Бура од дезинформации го „поплави“ убиството на Вања

Свирепиот, антицивилизациски чин со двете ѕверски убиства, што предизвика колективна тага и траума во општеството, неизбежно се рефлектираше на социјалните мрежи, податливи да се истури гневот, да се шират најразлични шпекулации и дезинформации. Трагичниот настан се најде во  годишното обраќање на претседателот Пендаровски кој констатира дека крајот на 2023 година ни ја донесе најголемата тага во последната деценија, а преку оваа трагедија можевме јасно да ја видиме целата патологија на македонската транзиција. Амбасадорката на САД, Агелер, пак, многу директно кажа дека младата Вања ја плати цената што криминалците не биле апсени и затворани поради нивните претходни злосторства. Таа им препорача на македонските институции да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат, што можеле да сторат за да го спасат девојчето

Свирепиот, антицивилизациски чин со двете ѕверски убиства што предизвика колективна тага и траума во општеството, неизбежно се рефлектираше на социјалните мрежи, податливи да се истури гневот, да се шират најразлични шпекулации и дезинформации. Трагичниот настан се најде во годишното обраќање на претседателот Пендаровски кој констатира дека крајот на 2023 година ни ја донесе најголемата тага во последната деценија, а преку оваа трагедија можевме јасно да ја видиме целата патологија на македонската транзиција. Амбасадорката на САД, Агелер, пак, многу директно кажа дека младата Вања ја плати цената што криминалците не биле апсени и затворани поради нивните претходни злосторства. Таа им препорача на македонските институции да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат, што можеле да сторат за да го спасат девојчето

 

 

Случајот со двојното убиство – на тинејџерката Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот велешанец Панче Жежовски, ја вџаши македонската јавност кон крајот на годината, предизвикувајќи шок, тага и колективна траума во општеството. Трагичниот настан се најде и во годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски, кој од собраниската говорница констатира дека крајот на 2023 година ни ја донесе најголемата тага во последната деценија, а преку личната трагедија на малата Вања и нејзиното семејство можевме како на дланка да ја видиме целата патологија на македонската транзиција. Како што забележа претседателот, амбиент што сите ние, повеќе или помалку, го создававме во изминатите 32 години и во јавниот простор толериравме нелуѓе кои пропагираа меѓуетничка омраза и нетрпеливост, агресивни идеологии, говор на омраза, јавно упатуваа закани за линчувања на поединци и ликвидации на политички опоненти.

Ова е несомнено кусата „дијагноза“ за свирепиот антицивилизациски чин којшто сите нас нè порази, нè остави запрепастени, констернирани од целата трагедија. Таков настан неизбежно се рефлектира и на социјалните мрежи, податливи да се истури гневот, да се шират дезинформации, најразлични теории на заговор, но и за политичка злоупотреба и етнички подбуцнувања. За ваквата бура од дезинформации којашто го „поплави“ убиството на 14 годишната Вања на сајтот на Вистиномер има повеќе текстови, а во овој преглед издвојуваме само дел од нив.

 

Опасни етнички провокации

Една од првите дезинформации кои се проширија беше онаа дека малата Вања која исчезна на 27 ноември рано утрото во Дебар Маало, наводно била пронајдена во соседна држава.

Оваа лажна вест се прошири од профил на Фејсбук со име „Џамија во Подујево“, а со фотографија од имамот Арбер Бериша. На овој ФБ профил беше објавено дека девојчето се наоѓа во нивната џамија и дека е здраво и живо, што предизвика панични коментари под објавата за исчезнатата Вања на профилот од нејзината мајка. МВР демантираше дека таа е пронајдена, а косовската полиција започна истрага да го пронајде сопственикот.

Исто така, на 3 декември, пред МВР и Јавното обвинителство да излезат со соопштение, опасна, етнички обоена и потпалувачка дезинформација ги зовре социјалните мрежи. Претседателот на партијата Македонски концепт, Петар Богојески сподели на социјалните мрежи дека власта се обидува да прикрие убиство, изразувајќи сомнежи дека „осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица“ и прашувајќи „дали се веќе пренесени на Косово?!?“

Подоцна Богојески напиша уште една слична објава:

Токму поради ваквите шпекулации дека случајот има етничка позадина, од Јавното обвинителство во своето соопштение од 3 декември нагласија дека сите петмина осомничени за убиството се Македонци.

Но и покрај тоа што официјално беше соопштено дека осомничените се Македонци, продолжија да се шират невистини дека тие биле од друга етничка припадност. Во ова вирално видео, на пример, сопственикот на Фејсбук профилот преку обраќање во живо подбуцнувачки тврди дека „тие не се навистина Македонци“.

 

Измислици: Поради Самитот на ОБСЕ се криело убиството

Се ширеа и дезинформации дека полицијата знаела за убиството на Вања многу порано, но криела поради Самитот на ОБСЕ кој се одржуваше во Скопје од 29 ноември до 1 декември годинава. Оваа дезинформација, која експресно беше демантирана од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, прв на социјалната мрежа Твитер ја пласираше поранешниот телевизиски водител Миленко Неделковски.

Ова ги поттикна шпекулациите на Фејсбук, каде што во две идентични објави (тука и тука) се вели:

Ако е точно дека знаеле за Вања, а се криело со денови поради самитот на ОБСЕ, не знам веќе што бараме во оваа држава, не знам веќе ни зошто постоиме како народ!!! Деца имате дома бе, дали остана еден нормален помеѓу вас!?!?!?!?
ГРОЗНО!!

Министерот Спасовски на прес-конференција со обвинителот Гаврил Бубевски на 04 декември, ги негираше ваквите информации и истакна дека се работи за чисти невистини.

 

Дезинформации за „белосветски педофили“, сатанистички и демонски ритуали

Самитот на ОБСЕ се најде и во објави на Фејсбук, кои користејќи ја добро познатата теорија на заговор, според која западните елити киднапираат деца за педофилски цели, ги измачуваат и потоа ги убиваат, шири дезинформации дека девојчето наводно го грабнале присутните на ОБСЕ Самитот?!

Доаѓаат светски педофили  во земјата (се мисли на учесниците на Самитот на ОБСЕ), киднапираат девојче, по злосторството како кукавици бегаат (затоа што јавноста масовно се вклучи во потрагата), и после завршување на циркусот објавуваат дека е мртво девојчето, пишува во објавата.

Меѓутоа, фактите говорат нешто друго: Самитот на ОБСЕ почна на 29 ноември со неформална вечера во скопскиот хотел „Александар Палас“. Вања беше пријавена за исчезната два дена порано, на 27 ноември. За тоа како девојчето било грабнато и убиено соопштија министерот за внатрешни работи и скопскиот јавен обвинител на заедничката прес-конференција. Безживотното тело на Вања беше пронајдено во селото Бразда на 03 декември, за што информираше Јавното обвинителство. Осомничени  за грабнувањето и убиството на Вања се шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо се чека да биде екстрадиран од Турција. Министерството за правда денеска (29.12.2023) соопшти дека тој доби уште 40 дена во турскиот затвор. Според турските закони, Палевски е уапсен за кривично дело „намерно убиство на дете“

Меѓу притворените е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кого обвинителството го сомничи дека давал информации каде и во кој момент се движи неговата ќерка. Во притвор е и човекот кој го возел Палевски од Белград преку Бугарија до Турција, а тој се сомничи за помагање по извршување кривично дело.

Така што, киднапирањето и убиството на Вања, ниту има врска со некакви „белосветски педофили“, ниту полицијата, како што кажавме погоре, сакала да го сокрие убиството додека заврши Самитот на ОБСЕ.

На фејсбук се ширеа и дезинформации дека девојчето е жртва на сатанистички ритуали, кои се на линија со наративот кој се пласира од страна на поддржувачите на Кју Анон теоријата на заговор за наводни сатанисти, кабалата, пиење крв од деца, демони меѓу политичарите итн. Ама наспроти ваквите заговорнички теории, мотивот за грабнувањето и убиството на Вања, според тоа што досега беше соопштено од обвинителството, е користољубие и изнуда на пари, а не сатанистички ритуали.

 

Невистини дека Вања била жртва на трговија со органи

Освен ова, во јавноста беа пласирани и дезинформации дека тинејџерка од Скопје била жртва на трговија со органи.

Во една од објавите на Фејсбук се тврди:

Во друга објава на истиот профил  се повикува на вооружен отпор против трговците со органи:

На овој профил има и трета објава во која се посочува дека киднаперите на Вања наводно признале дека ги продале нејзините органи и дека тоа наводно го покажала и обдукцијата, но министерот за внатрешни работи, на прес-конференцијата, наводно, не ја говорел вистината.

Спасовски и скопскиот јавен обвинител Бубевски, на прес-конференцијата на 4 декември соопштија дека е расчистен случајот со двојното убиство. Како што спомнавме и погоре, главниот мотив бил користољубие. Велешанецот Панче бил убиен поради долг од 500 евра, а девојчето заради обид да се изнудат пари од нејзината мајка. Спасовски и на прес-конференцијата на 5 декември, прашан од што починала Вања, кажа дека тинејџерката била застрелана, во ниту еден момент не спомна дека станува збор за трговија со органи.

 

Шпекулации околу начинот на убиството на Вања, апсењето на Палевски, автомобилот на велешанецот

Во објава на Фејсбук  се тврдеше  дека 14-годишната Вања, се задушила во вреќа за спиење во која била ставена по грабнувањето, а подоцна било пукано во неа.

Ваквите информации не се точни, а тоа најмалку во два наврата го потврди министерот Спасовски. Првиот пат на заедничката прес-конференција со јавниот обвинител Бубевски на 4 декември и вториот пат на прес-конференцијата на 6 декември. Ѓорчевска била убиена со пиштол набрзо по киднапирањето, бидејќи истрагата веќе започнала, па убиецот се исплашил од доказите до кои можела да дојде. Откако во јавноста се појавија дезинформациите дека таа прво се задушила, Спасовски и на 6 декември, одговарајќи на новинарско прашање потврди дека Вања починала од прострелна рана.

Во пресрет на официјалната објава од страна на македонските истражни органи дека Палевски, кој се бараше и со меѓународна потерница, е уапсен во Турција, се појавија дезинформации дека бил уапсен во Хрватска, а сe тврдеше и дека бил фатен на граничен премин меѓу Турција и Сирија

Подоцна министерот за внатрешни работи, по добиена потврда од турската полиција дека го лоцирале Палевски, го уапсиле и веќе е во притвор, официјално соопшти дека тој бил уапсен во Баликесир.

Во објави на Фејсбук неточно се тврдеше и дека убиството на Вања можело да се спречи, ако полицијата веднаш почнела потрага по првоубиениот Панче. Исто така, се дезинформираше дека возилото на Панче слободно се движело 60 часа по пријавата.

Истрагата, како што соопшти министерот Спасовски, била отворена веднаш откако тој бил пријавен за исчезнат на 24 ноември.

Не е точно ниту дека возилото на Панче се движело слободно 60 часа по пријавата. Спасовски, на 4 декември, на заедничката прес-конференција со скопскиот обвинител, даде објаснување  и за возилото:

Ние колата (цитроенот) ја наоѓаме на ’Сејфсити’ на 27 ноември дека се движи во Скопје. Таа не се движи од 22 до 27 ноември. Таа се движи на 27 ноември во Скопје, кога се утврдува дека возило цитроен и возило рено кангу коишто се движат заедно и тука практично доаѓа до спојувањето на двете активности. Поради тоа се утврди дека тој цитроен е запалениот цитроен којшто се наоѓа во непосредна близина на Скопје. Тоа е причината и за поврзувањето.

Дали убиството на Вања можело да се спречи?

Шефот на државата Пендаровски во своето годишно обраќање пред Собранието посебно се осврна на овој трагичен настан, укажувајќи дека механизмите на правната држава мораат на време да ги санкционираат сите оние кои користат говор на омраза кон политичките противници, кои навредуваат или се закануваат на луѓе од друга вера или нација. Јасно алудирајќи на Палевски и неговата политичка партија Десна, тој порача дека мора да бидат забранети политички партии и невладини организации кои работат спротивно од декларираното во основачките документи и, во суштина ја злоупотребуваат демократијата како неспорна вредност на модерниот свет.

Требаше, рече Пендаровски, секој од нас, а посебно ние политичарите, многу почесто и погласно да зборуваме против овие појави, наместо да веруваме во моќта на нашиот демократски систем дека ќе може да ги толерира и апсорбира ваквите екстреми:

За жал, потфрли и севкупниот општествен систем затоа што во името на некаков погрешно разбран демократски плурализам не ги оневозможи овие индивидуи од натамошно загадување на јавниот простор.

Претходно и амбасадорката на САД, Анџела Агелер (16.12.2023) упати остри критики до македонските власти поради градење култура на неказнивост. Во емисијата „Стадион“ на Канал 77, таа кажа дека институциите биле свесни дека осомничените биле криминалци, но не ги санкционирале. Агелер прилично децидно кажа дека младата Вања ја плати цената што криминалците не биле апсeни и затворани поради нивните претходни злосторства.

Дозволете да ви кажам искрено, како што претходно денес реков, системот не успеа да ѝ помогне на таа млада девојка. Се работи за криминалци за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни и не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворени. Не биле апсени и гонети за нивните претходни злосторства, не морале да ја платат таа цена, па цената ја плати една млада девојка. Вања ја плати цената“, рече амбасадорката Агелер.

Таа додаде дека институциите треба да се погледнат себеси и да се запрашаат дали можеле да ја спасат Вања:

Апсолутно е срцепарателно. Апсолутно е срцепарателно. Сега не е време за политизација, туку време за институциите да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат: ‘Што можевме да сториме за да ја спасиме оваа млада девојка и сите други деца во земјава?’, ‘Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државата?’. Ова е трагедија.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција