Османи во Брисел: Не сме директно на бојното поле, ама сепак сме на бојно поле од наративи и дезинформации

Фото: МНР

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Брисел учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан

Министерот за надворешни работи Бујар Османи во Брисел учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан во рамки на Советот за надворешни работи, со кој заседаваше Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Во фокусот на разговорите, како што соопштуваат од МНР, биле актуелните состојби во земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси во контекст на неоправданата руска агресија врз Украина.

Османи во својата изјава вели дека од заеднички интерес е да се истражат најефикасните начини како да се потисне влијанието на недемократските трети земји во Европа.

„Руската агресија врз Украина ја истакна итноста да се комбинира внатрешната и трансформативната природа на политиката на проширување заедно со нејзината неизбежна надворешно-политичка димензија. Наш заеднички интерес е да ги истражиме најефикасните начини како да го потиснеме влијанието на недемократските трети земји во срцето на Европа. Потребна е стратешка решеност за забрзана интеграција на регионот во ЕУ“, изјавил Османи.

Османи се осврнал и на темата на дезинформациите.

„Иако не сме директно на бојното поле, сепак сме на бојното поле на наративи и дезинформации и мораме да ги избегнеме овие обиди и да се отвориме за можности преку помирување, дијалог, надминување на наследството од минатото и решавање на споровите со разбирање, почит и заемно прифатливи решенија“, изјавил Османи.

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот Османи се сретна со директорот за стратешки политики на Бриселскиот тинк тенк Пријатели на Европа (Friends of Europe), Дармендра Канани, со кого потпишале Меморандум за соработка во однос на организацијата на Преспа форумот за дијалог, кој годинава се одржува на 15 и 16 јуни во Струга.

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција