесно можат да ги натераат Грција и Бугарија да не создаваат пречки. Ова, се разбира, не е точно, бидејќи и двата соседа, земји членки на ЕУ, се суверени држави. Но, заговорот, сепак, тврди дека би било невозможно Грција и Бугарија да создаваат пречки доколку не им биде дозволено или не им било кажано да го направат тоа од големите сили. Сето ова создава плодна почва за пропагандата на Кремљ, бидејќи поддржувачите на овој заговор „против Македонија“ бараат насекаде со надеж дека ќе најдат оправдување и „доказ“ за вистинитоста на нивната теорија на заговор. Тешко е да се открие колку длабоко оди вмешаноста на Кремљ кога се предизвикува поделба меѓу Бугарија и С. Македонија, додека се крие зад анонимноста што ја обезбедуваат социјалните платформи и интернетот пошироко.

Но, дезинформациите што се шират во С. Македонија имаат жиг на Кремљ и користат познати дезинформациски техники како извртување на контекстот за водата да се наведе на сопствената воденица преку проширување на раздорот. Сведоци сме на извештаи за убиство на македонски државјанин во Бугарија (не е точно, станува збор за природна смрт), за бугарска пејачка беше уапсена во С. Македонија (не е точно – станува збор за сатира, но никој не го спомна тоа) и дезинформации за тоа дека Бугарија ќе обвини Македонци во врска со лажните закани за бомби во училиштата од минатата пролет (не е точно).

Сè додека Северна Македонија е надвор од ЕУ, таа е во опасност да биде цел на дезинформации на Кремљ главно преку увезени, но и преку некои домашни дезинформации. Кремљ докажа дека е подготвен да ги искористи внатрешните кризи во земјата или споровите кои земјата ги има со соседите во своја корист. Но, Кремљ ја користи и војната во Украина во своја корист на ист начин како што тоа го прави и во Европа. Дезинформациите слободно патуваат и влијаат на граѓаните низ целиот континент и тука кај нас. Но, капацитетите на македонското општество за справување со нив не се на толку високо ниво, како што се во други европски земји. С. Македонија е сѐ уште една од најсиромашните и најмалите земји во Европа, со еден тон дефицити кога станува збор за демократијата и владеењето на правото.

 

 

Забелешка: Иако е познато правило меѓу аналитичарите на дезинформации да не се повторуваат невистините за кои пишувате за да не се шират понатаму, овој напис цитира/парафразира избор на дезинформации против ЕУ за да ја даде целосната слика за содржината и контекстот на овој тип на пропаганда во С. Македонија. Доколку ви се потребни дополнителни информации за овие дезинформации, скоро сите линкови водат до објавени проверки на факти во 2023 година (на македонски) кои можете да ги погледнете заради дополнително информирање.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција