Вжештување на увезените идеолошки судири засилени преку напливот на дезинформации

Фото: Мета.мк

„Меѓукултурните војни“ (culture wars), односно идеолошкиот судир помеѓу левицата и десницата, стана доминантна тема во политичкиот дискурс во САД. И двете страни се обидуваат да ја претстават својата вистина и својот поглед на светот како единствено исправно, додека „тие, другите“ се силата на злото, која сака да го уништи човештвото. Ваквите увезени идеолошки судири со сета своја нетрпеливост кон противникот пристигнаа и кај нас 

„Меѓукултурните војни“ (culture wars), односно идеолошкиот судир помеѓу левицата и десницата, стана доминантна тема во политичкиот дискурс во САД. И двете страни се обидуваат да ја претстават својата вистина и својот поглед на светот како единствено исправно, додека „тие, другите“ се силата на злото, која сака да го уништи човештвото. Ваквите увезени идеолошки судири со сета своја нетрпеливост кон противникот пристигнаа и кај нас 

 

Пишува: Наум Локоски

 

Ваквата вжештена реторика од социјалните мрежи и кампусите на американските унверзитети со текот на времето своето место го најде во мејнстрим политиката, особено со влегувањето во политика на порашениот претседател на САД, Доналд Трамп. Во обидот да привлече нова група на гласачи која претходно се наоѓаше на маргините, Трамп почна реториката на поделба да ја користи во своите говори, што само го засили процесот на ширење на теориите на заговор од екстремните групи до пошироките маси. Десничарската група „Кју-анон“, од 2017 година со дезинформации и измислици се обиде да прикаже некаков заговор против Трамп од група на сатанисти, канибали, кои се занимваат со трговија со деца. Ваквите „сатанисти“ и „канибали“, „педофили“, итн, често беа највисоки политичари од политичките противници од демократските редови или моќни американски бизнисмени познати во целиот свет.

Со ваквата реторика „меѓукултурните војни“ од идеолошка битка помеѓу левицата и десницата, екстремните десничари ги направија во офанзива на дезинформациите во која почна да страда  вистината. Интернетот и социјалните мрежи помогнаа ваквите наративи многу брзо да ги напуштат САД и дезинформациите и теориите на заговор насочени против политиките на либералните западни земји се одомаќинија во многу земји, вклучително и Северна Македонија. Десничарските „војници“ во оваа „меѓукултурна војна“ редовно ги напаѓаат правата на абортус, правата на ЛГБТИ+ заедницата, шират дезинформации против Бил Гејтс, Клаус Шваб, Светскиот економски форум и западните лидери, против придобивките од 5Г технологијата во телекомуникациите… Но, најголема штета сигурно нанесоа за време на пандемијата на КОВИД-19, кога беа и најгласни противници против носењето маски и вакцините, индиректно предизвикувајќи смрт на илјадници лица. Тоа што е заедничко за сите вакви ликови, автори и дисеминатори на дезинформациите и теориите на заговор е што секогаш нудат авторитарни лидери, кои, според нив, се борат за некакви традиционални вредности, како алтернатива на либералните западни вредности.

 

Спецификите на „меѓукултурната војна“

Ваквите наративи, речиси координирано се пренесуваат и во С. Македонија од страна на група корисници на социјалните мрежи, кои генерално ги преведуваат и повторуваат истите дезинформации и теории на заговор, напаѓајќи ги либералните вредности, во обид за некаква заштита на традиционалните вредности и децата.

Помеѓу најсподелуваните наративи се тие оние абортусот и теориите на заговор дека вакцините против КОВИД-19 предизвикувале спонтан абортус или дека абортирани фетусни клетки има во храната и пијалоците на некои од најголемите западни брендови.

Фото: pixabay.com

 

Критиките против абортусот се во насока на заштита на традиционалните семејни вредности и согласно заговорот дека „светската елита сака депопулација на земјата“. Често овие наративи кокетираат со политиката (правилата за абортус од времето на Н. Груевски), а во сличен контекст се вклучува или ја вклучуваат и религијата, т.е. верските заедници (МПЦ-ОА и ИВЗ). Наративите против абортусот во С. Македонија се повторуваат изминативе десетина години, се извртуваат освоените права и медицински индикации за абортусот и тој се поистоветува со „право на смрт“ или убиство. Популарните споделувачи на ваквите теории на заговор, обидувајќи се да креираат паника и фронт против абортусот, го поврзаа овој медицински процес со вакцините против КОВИД-19. Покрај лажните тврдења дека вакцините содржеле алуминиум и жива, теоретичарите на заговор одеа дотаму дека вакцините содржеле и ткива од абортирани машки фетуси. Теоретичарите на заговор споделуваа видеа и содржини, креирани од десничарските американски кругови во кои се тврди дека клетки од бубрезите на абортирани фетуси се користат во производите на „Пепси“, „Крафт“, „Нестле“ и „Кемпбелс“.

„Вистиномер“ досега неколкупати има пишувано дека вакцините против ковид-19 не содржат абортирани фетуси, ниту, пак, бубрези од мајмуни или пилешки ембриони. Како и за фактот дека вакцините против ковид-19 не ја менуваат вашата ДНК.

 

Отпорот кон сексуалното образование е резултат на теориите на заговор

Во иста насока се и сè почестите напади против Сеопфатното сексуално образование и тврдењата дека тоа промовира педофилија. Припадниците на „Кју-анон“ се обидуваа да претстават постоење на некаква длабока држава и мрежа на педофили која врши меѓународна трговија со деца. Според „Кју-анон“, кој има и поддржувачи и „војници“ и во земјава, поранешниот американски претседател Трамп е спасител на децата, кој ја сопрел ваквата трговија. Откако аферата „Пицагејт“ од 2016 година спласна, а случајот со обвинетиот американски финансиски магнат Џефри Епстин заврши кога тој се самоуби во својата ќелија во њујоршкиот затвор, „Кју-Анон“ го презеде наративот за поврзаноста на американската либерална политичка, холивудска и бизнис-елита со педофилија и сатанизам, а Трамп е претставуван како големиот спасител на децата од канџите на злото.

Фото: Принтскрин ФБ пост

 

Ваквите теоретичари на заговор во С.Македонија ставаат знак на равенство меѓу педофилијата и сеопфатното сексуално образование, што е невистина, клевета и претставува дел од долгорочната пропаганда која одредени кругови, противници на сексуалното образование ја промовираат со месеци. Ваквите ставови ги надополнуваат со дезинформацијата дека во Америка академиците сметале оти педофилијата била сексуална ориентација и требало да биде прифатена како таква од општеството, како и тоа дека во земјава со програмата за сеопфатно сексуално образование се промовирала  „пилот педофилија“.

Ваквите тврдења беа демантирани од страна на ХЕРА, но и од официјалните документи, како пилот програмата за сексуално образование.  Педофилијата е често споменувана и во контекст на ЛГБТИ+ правата, кои ваквите теоретичари, се обидуваат ЛГБТИ+ луѓето да ги претстават како „отпадници“ од нормалното, т.е. „болни“, западна измислица и како обид да ги стават во контекст на некаква агенда која ги руши нивните вредности.

Ваквиот наратив често го користат авторитарните лидери и политички фигури во Европа и САД, и со потпалувачка реторика се обидуваат да освојат гласови, а неретко тоа се пресликува и кај нас со ширење на дезинформации.

И покрај сите овие примери на дебати, кои се пресликани во нашето општество и општествен дискурс, сепак, највпечатливи се оние со директни напади на личности и политичари од западниот свет, кои се предводници на либералните западни вредности.

 

Бајден – предавник!

Еден од таквите е американскиот претседател Џо Бајден. По доаѓањето на власт на Бајден, приврзаниците на Трамп започнаа кампања до дезинформации против него, обидувајќи се да го претстават како предавник и неспособен за извршување на функцијата претседател. Доста често се споделуваат монтирани и сечени видеа и изјави со цел да се претстави Бајден како злото и противник на традиционалните вредности како што си ги замислиле. Дезинформациите одат дотаму што дури беше споделено дека Бајден бил убиен и заменет со глумец или клон. Токму нападите кон Бајден како лидер на САД, кои се сметаат за предводник на либералниот запад, се насочени кон уривање на либералните вредности и обид да се понуди авторитарна алтернатива на демократскиот запад. Манипулациите поврзани со Бајден и САД доста често се адаптираат и на „домашниот пазар“ и се креираат дезинформации од локален или регионален карактер.

Фото: Принтскрин видео

 

Ваквите т.н. „меѓукултурни војни“ на десницата во земјава се целосно пресликани и увезени однадвор, но со идентична цел, да се напаѓаат либералните вредности и да се обиде да се сврти јавното мислење против Западот. Повикувањето на почитувањето на некакви традиционални семејни вредности неретко е придружувано со промоција на авторитарни лидери како Путин, Трамп, Ердоган, Орбан…

 

Авторитаризмот и „македонското национално чувство“

Величењето на овие лидери, а особено на рускиот претседател, Владимир Путин, често оди и во насока на градење блиски односи меѓу С. Македонија и Русија, со цел заштита и промоција на македонското национално чувство. Ваквите наративи се збогатени со дезинформациите дека западната цивилизација и либералниот пазар водат кон смрт и уништување на „домородното европско население“, додека Русија се претставува како „последен бастион на традиционалните вредности“ во Европа.

Фото: Исечок од видео на Kremlin.ru од Парадата на победата во Москва 09.05.2022 г.

 

Тоа што е може да се извади како константа за целата ова „меѓукултурна војна“ базирана на дезинформации, лажни вести и теории на заговор, е што доста често Русија се вмешува на страна на традиционалистите и поддржува радикални десничари во западните земји. Телевизиите финансирани од руската држава како „РТ“ и „Спутник“ долго време зрачеа во либералните западни држави, а пропагандата пласирана од нив која беше со цел да се подрие довербата во западните системи, неретко се споделуваше од страна на десничарските групи. Франција неодамна разоткри обемна руска кампања чија што цел била да се подрие поддршката од Западот за Украина, извести француската државна агенција Viginum, чија намена е борба против странски дигитални вмешувања. Војната во Украина значително ги засили ваквите дезинформации и лажни вести кои се шират на Западот и особено на Балканот, а произлегуваат од „руските кујни“.

 

Ризикот „маргиналците“ да станат „мејнстрим“ не е мал

Увозот на ваквите „меѓукултурни војни“ во С.Македонија, проследени со низа на дезинформации, лажни вести и манипулации претставува опасност по демократијата и дополнително го прошируваат општествениот јаз. Засега ваквите дебати остануваат на маргините токму поради тоа што тие не потекнуваат изворно од проблемите на општеството, туку се увезени за туѓи интереси. Но, фактот што следната година во земјава има и претседателски и парламентарни избори, фактот дека најмногу виреат на социјалните мрежи, како и фактот дека голем дел од младата популацијата се информира за политички настани од социјалните мрежи – го зголемува ризикот „маргиналците“  да станат важен момент во предизборната кампања. Тоа може да доведе до дополнителна поларизација и поделби на општеството, војна меѓу партиите, а не политички натпревар.

Фото: vlada.mk

 

Зашто во борбата за гласови, кога доминира екстремната реторика и на лево и на десно, партиите неретко знаат да се додворуваат на ваквите групи на граѓани, па и тие започнуваат да употребуваат поекстремни говори и предлагаат политики од крајните точки на политичкиот спектрум. Ваквата пракса ја видовме минатата година, пред, за и по прифаќањето на тн. француски предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ, кога партиите од опозицијата, помогнати од невештата власт во однос на транспарентноста, користејќи дезинформации и спинови се обидуваа да мобилизираат поддршка со користење на реторика која ги разгорува националистичките чувства и може да доведе до меѓуетнички судири.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција