Крајот од мандатот – каква е судбината на 20-те најважни ветувања на Шилегов

Фото: Принтскрин колаж -skopje.gov.mk

Во кампањата за локалните избори во 2017 година и на почетокот од градоначалничката функција Шилегов најави амбициозни проекти. Некои од ветените проекти се исполнети – главно изградба и реконструкција на сообраќајници, но дел се покажаа преоптимистички за изведување, а имаше и такви кои беа нереални од кои Шилегов се откажа – спуштената раскрсница кај Мавровка, пробивањето на Илинденска кон Ѓорче Петров, тунелот под Кале. Сепак, ова не беше обичен градоначалнички мандат – ни за Шилегов, ни за неговите колеги низ државата. Значителна пречка при комплетирањето на исполнувањето на ветувањата одигра пандемијата, при што мерките за нејзино ублажување и надминување ставија клин во плановите за имплементација на многу проекти – полицискиот час, намалените и пренасочени буџетски средства и редица други потешкотии, кои се појавија како последица од ковид-19, доведоа до тоа најамбициозните проекти да не можат да се исполнат. Дел од крупните ветувања, како обновувањето на Универзална сала и висечкиот мост на „Љубљанска“ во Карпош 4, почнаа во „очи на изборите“  и јасно е дека нивната целосна изградба ќе го надмине мандатот на Шилегов. Во овие четири години не се случи ветеното заживување на Езерото Треска, што беше означено како стратешки приоритет. Скопјани сѐ уште не го добија новиот забавен парк. Шилегов сега го ветува во кампањата за овие локални избори и ги уверува скопјани дека тоа ќе биде „најубавиот забавен парк во регионот, убедливо и еден од најубавите забавни паркови во Европа“

Во кампањата за локалните избори во 2017 година и на почетокот од градоначалничката функција Шилегов најави амбициозни проекти. Некои од ветените проекти се исполнети – главно изградба и реконструкција на сообраќајници, но дел се покажаа преоптимистички за изведување, а имаше и такви кои беа нереални од кои Шилегов се откажа – спуштената раскрсница кај Мавровка, пробивањето на Илинденска кон Ѓорче Петров, тунелот под Кале. Сепак, ова не беше обичен градоначалнички мандат – ни за Шилегов, ни за неговите колеги низ државата. Значителна пречка при комплетирањето на исполнувањето на ветувањата одигра пандемијата, при што мерките за нејзино ублажување и надминување ставија клин во плановите за имплементација на многу проекти. Намалените и пренасочени буџетски средства и редица други потешкотии, кои се појавија како последица од ковид-19, доведоа до тоа најамбициозните проекти да не можат да се исполнат. Дел од крупните ветувања, како обновувањето на Универзална сала и висечкиот мост на „Љубљанска“ во Карпош 4, почнаа во „очи на изборите“  и јасно е дека нивната целосна изградба ќе го надмине мандатот на Шилегов. Во овие четири години не се случи ветеното заживување на Езерото Треска, што беше означено како стратешки приоритет. Скопјани сѐ уште не го добија новиот забавен парк. Шилегов сега го ветува во кампањата за овие локални избори и уверува дека тоа ќе биде „најубавиот забавен парк во регионот, убедливо и еден од најубавите забавни паркови во Европа“

 

 

Кога есента 2017 година социјалдемократот Петре Шилегов ја бараше довербата за челната позиција во Скопје ветуваше функционален и „паметен“град, поквалитетен живот,  системастски пристап и решенија кои трајно ќе ги решат проблемите во комуналната и сообраќајната инфраструктура. Во својата „изборна програма за новото Скопје“ тогаш најави  „почеток на новата ера во развојот на нашиот град“.

Но, дали сега по четири години – на крајот од мандатот на градоначалникот Шилегов, може да се каже дека Скопје доживеал епохален развој?

Во кампањата за локалните избори во 2017 година и на почетокот од градоначалничката функција Шилегов најави амбициозни проекти, меѓу кои: ревитализацијата на спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“, продолжување на бул. „Свети Климент Охридски“ со мост над реката Вардар и со тунел под Скопското кале, реконструкција на Универзална сала, западна порта на Скопје и кружен тек кај мостот кон Сарај. Исто така, вети спуштена раскрсница кај Мавровка, проширување на булеварите „Александар Македонски“и „Никола Карев“, пробивање на „Илинденска“ и нов мост кон Ѓорче Петров, нов мост на Вардар меѓу Карпош и Золкуќани, надградување улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар,  изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, реконструкција  на булеварот „АСНОМ“. Шилегов вети и нов Луна парк, нов градски парк со ботаничка градина во Карпош, реконструкција на кејот  „13 Ноември“, градина на покривот на ГТЦ, комбиниран јавен превоз – екоавтобуси, две нови гимназии – во Ѓорче Петров и во Аеродром, бесплатен јавен превоз за средношколци…

Некои од ветените проекти се исполнети – главно изградба и реконструкција на сообраќајници, но дел се покажаа преоптимистички, нереални, па и невозможни за изведување од кои Шилегов се откажа – спуштената раскрсница кај Мавровка, пробивањето на Илинденска кон Ѓорче Петров, тунелот под Кале.

Дел од крупните ветувања, како обновувањето на Универзална сала и висечкиот мост на „Љубљанска“ во Карпош 4, почнаа во „очи на изборите“  и јасно е дека нивната целосна изградба ќе го надмине мандатот на Шилегов.

Во овие четири години не се случи ниту ветеното заживување на Езерото Треска, што беше означено како стратешки приоритет. На крајот на јули на локацијата над Езерото Треска беше промовиран комплексот „Планет“, приватна инвестиција којашто допрва ќе се гради на простор од 150.000 метри квадратни.

Скопјани сѐ уште не го добија ни новиот забавен парк. Шилегов сега го ветува и во кампањата за овие локални избори на кои по вторпат ја бара довербата од скопјани. Деновиве од паркот „Ибни Пајко“ тој уверуваше дека следните четири години Скопје ќе го добие забавниот парк, информирајќи дека проектот е готов, а тендерот е распишан. Според Шилегов, тоа ќе биде „најубавиот забавен парк во регионот, убедливо и еден од најубавите забавни паркови во Европа“.

Го одложивме лани само во интерес на заштита на интересите на Скопјани заради ковид кризата, нагласи Шилегов.

На отворањето, пак, на главниот скопски изборен штаб на улица „Македонија“, Шилегов барајќи од граѓаните уште еден мандат порача дека „Скопје ќе биде меѓу најразвиените градови во Европа“

 

ДВАЕСЕТ ВЕТУВАЊА НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ШИЛЕГОВ

 

  1. Ревитализацијата на спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ е стратешки приоритет НЕИСПОЛНЕТО 

(Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“  (стр.16 и 27)октомври 2017) 

Ваквите изборни планови не се оставрија, иако имаше многу најави досега (01.10.2021) не се случи ветеното заживувње на запуштениот спортско-рекреативен центар „Еезеро Треска“Амбициозниот проект заглави низ општинските и градските лавиринти, иницијативите за јавно-приватно партнерство… На крајот на јули на локацијата над езерото Треска беше промовиран комплексот „Планет“, приватна инвестиција којашто допрва ќе се гради на простор од 150.000 метри квадратни. Според најавите, новата елитна населба ќе биде сместена меѓу селата Љубин и Арнакија на 15 хектари и ќе има 142 луксузни вили со базени, паркови, спортски игралишта и центри, градинки, ресторани, маркети, фитнес и спа-центри, како и други содржини. 

Градежен шут по уривањето на објектите на Езерото Треска
Фото: meta.mk
  1. Универзалната сала се враќа во градот Скопје! – Веднаш го почнуваме процесот за изградба на салата –  ДЕЛУМНО ИСПОЛНЕТО 

(Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“  стр.28 – октомври 2017)

По многу најави реконструкцијата на Универзална конечно започна на почетокот на летото и според планот, објектот ќе го задржи постојниот изглед и габарит. Изминатиот период на терен се работеше на изведба на идната метална конструкција, чии носечки столбови треба да бидат основа за изработка на надворешниот изглед на објектот. Пред десетина дена почна уривањето на дел од постојниот објект на Универзална – влезот во салата и некогашната мала сцена. По поставувањето на новата метална конструкција  ќе почне изведбата на надворешноста и куполата. Во втората фаза од изведбата ќе се уредува ентериерот, а комплетната реконструкција на Универзална сала треба да заврши наредната година.(целосната реализација на проектот ќе го надмине мандатот на Шилегов)

Фото: meta.mk
  1. Продолжување на бул. „Свети Климент Охридски“, со мост над реката Вардар и со тунел под Скопското кале и поврзување со булеварот „Никола Карев“ – НЕИСПОЛНЕТО

( Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.19 – октомври 2017) 

Нема ништо од стартот на изградбата на овој капитален проект со кој требаше да се намали сообраќајниот метеж во центарот на Скопје, да се зголеми мобилноста и протокот на возила, а истовремено се очекуваше тој да донесе позитивни еколошки ефекти од намалената емисија на гасови и бучава. На крајот на септември 2018 годдина Шилегов на прес-конференција со видеопрезентација го најави почетокот на постапката за проектирање на капиталниот градежен зафат „Тунелите под Кале“. Во септември минатата година Град Скопје го раскина договорот за проектирање на тунелите под Кале со турската фирма „Мега инженеринг консалтинг АД“, бидејќи не ги испочитувале роковите за изработка на проектот. Комплексниот инфраструктирен проект се заплетка во тендерските постапки, експропријација и имотно-правни препреки… Во меѓувреме градските власти изјавуваа дека нема да се откажат од овој капитален проект за Скопје и уверуваа дека до крајот на мандатот ќе почне реализацијата на долго најавуваната идеја за тунел под Кале, сообраќајница која постои во генералните урбанистички планови речиси 60 години. Сепак, тоа досега (01.10.2021) не се случи.

Фото: Принтскрин видео
  1. Спуштена раскрсница кај Мавровка го релаксираме најтесното грло во Скопје! – НЕИСПОЛНЕТО

(Извор: Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“  стр.20 – октомври 2017) 

Со овој комплексен сообраќаен проект, требаше да се реши метежот на една од најоптоварените крстосници во Скопје, но и да се намали аерозагадувањето во овој дел од градот. За да се зголеми протокот на раскрсницата, Шилегов пред четири години најави дека ќе се направи денивелација на сообраќајните ленти, додека пешаците и велосипедистите ќе бидат одвоени на посебни и безбедни патеки. Но, ваквите проекции не се остварија, досега (01.10.2021) нема никакви активности за изградба на спуштената раскрсница кај Мавровка. Шилегов на почетокот на годината во едно телевизиско гостувањето изјави дека оваа идеја е неизводлива поради непланската изградба на плоштадот „Скендербег“.

Фото: Принтскрин – skopje.gov.mk
  1. Проширување на „Александар Македонски“, т.н. „Северен булевар“ – ИСПОЛНЕТО

(Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.19 – октомври 2017) 

Минатата есен е реконструиран булеварот „Александар Македонски“ на источниот влез во Скопје. Таканаречениот „Северен булевар“ е целосно обновен во должина од околу 5,3 километри и лани во октомври е пуштен во сообраќај 

Источниот влез на Скопје
Фото: skopje.gov.mk
  1. Проширување на булеварот „Никола Карев“ –  ИСПОЛНЕТО

(Извор: Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“стр.19 – октомври 2017)

Во мај 2020 година заврши првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот „Никола Карев“,  на потегот од клучката кај Бит-пазар до влезот во касарната „Илинден“ (Пластичарска улица), со вкупна должина од 1.440 метри. Ова лето финишираше втората фаза од реконструкцијата на булеварот на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин Поток, во вкупна должина од 980 метри и на 17 јули оваа делница беше официјално пуштена во употреба.

Булевар „Никола Карев“ од „Илинден“ до Момин Поток,
Фото: skopje.gov.mk
  1. Ја пробиваме „Илинденска“! Нов мост кон „Ѓорче“! – НЕИСПОЛНЕТО

(Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.20 – октомври 2017)

Според тогашните планови на Шилегов, овој сообраќаен проект требаше да им обезбеди полесна сообраќајна комуникација со центарот на Скопје на жителите на населбите „Даме Груев“, „Ново Село“, „Кисела Јабука“ и Волково, а истовремено да овозможи и поврзување на овој дел од градот со обиколницата. Но, ваквите планови не се остварија. Две години по доаѓањето на градоначалничката функција Шилегов се откажа од пробивањето на „Илинденска“. Тој во декември 2019 година изјави дека „пробивањето на „Илинденска“ е возможно само ако Градот најде пари – што  е многу тешко, да се направи висечки мост долг 350 метри, а тоа пак, нема економска логика поради постоењето на бунарите на Лепенец“. 

Крајот на „Илинденска“ во Карпош 4         Фото:skopje.gov.mk
  1. Љубљанска преку Вардар, нов мост за Карпош и Скопје! – НЕИСПОЛНЕТО

(Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.38 – октомври 2017)

Мостот кој треба да ги спои улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, па преку булеварот „Словенија“ да ја поврзе Општина Карпош со Чаир, Бутел и Гази Баба, неодамна отпочна да се гради и според најавите на градските власти треба да биде готов до средината на 2023 година. Свечениот старт на изградбата на висечкиот мост беше на 26 август, а рокот за завршување е 18 месеци. Вкупната должина на новата сообраќајница ќе биде 940 метри, а самиот мост ќе биде долг 113 метри и широк 24 метри. Ќе има 4 коловозни ленти, пешачки и велосипедски патеки. (реализацијата на проектот го надминува мандатот на Шилегов)

Фото: Принтскрин видео – Град Скопје
  1. Еколошко и модерно решение за јавниот градски превоз (екоавтобуси) – ИСПОЛНЕТО

(Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.18 – октомври 2017) 

На градските линии во Скопје  сообраќаат 33 нови екоавтобуси, односно 21 нископоден автобус со поединечен капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со поединечен капацитет од 149 патници.

Фото: skopje.gov.mk
  1. Ја надградуваме улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар – ИСПОЛНЕТО

( Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.35 – октомври 2017)

Во средината на декември 2020 година заврши  изградбата на првиот дел од новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, потегот од улицата Македонско-косовска бригада до раскрсницата на улиците Александар Урдаревски и Ќемал Сејфула. Пролетва заврши и изградбата на втората фаза на булеварот, од крстосницата со улиците Александар Урдаревски и Ќемал Сејфула до булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, а на 19 мај тој беше пуштен во употреба.

Фото: skopje.gov.mk
  1. Западна порта на Скопје кружен тек кај мостот кон Сарај – НЕИСПОЛНЕТО

(Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.37 – октомври 2017) 

Досега (01.10.2021) не е изграден кружен тек кај мостот во Сарај. Вакво сообраќајно решение воопшто не беше ни спомнато во планираните проекти на Шилегов за 2021 година, како последна година од мандатот. Овој дел на влезот во Скопје од Тетово, важи за прилично небезбеден, таму честопати има сообраќајни несреќи, за што реагираат и жителите на Сарај кои бараат проблемот да се реши со изградба на кружен тек.

Фото: Принтскрин видео
  1. Градина на покривот на ГТЦ, нов јавен простор во центарот на градот! – ИСПОЛНЕТО

(Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.41 – октомври 2017)

Градскиот трговски центар во Скопје доби зелен покрив кон крајот на 2019 година. На простор од 1.800 квадратни метри се засадени над 3.600 разни видови садници. Поставени се и неколку фонтани, монтажна бина, шаховско поле, кафуле, модерна урбана опрема од клупи, корпи за отпадоци и паркинзи за велосипеди.

Зелениот покрив на ГТЦ
Фото:skopje.gov.mk
  1. Нова гимназија „Кочо Рацин“ за последното школо без своја зграда! – НЕИСПОЛНЕТО

(Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.37 – октомври 2017) 

Досега (01.10.2021 г.) не е изградена нова зграда за гимназијата „Кочо Рацин“. Ова средно училиште сè уште се наоѓа во монтажните бараки од англиски тип во населбата Ѓорче Петров, изградени како времен објект пред речиси 60 години, поточно по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.  До моментот кога е пишуван овој текст нема информации за тоа дека се направени или се во тек некакви активности за реализација на проектот „Нова гимназија „Кочо Рацин“.

Постојната монтажна барака на СУГС „Кочо Рацин“
Фото: Принтскрин sugskocoracin.edu.mk
  1. Гимназија „Кузман Јосифовски Питу“ НЕИСПОЛНЕТО

(Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“  стр.34 – октомври 2017) 

Досега (01.10.2021) не е направено ново средно училиште, гимназија „Кузман Јосифовски – Питу“. Изградбата на  гимназијата не е ниту започната. Ваков  објект не беше спомнат ниту во проектите за кои Шилегов најави дека ќе се градат во оваа последна година од неговиот мандат.

Општина Аеродром
Фото: aerodrom.gov.mk
  1. Бесплатен јавен превоз за средношколци – ИСПОЛНЕТО

(Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.31 – октомври 2017) 

Од септември 2018 година Град Скопје овозможи бесплатен превоз за сите скопски ученици, независно од оддалеченоста на домот од училиштето. Претходно бесплатни слободни карти им следуваа само на учениците на кои училиштето им е одалечено повеќе од 2,5 километри од нивните домови.

Фото: skopje.gov.mk
  1. Нов градски парк со ботаничка градина – НЕИСПОЛНЕТО

(Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.38  – октомври 2017)

Просторот за новиот градски парк со ботаничка градина  во близина на СЦ „Борис Трајковски“ покрај булеварот „Илинден“, почна да се расчистува во март минатата година. Но, освен расчистување на овој терен долж кејот на реката Вардар – после Алпинистичката карпа до бунарите на  Лепенец, досега (01.10.2021) немаше никаква друга активност околу изградбата на ветениот парк. Тимот на „Вистиномер“ ја посети локацијата на којашто треба да биде овој нов парк со ботаничка градина, но таму нема парк,  ама на дел од површината забележавме дека се одвиваат градежни активности за нови станбени згради.

Локацијата во Карпош каде што требаше да биде новиот парк со ботаничка градина Фото: Вистиномер
  1. Скопјани ќе добијат нов Луна парк – НЕИСПОЛНЕТО

(извор: Лидер – август 2018; Тајм – мај 2019) 

Во март градските власти најавија дека годинава треба да се изработи проект и да почне изградбата на забавниот парк, а тој би бил готов во 2023 година. Реализацијата на забавниот парк е предвидено да се одвива фазно во периодот од 2021-2023 година и тоа: проектирање во 2021 година, изградба на инфрастртуктура, супраструктура и објекти во 2021 – 2022 година и набавка на опрема – реквизити и нивно монтирање: 2021 – 2023 година. Досега (01.10.2021) изградбата на забавниот парк сè уште не е започната.

Проект за новиот забавен парк што го претстави Шилегов во 2019 година Фото: Официјален ФБ профил на Град Скопје
  1. Затворање за сообраќај на кејот кај ГТЦ, шеталиште наместо автопат! – ИСПОЛНЕТО

(Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр .41 – октомври 2017) 

Реконструкцијата на кејот „13 Ноември“ во Скопје е завршена и тој на 26 јули беше свечено пуштен во употреба. Кејот, на потегот од градскиот плоштад до булеварот „Стив Наумов“, има ново партерно уредување од околу 12.500 метри квадратни. Во рамките на реконструкцијата е изведено целосно ново поплочување, патека за лица со инвалидитет, поставени се нови клупи, корпи за отпадоци, нови жардиниери за дрворедот. На кејот сега има нови канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализирање на забраната за паркирање, а терасите коишто ги користат угостителските објекти се унифицирани со исти димензии.

Фото: skopje.gov.mk
  1. Изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“,  од улицата Натанаил Кучевишки до Обиколница – рок:18 месециИСПОЛНЕТО

(Извор: А1 ОН, Тајм.мк  – септември 2018 г) 

Потегот на булеварот булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ – од крстосницата со улицата „Натанаил Кучевишки“ до скопската обиклоница, е изграден и официјално пуштен во сообраќај на почетокот на мај минатата година.

Фото: Фејсбук профил на градоначалникот Шилегов – принтскрин
  1. Реконструкција на булеварот „АСНОМ“ – ИСПОЛНЕТО

(Извор: Нетпрес, Тајм.мк – март 2018) 

Реконструкцијата  на булеварот „АСНОМ“  на потегот од крстосницата со булеварот „Васко Карангелески“ до крстосницата со булеварот „Србија“ кај мостот „Близнак“, заврши во мај минатата година. Ова, фактички, е првата од трите фази за изградба на овој булевар, кој во наредниот период преку новиот мост на реката Вардар – којшто е во завршна фаза на изградба, треба да се поврзе со булеварот Гоце Делчев во Општина Гази Баба (кај Ќерамидница), со што Аеродром ќе добие и нова сообраќајна релација кон Центар.

Фото:skopje.gov.mk

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција