ТОП 5 теории на заговор во С. Македонија за 2023 година

Фото: Wikiimages, by Pixabay

Пропаганда од Кремљ за војната во Украина, вакцини, Кју-анон, климатски промени, како и теории на заговор за различни моќни лица, беа најсподелуваните теми претходната година. Штетното влијание на вакцини и намалување на сериозноста за климатските промени се теми што се повторуваат секоја година, а други како движењето Кју-анон беа особено поплурани во 2023та. Константа е, дека темите често се поврзани едни со други

Пропаганда од Кремљ за војната во Украина, вакцини, Кју-анон, климатски промени, како и теории на заговор за различни моќни лица, беа најсподелуваните теми претходната година. Штетното влијание на вакцини и намалување на сериозноста за климатските промени се теми што се повторуваат секоја година, а други како движењето Кју-анон беа особено популарни во 2023та. Константа е честата поврзаност на темите една со друга

 

Пишува: Матеј Тројачанец

 

Со почетокот на новата година се пружа и можноста да се направи преглед наназад на најпопуларните теории на заговор што беа споделувани во С. Македонија. За секоја тема Вистиномер има бројни написи каде ги дебанкира истите. Тука ќе ги издвоиме дел од нив.

 

Украина, Зеленски и пропагандата на Кремљ

За помалку од два месеца ќе се одбележи втората година откако започна Руската инвазија на својот сосед, Украина. Оваа војна, која Кремљ ја нарекува „специјална воена операција“, претставува прва голема војна на европско тло по Втората Светска Војна, каде една суверена држава врши инвазија на друга суверена држава. Во моментов, Русија војува со конвенционални оружја и методи на военото поле, но руската пропаганда машина војува со светските медиуми и интернетот не само да се претстави себеси во позитивни светло, туку и да го оцрни имиџот на својот противник – како Украина и нејзината војска, така и нејзиниот лидер, претседателот Володомир Зеленски. Дел од овие дезинформации се базираат врз класични теории на заговор за Украина и Украинците.

Од самиот почеток на војната имаше наплив на дезинформации за тоа зошто го нападнаа својот сосед. Прво, се ширеа неосновани и манипулативни вести за тоа дека претседателот Зеленски е нацист, односно го споредуваа со лидерот на Нацистичка Германија, Адолф Хитлер. Како „докази“ ја споделуваа оваа слика со фудбалкси дрес каде има свастика – фотографијата беше проверена од АФП кои потврдија дека истата е манипулирана и во неа е додаден Зеленски. А, рускиот претседател Владимир Путин, уште од самиот почеток на војната ги опиша лидерите на Украина како „зависници од дрога и нео-нацисти“.  Но, потоа централниот наратив се промени, со што причината за војната беше тоа што Путин ги брани традиционалните вредности, т.е. „Бог, Црквата, семејството, родот и човекот“. Односно, дека Русија не само што е војна со „безбожните сатанисти во Украина“, туку дека овие западни вредности се дел од глобална агенда да се уништи државата. Со други зборови, Путин тоа го повтори и во говор каде ги обвини Украина и Западот за започнување на војната и сето тоа датира уште од „прекршеното ветување“ на САД и Европа дека нема да се шири НАТО.

Поштенски марки со „херои“ од Втората Светска Војна. Една од техниките на манипулација за да се докаже теоријата на заговор дека сите Украинци се нацисти

Како главно „оружје“ на Кремљ се манипулациите со аудио и видео снимките (т.н. Deepfake), манупулација со фотографии, како и поистоветување на украински симболи и општествени обележја со оние на нацизмот и фашизмот од Втората светска војна. Со оглед на бројот на дебанкирани информации на оваа тема, она што може да се заклучи е дека постои конкретна стратегија за поткопување на кредибилитетот на Украина и Зеленски.

 

Климатски промени

Војната против науката за климатските промени трае веќе од поодамна. Противење на наодите од научни истражувања, кои велат дека причините за промените во климата се антропогенетски, односно настанати од човекот со користење на фосилни горива, започнува уште во седумдесетите години на минатиот век. Но, овие противења стануваат сè погласни во следната деценија, така што нафтените компании како Ексон го намалуваат фондот за истражување на последиците од користењето на нивните производи за да се прикрие штетното влијание на карбохидратите врз климата и потплатување на научници кои активно би ги поткопувале доказите што самите го откриле во претходните години и децении.

Со формирањето на меѓу-владиниот панел за климатски промени, познат како IPCC во 1988 година може да се каже дека неофицијално започнува војната против науката. А, како конкретен настан се издвојува и неуспешниот Кјото протокол, со кој што во 1997 г. државите требаше да се обврзат да ги намалат емисиите на стакленички гасови во наредните декади.

Современите теории на заговор ретко се движат надвор од веќе користените тактики, но со помош на социјалните мрежи, брзина и количината на истите се зголемува. Најчесто, параметрите што се користат за да се потврди количеството на стакленичките гасови како јаглерод диоксид (СО2) и метан (СН4) се негира дека се на највисоко ниво, и дека всушност тие се составен дел од нашата животна средина. И покрај тоа што IPCC има изработено шест извештаи во последните декади, како во првиот, така и во последниот извештај се потврдува дека „човечките активности, главно преку емисиите на стакленички гасови, недвосмислено предизвикуваат глобално затоплување“.

Во друга насока, во отсуство на факти за одредени други феномени, како кондензација, односно облаци на голема надморска височина формирани од издувните гасови на моторите на авионите, кои се состојат главно од честички од замрзнување вода, таквите феномени се користат како погрешни аргументи за непостоењето на климатски промени. Во објавата лажно се споделува дека, всушност, облаците што се формираат од авионите се некакви агенси, прскани да им се наштети на луѓето и што се држат во тајност од истите.

Понатаму, една од тактиките што се користат е не само да се дава кредибилитет на сомнителни „експерти“, туку и да се поткопува истиот на лица кои активно работат на оваа тема. За време на овогодинешната конференција, шпанската Министерка за еколошка транзиција, Тереса Рибера, беше лажно претставена како да користи приватен авион и лимузина за да дојде на настанот, а неколку метри потоа вози велосипед. Покрај тоа што е лесно проверлива лага, она што може да се воочи е дека аргументите се недоследни, односно се користат само тогаш кога им оди во полза.

Фото: Поврзуваат ХААРП со вакцините – целта била контрола на популацијата

Како што беше споменато, теориите на заговор најчесто се тесно испреплетени меѓу себе. Неретко се случува кога се верува во една, да се верува и во друга теорија, односно дека корона вирусот, вакцините, климатските промени и ХААРП системот се „поврзани“. Повторно е видлива логичката недоследност во тврдењето дека, од една страна, климатските промени не постојат, а од друга дека се дека се вештачки и дека за тоа е виновен ХААРП. Лажниот наратив за тоа дека вакцините се планирани да не контролираат се користи паралелно и со наративот дека ХААРП ја контролира нашата клима. Она што е лесно воочливо е дека темелот на овие верувања се дека се користи инструмент да се контролира населението, а верувачите во овие идеи, кои не се малку, се единствените што ја гледаат „вистината“.

 

Вакцини – науката не им значи ништо на антиваксерите

Може да се каже дека модерното движење против вакцините го достигна својот врв за време на ковид-19 пандемијата. Но, малку познат факт е дека ова движење ги има зачетоците уште во крајот на деветнаесетиот век. Аргументите, како и тогаш, така и сега, се базираат на граѓанската слобода на избор, наспроти државната обврска да ги заштити луѓето од разни болести.

Но, пред кулминацијата на ова движење во текот на Ковид-19 пандемијата, тоа доби многу голем публицитет на крајот на дваесетиот век со скандалот околу научното списание за медицина „Lancet“. Главниот виновник за тоа е Ендру Вејкфилд, кој со лажни податоци објавува статија каде ги поврзува детската вакцина МРП (морбили, рубела и паротитис, т.е. заушки) со причините што предизвикуваат аутизам. Оваа статија не само што на суд се покажа дека не ги почитувала етичките начела за истражување – „Lancet“ ја повлече статијата – туку се покажа дека Вејкфилд имал конфликт на интереси кога адвокатот Риџард Бар го најмил да креира докази за штетата од вакцините.

Несомнено е дека теориите на заговор од овој карактер нема да бидат нови, ниту инвентивни. Објави кои сакаат причинско-последично да ги поврзат вакцините и аутизмот се редовно дебанкирани од Вистиномер. Сепак, влијанието на Вејкфилд е големо во С. Македонија, што се објаснува и со фактот дека сме на второ место по број на невакцинирани деца во Европа и Централна Азија.

Но, предизвикување на аутизам не е единствениот аргумент со што се плашат новите родители. Неретко се случува вакцините да се претстават дека се отровни за деца. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека годишно вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од најразлични болести.

Ефикасноста на вакцините беше најочигледна за време на и по ковид-19 пандемијата. Заради зголемената смртност од корона вирусот, се ширеа лажни објави дека, всушност, вакцините се причината за тоа.

Фото: Arek SochaPixabay

 

Моќни лица – мора да се злосторници

Зад скоро секоја теорија на заговор нужно мора да стои и причинител, односно двигател на настаните. А, тоа најчесто го можат само оние кои имаат некаква моќ – финансиери како Џорџ Сорос, политичари како Џо Бајден или бизнисмени како Бил Гејтс.

За време на пандемијата, Гејтс беше оној за кого најмногу се ширеа лажни вести, зашто тој донираше најмногу средства во глобалниот фонд за борба против корона вирусот. Најчести објави беа околу тоа дека е „вакцинален злосторник“, односно е претставен како „злосторник против човештвото“, зашто, наводно, сака да направи депопулација на населението со вакцините – факт што не е дел од реалноста. Исто така, некои од теориите велат дека Логото на Алијансата за дождовни шуми е отровна жаба и е знак дека се консолидира моќта. Патем, ознака дека за производот се користени одржливи методи на производство, а Бил Гејтс и неговата фондација формално имаат дадено само еден грант на Алијансата во 2007 година – е нешто што Вистиномер го рецензираше оваа година.

Фото: Една од теориите на заговор за Бил Гејтс

Друго лице кое е претсавувано како неизмерно страшило е филантропот Џорџ Сорос. Заради финансискиот успех и влијание, но и заради неговото еврејско потекло, тој е мета на многу теории на заговор – како од домашни актери, така и од странски. Неодамна се пишуваа неточни објави дека Сорос ги купил српските „Имлек“, „Суботичка Млекара“, „Бамби“ и „Књаз Милош“ и дека само поради тоа има „криза“ на млечни производи. Дополнително, со промената на раководството на Фондација Отворено општество, синот Александер Сорос, исто така, стана мета на дезинформации. Поточно, по преземањето на менаџерската улога на Фондацијата се пласираа измислени изјави за неговиот наводен план да цензурираат конзервативците на интернетот.

Од оние побизарните, се ширеа дезинформации за половата припадност на поранешната прва дама на САД, Мишел Обама. Овие небулозни теми се проверени како лажни дури и од сервисите Ројтерс и Политифакт, а останува и белешката на Вистиномер на оваа тема, дека ваквите објави особено почнаа да се размножуваат откако Мишел Обама отворено го поддржа Џо Бајден за време на претседателската трка во 2019 година. По неговата победа, претседателот Бајден беше, исто така, дел од лавина лажни вести и дезинформации. Генерално, тие се движат во извртување на она што го кажува, да се оцрни неговиот имиџ, да се покаже дека се здобил со лажни телесни повреди по вистински настан каде се сопнува, се покренува прашањето за неговите когнитивни способности и слично.

 

Кју анон – „фабрика“ за теории на заговор

Како последна тема што ќе биде разгледувана е „Кју анон“, односно движењето што продуцира разни теории за заговор. Со почеток во 2017 година од американската екстремно десничарска политичка констелација на коментатори, политичари и новинари, централниот фокус се префрла на измислени тврдења дека постои кабала на педофили што го величат сатаната, особено од политичари од американската Демократската партија и останати богати лица. Заради тоа што оваа теорија на заговор се шири на светски рамки за време на мандатот на Доналд Трамп, тој неосновано се гледа како спасител на децата од педофилија и трговија со луѓе.

Но, Кју-анон следбениците ја прошируваат војната и надвор од границите на САД. Се наоѓа и на воените полиња во Украина, каде лажно објавуваат дека војната се води за да се „чисти од сатанисти“ и неточни вести дека Западот ја започнал војната за да може да го спроведе „големиот ресет“ – теорија што Вистиномер ја има рецензирано во повеќе наврати. И не е само Украина. Исто така, Кју-анон неточно тврди дека војната во Газа е оркестрирана од моќни елити за да можат да убиваат деца и да ја пијат нивната крв.

Фото: Една од рецензиите на Вистиномер за Кју анон

Кју-Анон се прошири и во С. Македонија. Кај нас, ваквите наративи се речиси целосно координирани од група корисници на социјални медиуми кои ги споделуваат истите дезинформации и теории на заговор, спротивставувајќи се на либералните вредности. Со тоа, целта е да се „заштитат традиционалните вредности“, а посебен акцент е ставен на заштита на децата. Консеквентно, се создава сериозен отпор кон сексуалното образование што е директен резултат на ваквите теории на заговор. Кју-анон наративите кулуминираа со тоа што трагичната смрт на 14-годишната Вања беше искористена како лажен доказ за тоа дека светските елити киднапираат деца за малициозни намери.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција