Вакцините против ковид не се „геноцид“, туку спасуваат животи

Фото:Mohamed HassanPixabay

Само во 2021 година, вакцините против ковид-19 спасија 14.4 милиони животи насекаде во светот. Вакцинацијата, според СЗО, исто така, ја намалува можноста да се појават нови варијанти. Тоа е показател дека вакцините делуваат. Ниту прекумерната смртност, ниту карциномот, ниту смртта на лица на помлада возраст не се асоцирани со ковид вакцинацијата. Теориите на заговор дека вакцините се пуштени во оптек поради геноцид на светското население, опстојуваат од почетокот на вакциналната кампања, но резултатите од неа покажаа успех

Само во 2021 година, вакцините против ковид-19 спасија 14.4 милиони животи насекаде во светот. Вакцинацијата, според СЗО, исто така, ја намалува можноста да се појават нови варијанти. Тоа е показател дека вакцините делуваат. Ниту прекумерната смртност, ниту карциномот, ниту смртта на лица на помлада возраст не се асоцирани со ковид вакцинацијата. Теориите на заговор дека вакцините се пуштени во оптек поради геноцид на светското население, опстојуваат од почетокот на вакциналната кампања, но резултатите од неа покажаа успех

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Вашингтон тајмс :„Вакцините не делуваат, маските не делуваат: Сè што ни кажа владата за КОВИД-19 беше погрешно“ Статијата е од март 2023 година. Дали сте слушнале збор за тоа на телевизија? А за информацијата за вишокот смртни случаи пријавени во сите земји?! Дали некој разговара за причината за бумот на ракот, за илјадниците млади луѓе кои ненадејно умираат? Тие нема доброволно да признаат затоа што се соучесници во најголемиот геноцид што некогаш бил организиран. Но вистината сепак ќе излезе на виделина и виновниците ќе бидат казнети.

Според фотографијата од споделениот текст, станува збор за коментар на Џозеф Крл. Наспроти изнесеното во објавата, вакцините против ковид-19 се ефективни во тоа да осигурат дека ковид не резултира во сериозна болест и смрт.

Само во 2021 година, вакцините против ковид-19 спасија 14.4 милиони животи насекаде во светот. Вакцинацијата исто така ја намалува можноста да се појават нови варијанти, тврдат од Светската здравствена организација.

Оттаму додаваат дека се воведени силни мерки за претпазливост за да се осигури безбедноста на сите вакцини против ковид. Пред да добијат одобрение од СЗО и од националните регулаторни агенции, вакцините против ковид беа ригорозно тестирани во клинички испитувања за да се осигури дека тие ги исполнуваат интернационалните стандарди за безбедност и ефикасност. Од 2021 повеќе од 13 милијарди дози вакцини против ковид се администрирани ширум светот. Како и за сите вакцини, СЗО и регулаторните агенции постојано ја мониторираат употребата на ковид вакцините за да идентификуваат и да одговорат на какви било безбедносни проблеми кои би можеле да се појават. Сериозните реакции на вакцините против ковид-19 се екстремно ретки. 

Во ноември 2023 година стратешката советодавна група за имунизација на СЗО ги обнови препораките за ковид вакцинација, во контекст на тоа што голем дел од населението веќе има имунитет или од вакцината или поради прележување на ковид-19. Според табелата, луѓето што никогаш не се вакцинирале им се препорачува да примат една доза, а на лицата што се со компромитиран имун систем им се препорачуваат 2 до 3 дози. Причината е токму поради тоа што ковид-19 кај нив може да доведе до сериозни компликации и смрт. За оние кои се вакцинирани претходно а се повозрасни, над 75 години се препорачува ревакцинација 6 до 12 месеци после примената доза, исто како и кај лицата постари од 50 и 60 години кои имаат коморбидитети. За бремените жени се препорачува една ковид вакцина во текот на бременоста.

Summary SAGE recommendations for COVID-19 vaccine

Но, тоа не значи дека во времето кога пандемијата беше јавно-здравствена итна состојба состојбите и препораките беа исти. Впрочем, со самата вакцинација исклучително многу се зголеми колективниот имунитет во земјите, што беше и една од целите на вакцинацијата. Според објавеното на сајтот на Мајо клиниката во САД, вакцината против ковид може да спречи сериозна болест и смрт поради ковид-19 и кај деца и кај возрасни, може да спречи хоспитализација, да го подобри имунитетот против зараза со ковид-19 и секако е побезбеден начин за заштита отколку инфекција со коронавирусот. Колкава ќе биде заштитата на вакцината зависи од повеќе фактори како возраста, дали лицето прележало ковид, или дали лицето има карцином. Колку вакцината штити, исто така, зависи од тоа како вирусот што предизвикува ковид-19 се менува и против кои варијанти вакцината штити, но и од тајмингот во кој се примила вакцината.

Ефективноста на вакцините е мерка што покажува колку добро функционира вакцината во заштитата на луѓето против инфекција, симптоматска болест, хоспитализација и смрт. Две студии имаат покажано дека вакцините им даваат дополнителна заштита на оние кои веќе имаат прележано ковид. Според текст на Гардијан од 16 јануари годинава, а кој се темели на резултати од клиничка студија, повеќе од 7 илјади хоспитализации и смртни случаи би можеле да бидат избегнати ако луѓето биле целосно вакцинирани. Според текстот, нецелосно вакцинираните луѓе над 75 години биле повеќе од 2 пати повеќе под ризик за сериозен исход од ковид, отколку тие што биле целосно заштитени.

Според релевантни информации кои ги соопштуваат влади ширум светот, кога маските се носат постојано и на правилен начин, се ефективни во намалување на ширењето на ковид-19. На следниот линк може да пронајдете 5 студии кои го потврдуваат тоа. Во февруари 2022 година Центарот за контрола и превенција на болести откри дека конзистентното носење маска го намалува ризикот од ковид меѓу 56 и 83 проценти, зависно од квалитетот на маската која се носи. Податоците покажаа дека маските најдобро делуваат кога сите ги носат. Сепак, темата за маските стана простор каде постои поларизација, но поголем дел од студиите покажуваат дека да се носат е корисно од аспект да се превенира ширење на вирусот.

Вакцините против ковид-19 не предизвикаа геноцид, туку спасија животи на милиони луѓе ширум светот, но најмногу од сè помогнаа да се зголеми колективниот имунитет, поради кој пандемијата спласна заедно со варијантите кои се променија во помалку агресивни.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција