Уставните измени доминираа меѓу спинерските трендови за 2023 година

Фото: Влада на РСМ

Прашањето за внесување на Бугарите во Уставот беа најбројни и најчести дебати околу кои се забележани манипулации и извртување на вистината. По нив следуваа дебатите за борбата против корупцијата и орг.криминал, во тој контекст посебно измените на КЗ во делот на злоупотреба на служена положба и овластување, зголемувањето на пензиите, решавање на проблемот со инфлацијата, лек за болните со цистична фиброза и други теми  

Прашањето за внесување на Бугарите во Уставот беше предмет на најбројни и најчести дебати околу кои беа забележани манипулации и извртување на вистината. По нив следуваа дебатите за борбата против корупцијата и организираниот криминал, во тој контекст посебно измените на КЗ во делот на злоупотреба на служена положба и овластувања, зголемувањето на пензиите, решавање на проблемот со инфлацијата, лек за болните со цистична фиброза и други теми  

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Промена на Уставот за да влезат Бугарите и други малцинства во Северна Македонија во овој документ, а како услов за започнување на пристапните преговори со Европската унија, беше можеби главна тема на спинување и дезинформации што ги ширеа политичките партии на домашната политичка сцена во 2023 година. Овој тренд сè уште не е завршен, без оглед на студениот туш што го добија С. Македонија и повеќето други земји од Западен Балкан, пред сè, поради претстојните парламентарни и претседателски избори закажани за април и мај 2024 година.

Еден од последните примери на извртување на вистината и манипулации околу темата С. Македонија и нејзината евроинтерација, а поврзано и со промената на Уставот е заблежана во контраспинот на Вистиномер со наслов „Спинувањето околу ЕУ стана константа на македонската политичка сцена, како и во контраспинот со наслов „Само поради Уставот нема преговори со ЕУ, а друго прашање е зошто не е сменет“.

Во првиот пример преку нецелосно цитирање на делови од интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, партијата СДСМ го нарекува антиевропски политичар кој никогаш нема да обезбеди услови за С. Македонија да влезе во ЕУ. Обратно, партијата на Мицкоски, користејќи делови од изјава на бугарската шефица на дипломатија и вицепремиерка Марија Габриел, спинува дека биле во право кога им кажувале на домашната јавност и на партијата на власт дека постојат и други услови, а не само Уставот и токму затоа ВМРО-ДПМНЕ била против промената која ќе овозможи почеток на преговорите.

И во вториот пример станува збор за исто обвинување, но, тука повод се резултатите од последниот Совет на ЕУ од 14 и 15 декември, каде на земјава и беше порачано да го смени Уставот за да започне преговори. И во овој пример двете партии спинуваат – опозицијата кога тврди дека не поради Уставот, туку поради корупцијата и криминалот С. Македонија не започнува преговори, а партијата на власт, некритички кон самата себе си и преземените обврски вината ја фрла исклучиво врз опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица, нарекувајќи ги проруска коалиција.

Во ноември повторно имаше спинови за ЕУ интеграцискиот пат на Македонија, но овој пат базирани врз редовниот годишен извештај на ЕУ за напредокот на Македонија (10 ноември), а Вистиномер забележа и  уште еден спин од страна на опозицијата на 2-ри ноември.

 

ЕУ иднината е постојано во фокусот на партиите

И во текот на годината се воделе дебати и манипулации околу уставните измени и евроинтеграцискот пат. Тоа може да се види во контраспиновите „СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ спинуваат околу уставните измени“, потоа „Дилемата за изолација или интеграција не е лажна – опасноста е голема“.

Но, исто така и од контраспиновите Николоски нуди граѓаните да оладат од ЕУ додека ВМРО-ДПМНЕ не ја среди државата“, како и „Сомнителна ефикасност на „планот од три столба за излез од кризата“на ВМРО-ДПМНЕ“, а имаше и други примери.

Во последниот контраспин за сомнителната ефикасност, станува збор за барање на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори затоа што имале план за излез од кризата, притоа воопшто не споменувајќи го директно процесот, туку фокусот е на домашната политика. Но и генерално гледано, темата со барање предвремени избори беше постојано наметнувана од опозицијата до пред самиот крај на годината, кога веќе стана јасно дека ќе се спојат парламентарните и претседателските избори избори.

А, промената на Уставот и евроинтеграциите во дебатите имаше и друга форма – спинувања и манипулации со вистината околу Бугарите во Македонија и почитувањето на нивните човекови права, како и мерките на власта за одбележување на значајни настани, која се појави на почетокот на годината при одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје. Притоа, опозицијата се обиде да ја продаде во јавноста сликата дека организацијата на настанот била катастрофална и дека придонела за „чувство на разочараност“, а дека огромната безбедносна процедура од МВР е само плод на лошиот договор за пријателство со Бугарија. Овие спинови, де факто на истата тема за менување на уставот и посредно за евроинтеграцискиот процес на земјата, беа нотирани во контраспинот на Вистиномер „Крокодилските солзи“ на Мицкоски за барикадите кај Св. Спас се спин.

 

Измените на КЗ – масовна манипулација со која се прикриваат мотивите

Една од поголемите теми околу кои се манипулираше и спинуваше во 2023 г. беа експресните измени на Кривичниот законик во делот на злоупотреба на службената положба и овластување што се случи во септември.

Суштината на овие измени замаскирани со други, поради усогласување со европското законодавство, беше шокантно за целата јавност, а посебно за експертската која во старт предупредуваше за штетните последици што ќе ги имаат овие измени врз тековни и идни случаи што се во различен степен на постапка во правосудниот систем – од судски случаи до случаи на истрага.

За ова реагирааше и ЕУ, но и бројни институции во државата (ДКСК, Врховен суд, Совет на јавни обвинители и Судски совет…), кои во еден глас рекоа дека не биле консултирани, додавајќи и дека измените секако ќе направат проблем. Импактот е толку голем што и претседателот на државата, дури и денес, гостувајќи по медиуми, редовно се соочува со прашањето зошто брзал да го потпише указот за спроведување на овие законски измени кога бил соочен со апели тоа да не го прави.

Вистиномер во дури пет контраспина ги појасни манипулациите околу овие измени со кои многу функционери од сегашната власт, како и многу сегашни и поранешни функционери од опозицијата се спасуваат од кривичен прогон целосно или делумно. Манипулациите и спиновите се и од власта, но и од опозицијата, со чие присуство во собраниската комисија и во пленарната сала, а без никаква активност, де факто ги аминуваше измените. Сето ова е опишано во контраспиновите „Со измените на КЗ асистирани од опозицијата се амнестирани многу сегашни и поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ“, како и во „Правдањето од типот судството е криво е спин“, во кое посебно се појаснува дека власта спинува кога се обидува вината за пропаѓањето на главниот предмет од поранешното СЈО, „Таргет-Тврдина“(за тоа кој прислушкувал 25 илјади граѓани десетина години), да ја припише исклучиво на неефикасното судство, а не поради измените на КЗ кои ги предложи токму Владата. Ова се случуваше во октомври, а уште со денот на објавување на измените во септември, како и подоцна во текот на месецот, манипулациите се појаснети во контраспиновите „Имените на КЗ по итна постапка се доказ дека антикорупцијата е мртва“, потоа „Премиерот ги извртува првичните оценки на ЕУ за измените на КЗи на крајот „ВМРО-ДПМНЕ не може да се амнестира од дилот за измените на КЗ“.

Спинови околу борбата против корупцијата

Иако погорната тема е директно поврзана и со борбата против корупцијата и неказнивоста како мотив, во текот на 2023 повеќе пати имаше манипулации и спинувања околу тоа кој навистина се бори со корупцијата, а во центарот на вниманието беше Државната комисија за спречување на судир на интереси и корупција (ДКСК).

Во еден аспект, овие манипулации беа на релација Јавно обвинителство – ДКСК, а тоа е појаснето во спинот „Наместо фронт за борба против корупција, фронт против ДКСК“ и нешто порано, „Како Груби виде „угледни“ во ДУИ, а „некадарни“ во ДКСК“.

На истата тема е и контраспинот „Јолевски спинува околу обвинителката Ленче Ристоска“. Станува збор за спин во причините за одлуката на Советот на јавни обвинители под раководство на сега веќе поранешниот претседател Антонио Јолевски, да ја упатат обвинителката Ленче Ристоска пред Етичката комисија на СЈО, само поради нејзина изјава за постоење на големо тргување со влијанија во СЈО и со потребата од реформи на ова обвинителско тело. Де факто, станува збор за одлука мотивирана од замолкнување на непослушните, а не поради внатрешни процедури во јавно-обвинителскиот систем.

Спин кој во суштина се однесува на корупција е и соопштението на Судскиот совет во август кога амбасадорот на ЕУ соопшти дека ќе дојде оценска мисија испратена од Унијата за да направи длабинска анализа на Судскиот совет. Овој спин беше разјаснет во контраспинот на Вистиномер „Судскиот совет спинува околу оценската мисија на ЕУ“

 

Манипулации со пензионерите во борбата за нивен глас

Протести на пензионери во организација на ВМРО-ДПМНЕ, кои траеја со месеци резултираше со ветување од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека во рок од една година откако ќе дошле на власт ќе ги зголемат линеарно пензиите за по 5.000 денари за секој пензионер. Овде станува збор за специфичен спин и предизборно ветување наменето за купување на гласови на пензионерите кое е тешко остварливо, а доказ за тоа е и фактот дека при ваквата понуда на Мицкоски не беше изнесен ниту еден аргумент и ниту една бројка со кои би се покажала севкупната слика за состојбите во Фондот и неговиот буџет.

А според едноставни пресметки, доколку за 81 евро се зголеми пензијата кај сите, на Фондот ќе му треба дополнителни неколку стотини милиони евра субвенции за да ги исплаќа пензиите, па сумата на крај би стигнала до или над 700 милиони евра субвенционирање само од Буџетот на РСМ. На вака зголемените пензии, потоа треба да следат редовните усогласувања што се извршуваат два пати годишно поради стапките за трошоците на живот и минималната плата. Тие средства и корекции колку и да се мали во процент, ќе бидат големи во вкупна маса на пари затоа што стартната основа на пензиите ќе биде поголема.

А дури и без ова зголемување, вкупно неопходните средства за редовна исплата на пензиите доколку се оствари ветувањето на опозицијата ќе изнесуваат околу или нешто под 1,8 милијарди евра на годишно ниво, при што Фондот би обезбедувал максимум една милијарда евра (проекциите за завршната сметка за 2023 се нешто над 900 милиони евра). Сите овие аргументи беа образложени во контраспинот со наслов „Купувањето на гласовите на пензионерите од страна на ВМРО-ДПМНЕ со по 5000 денари линеарно зголемување е спин“.

Оттука партиите на власт повеќе пати предупредуваа дека вакво зголемување е невозможно и дека ќе влијае на стабилноста на пензискиот систем. Но, тоа не ги спречи континуираните протести на пензионерите со месеци, вклучувајќи го и последниот во декември, каде одново се бараше линеарно зголемување и овој пат точно со сумата што ја изговори како ветување Мицкоски – 5000 денари по пензионер.

 

„Бехтел и Енка“, цистична фиброза, електроенергетски капацитети…

Големи дебати во јавноста, придружени со манипулации и спинови се водеа и на бројни други теми во изминатата 2023 година. Една од нив беше договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на дел од коридорот 8 и коридорот 10-д, вреден помеѓу една и две милијарди евра за вкупно 110 км автопат. Опозицијата, а и поголем дел од јавноста укажуваа на два елементи – тајноста или нетранспарентноста околу потпишувањето и условите во договорот и високата цена која не е конечно утврдена.

Во текстот „Ковачевски и Владата спинуваат околу дел од Договорот со „Бехтел и Енка“ се изнесени дел од спиновите и манипулациите на власта околу овој договор. Нешто подоцна се забележани други детали во контраспинот „Два спин наративи околу европското знаменеце за Договорот со „Бехтел и Енка“

Во контекст на инфраструктурата, Вистиномер неодамна имаше и контраспин на темата изградба на автопат Кичево-Охрид и „Синохидро“. Фактите околу спинот дека наскоро ќе се решела судбината за тоа кој ќе го догради и кога, се напишани во контраспинот Уште ќе го возиме стариот пат до Охрид, власта допрва ќе барала изведувач“.

Во 2023 се спинуваше и на многу други теми. На пример, лекови за болните од цистична фиброза, проблемот кој избувна во јавноста уште на почетокот на 2023, а кој се уште не докрај решен ни до крајот на годината. Манипулациите беа забележани во текстот со наслов „Проблемот со заболените од цистична фиброза не се решава со дневни спинови“.

Во иста насока беа манипулациите и обвинувањата околу проблемот со кучињата скитници, што беше забележано во контраспинот со наслов „Проблемот со кучињата скитници не се решава со спинови“, потоа за за цените на основните прехранбени производи и како да се контролираат, манипулации што се забележани во контраспинот „Спинувањето околу лебот им се чини „вкусно“ и на партиите и на бизнисот“, потоа манипулации околу тоа кој колку придонел за електроенергетските капацитети во државата, забележано во контраспинот „Најголемите енергетски капацитети не се направени ниту од ВМРО-ДПМНЕ ниту од СДСМ“ и уште бројни други теми.

Во овој преглед беа систематизирани само дел од поголемите дебати во јавноста според темите и според она што било забележано на „Вистиномер“ како манипулација или извртување на вистината, т.е. спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција