Рускиот наратив на Советот на ОБСЕ во Скопје: Запад е виновен за сè

Сергеј Лавров во Скопје Фото: Бојан Блажевски/Мета.мк

Советот на министри на ОБСЕ во Скопје на кој се решаваше за натамошното постоење на организацијата беше подиум на кој Москва „блесна“ со своите дезинфо наративи и ја потврди длабоката непомирливост со западните демократии. Но, сите руски различни наративи искажани преку шефот на руската дипломатија Лавров, се сведуваа само на една флоскула: „Западот е виновен за сè“ 

Советот на министри на ОБСЕ во Скопје, на кој се решаваше за натамошното постоење на организацијата, беше подиум на кој Москва „блесна“ со своите дезинфо наративи и ја потврди длабоката непомирливост со западните демократии. Но, сите руски наративи, искажани преку шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, се сведуваа само на една флоскула: „Западот е виновен за сè“ 

 

 

Доколку се направи кратка анализа на 15-минутниот говор на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во обраќањето на Советот на министри на ОБСЕ во Скопје, како и она што го кажа на прес- конференцијата утредента (на 01.12.2023 г.), ќе се констатира дека руската позиција не се поместила ниту за милиметар од првичната агресија и анексија на Крим во 2014 година, а особено од позициите на Кремљ по агресијата врз цела Украина во февруари 2022 година. Со генералниот став, којшто може да се подведе под синтагмата „Западот е виновен за сè“, Москва преку Лавров се обиде да си ги покрие сопствените прекршувања и на принципите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа воспоставени уште пред 50 години, како и постулатите на Повелбата на Обединетите нации, напишани уште по Втората светска војна.

Дволичност на политиките на Запад, проширување на НАТО на Исток; доминација на Западот врз Русија предводен од политиката на НАТО; нелегално бомбардирање на Југославија во 1999 година; непочитување на нејзиниот суверенитет и нелегално одземање на Косово во 2008 година со признавање „дури и без референдум“; „подбуцнување на народите на Балканот едни против други од страна на Запад; газење на јазичните права на Русите и другите малцинства во Украина уште при „државниот удар во февруари 2014 година“; непочитување на Украинскиот врв на сопствениот устав во кој се гарантираат правата на малцинствата; Борис Џонсон како виновник што не профункционирало примирјето постигнато во Турција уште во март 2022; непочитување на договорите од Минск како причина за навлегувањето на руските трупи во Украина во 2022; Русија нема да изгуби (воено) на терен никогаш; масакрот во Буча е фалсификат и уште не ни ги даваат имињата на убиените; во ЕУ нема ни „Д“ од демократија…

Oва беа само дел од руските тези, дезинформации и други наративи изречени во дватa дена во Скопје.

Во медиумите во зависност од сопствено убедување, интерес и ориентација, влегоа различни наслови и извештаи и од првиот ден на конференцијата и од пресот на Лавров, но главно беа пренесени речиси сите руски ставови.

Фото: Portalb.mk

Она што може да се издвои и да послужи за други анализи е и одговорот на Лавров дека Русија би поддржала размена на територии на Балканот (се мислеше на Србија со Косово и на Република Српска), доколку тоа било „во интерес на српскиот и другите народите и на државите“.

Запрашан за тоа дали за Русија Македонија е непријателска држава, Лавров одговори дека не постојат непријателски држави и народи, туку влади, дека во земјата се чувствува многу убаво и гостољубиво, а посебно го потенцираше Охрид, каде рече дека се „чувствувал како да е поблиску до Бога“.

Дезинфо наративите за Украина: Запад се заморил, раскол во врвот

Главни тема на дезинформациските наративи за Украина се дека западната воена помош не помогнала, дека Западот се заморил и дека Украина губи на сите фронтови, односно дека Русија веќе ја добила војната.

Овие дезинфо наративи се потпомогнати од настани на политичката сцена и на военото поле. Првиот започна со одлуката на новата влада на Словачка предводена од Роберт Фицо, да го исполни своето предизборно ветување за прекин на договорената испорака на оружје за Киев, поради што во Украина нема да стигнат и над стотина противавионски ракети од застарениот ПВО систем КУБ. Медиумите на македонски јазик масовно ја пренесоа оваа вест од Словачка.

Во насока на градење на овој дезинфо наратив дека Западот се заморил со Украина, придонесе и веста дека американскиот претседател, Џо Бајден потпиша привремен нацрт закон за финансирање на Владата во наредниот период, при што не е предвидено да се реализира претходно најавениот план за заедничка воена помош на Украина и Израел од неколку десетици милијарди долари. И оваа вест медиумите на македонски јазик ја пренесоа и таа има и ќе има влијание врз дезинформациите и на социјалните мрежи.

Две изјави кои дојдоа од многу високо место во ЕУ и НАТО го поткрепија рускиот дезинфо наратив дека Украина, а со тоа и Запад ја загубиле војната. Најпрво Жoзеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика изјави дека „победата на Украина против Русија не е на повидок во догледно време“. Неколку дена по ова следуваше изјава од Јенс Столтенберг, генсекот на НАТО, кој во Брисел изјави дека ситуацијата на фронтот во Украина е многу тешка и дека Русија наместо за мир се подготвува за нова војна, споменувајќи ја офанзивата кај градот Авдеевка. Дел од медиумите во насловите ја вадат само оваа реченица, додека друг дел избрале поизбалансиран наслов.

Eлемент што ги потхрани ваквите дезинфо наративи е и реалната состојба на фронтот, која навистина е тешка за украинските сили. Впрочем, кон средината месецот тоа во заедничка изјава го признаа и претседателот и врховен командант, Володимир Зеленски и началникот на генералштабот на украинската армија генерал, Валериј Залужни, а локалните медиуми ја пренесоа оваа вест, повикувајќи се на Спутник. Ова, пак, беше повод за нов голем (дез)инфо наратив за раздор помеѓу претседателот Зеленски и генерал Залужни. Дел од медиумите на македонски јазик пренесоа вест и на РИА Новости, со наводна изјава на генерал-мајор во украинската армија Дмитриј Марченко, дека генералот Залужни, треба да биде сменет, бидејќи долго најавуваната офанзива се покажала недоволно ефикасна.

Ден по оваа вест, еден медиум на македонски јазик, повикувајќи се и на руски медиум (Московски новости), објави дека Зеленски добил ултиматум од шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, кој при тајна посета на Киев побарал од Зеленски да продолжи да војува сè до претседателските избори во САД. Доколку не можел, ќе бил заменет со генерал Залужни, се вели во веста.

Генерал Залужни. Фото: Mil.gov.ua, CC BY 4.0 <https://creativecommons.org/licenses/by/4.0>, via Wikimedia Commons

Наративите за раскол во украинскиот врв започнаа со интервјуто на генерал Залужни за британски Економист, објавено на почетокот на ноември, во кое генералот предупреди на тешката ситуација на фронтот. Генералот на некој начин ја спореди сегашната ситуација со фронтовските состојби од Првата Светска војна, при што го употреби и зборот ќорсокак. Оттогаш почнаа вести за наводен тежок раздор помеѓу Зеленски и Залужни. Мистериозната смрт на мајор Генадиј Честјаков, помошник на Залужни, дополнително ги подгреа вестите за раздорот во Киев. Во зависност од тоа кој медиум објавува, насловите се движеа од неутрални, на пример „Помошникот на украинскиот генерал Залужни загина во својот дом“, до „Нови детали за бруталната ликвидација….“. Додуша медиумите пренесоа вест и дел од интервјуто на Зеленски за британски „Сан“, каде што тој индиректно му посочува на Залужни да не се занимава со политика, туку да си ја гледа војната, со што признава дека постои некакво недоразбирање. Затоа во оваа анализа тие вести се опишани како (дез)инфо наративи.

 

Продолжува дезинформирањето за Украина и на социјалните мрежи

Сите овие случувања придонесоа не само да се протнуваат дезинформации во медиумскиот простор на македонски јазик, туку и бројни дезинформации на социјалните мрежи. Од праксата на „Вистиномер“ може да се издвојат три примери. Првиот се однесува на раздорот и притоа е употребена современа технологија со која е произведен т.н. дип фејк, односно изменет е говорот на генералот Залужни. Оваа дезинформација можете да ја прочитате разобличена во текст под наслов: „Дип фејкт видео манипулира дека генералот Залужни подготвува воен удар“.

Вториот пример што се поврзува со вестите дека состојбата е тешка на фронтовите, е дезинформацијата дека Русија ги победила Украина, ЕУ и НАТО, а третиот пример е дезинформација во иста насока, во која се тврди дека масовните медиуми признаваат дека со Украина е наводно завршено, т.е. Украина ја изгубила војната. И оваа дезинформација во која се редат и други непроверени и невистините содржини, беше детектирана и рецензирана од „Вистиномер“.

 

За војната во Израел преку акцент на хуманитарната компонента

Војната во Газа помеѓу Израелската армија (ИДФ) и вооружените припадници на Хамас во Газа, која започна по 7 септември и упадот на единици на Хамас на израелска територија надвор од појасот Газа, останува како генератор на огромен број дезинформации секаде во светот, вклучувајќи го и медиумскиот и онлајн просторот со македонски јазик. Во изминатите недели доминираа информации и дезинформации за големината на хуманитарната криза, при што акцентот беше ставен на страдањата на децата. Извори беа Светската здравствена организација (СЗО) и локални болнички извори во Газа. До средината на ноември според овие информации загинале околу 5 илјади палестински деца во нападите на ИДФ, а СЗО пресметал дека на секои 10 минути во Газа гине по едно дете. Овој тренд продолжува и понатаму.

Фотографија од болница во Каиро од 2013, преставена како фото од Ел Шифа 2023 – принтскрин, Вистиномер

„Вистиномер“ со краток аналитичко-информативен текст ги забележа сите овие настани и посебно проблемот на медиумите што имаат примарна задача да ги утврдуваат фактите да дојдат до вистината. Како еден пример, може да се посочи дека основното оправдување на ИДФ за влез во болниците во северниот дел, вклучувајќи ја и најголемата Ел Шифа, е постоење командни центри и база на тунели под болниците. Но, ова тврдење беше проблематизирано од поранешен израелски премиер. Имено, Ехуд Барак во една своја изјава за Си-Ен-ЕН во интервјуто со познатата новинарка Кристијан Аманпур, во еден момент рече дека тунелите под болницата ги изградиле израелските власти.

Оваа вест ја пренесоа многу медиуми на македонски јазик и е делумен контраодговор на две израелски информации кои се доведени под прашање, откако претходно, на 16 ноември, кога влегоа во болничкиот центар, соопштија дека во подрумите пронашле оружје и команден центар на Хамас. Неколку дена потоа, а само ден пред интервјуто со Барак, Израел објави видеоматеријал за кој тврди дека е доказ оти веднаш по нападите од 7 октомври тројца од заложниците биле транспортиран во Ел Шифа. Тврдењата на ИДФ наидоа на многу контра тврдења од Хамас и од вработени во клиничката болница, со теза дека влегувајќи во подрумите, можеби, Израелците сами ги донеле таквите докази.

Инаку, 21 ноември беше еден од клучните датуми затоа што Израел првично се согласи од овој датум да ги прекине операциите на четири дена во замена за стотици заложници од страна на Хамас и истовремено да дозволи внесување на хуманитарна помош. Овој прекин на огнот, кој, сепак стапи на сила дури на 24 ноември, предвидуваше ослободување на 50 грабнати заложници од Хамас, пред сè, жени и деца, како и ослободување на 150 приведени Палестинци во израелските затвори. Поради големиот притисок и од граѓаните на Израел и на меѓународна сцена, примирјето од почетните четири дена продолжи на уште неколку, со што многу заложници од страна на Хамас беа разменети за неколку стотини затворени и притворени Палестинци, пред сè, младинци. Притоа, Си-Ен-Ен направи анализа на списоците на Палестинците понудени за размена, при што констатирале дека 80 отсто од лицата се притворени без судска одлука и дека од почетокот на војната Израел притворил околу 9.000 Палестинци. Но, примирјето не ги намали дезинформациите за војната на Блискиот Исток, барем оние кои доаѓаат од Русија.

 

Русија со војната во Израел ги зголеми дезинформациите

А дека токму Русија го ползува овој конфликт и со тоа да ги зголеми своите дезинформации секаде во светот, пред сè, онлајн, говорат податоците што ги објави еден медиум на македонски јазик, кој, повикувајќи се на западни извори наведува дека од 7 септември обемот бил зголемен за дури 400 отсто, во споредба со обемот на објавите седум недели претходно.

Image by S. Hermann & F. Richter from Pixabay

Во текстот со наслов Руската пропагандна машинерија ги зголемила активностите за 400 отсто се цитираат делови од текст објавен во Politico, при што се наведува дека:

Од избувнувањето на непријателствата на 7 октомври, профилите на Фејсбук поврзани со Кремљ го зголемиле своето производство за речиси 400 отсто, при што кризата на Блискиот Исток сега доминира на објавите на руските дипломати, државно поддржани медиуми и поддржувачите на Путин на Запад.

Притоа се цитира и претставник на „Маршаловиот фонд“: „Тргнувањето на вниманието од Украина е само добра работа за Русија“, рече Брет Шафер, шеф на тимот за манипулација со информации во германскиот Маршалов фонд.

Колку повеќе западната јавност е фокусирана на Израел и Хамас, толку помалку тие обрнуваат внимание на фактот дека Конгресот нема да ги финансира воените напори на Украина… Сјајот и светлината на други места го одвлекува вниманието од Украина,  изјавил Шафер.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција